РУСКИ СОН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:194:"Сечувадемократијата.Одтиештобараатдемократија.Еееј...Наевропскипортичукаме.Азаслободазбориме

    1.   Каква е таа глупава дилема дали сме биле за Русија или за Америка. Демек дошло време да се изјасниме. Што има да се изјаснуваме. Ни за Русија, ни за Америка. Сите сме за ВМРО. И – ајт со здравје, како што би рекла Гоца на телефон.
    До сега немавме доволно поделби, па сега и оваа ни фалеше. Божем ова е 1948 година и големото “Не” на Тито. Море Мајдан, море украинско сценарио, море Кличко, море Донбас, море јужни текови, турски текови… А при тоа и власта и опозицијата сакаат да ја видат државата во ЕУ и НАТО. Или барем никој јавно не кажал дека не сака во ЕУ. Од сите триста-четиристотини илјади избегани од државата, од обични работници до елитата од инженери и лекари не сум чул дека повеќето бегаат за Русија. Сите се распрснати низ Америка и ЕУ. А и на тие 90.000 што земаа бугарски пасоши, сигурно им требале за полесно да патуваат за Русија, нели? Оти Бугарите одвај чекале да им се отворат руските граници. Наместо американски сон, тие мечтаат за остварување на рускиот сон. Оти само Русите не му бараат оставка на Груевски.
    Туку проблемот е што во овие 25 години колку што Македонија се труди да избега од еднопартизмот сме заборавиле што е граѓански интерес и граѓанска иницијатива. Па сега кога разни групи незадоволни граѓани се истурија на улица, одеднаш се прави трагедија од планетарни размери. Оти ептен било значајно Македонија чија страна ќе фати. Џанам, ние сме таа капка што ќе го наруши балансот на планетата Земја.

    2.   Министерот за надворешни работи на Германија Валтер Штајнмаер пред неколку дена изјави дека инцидентот во Куманово ја затекна Европа и ја наведе вистински да се фокусира на она што се случува во Македонија. Е па добро утро. Рано ви текна.
    Не да ја запоставија Македонија, туку ја заборавија. Од 2008 година нè оставија да чекаме, да чекаме, да чекаме, да чекаме… И уште да чекаме, да чекаме… И еве што дочекавме. Да мора да избираме меѓу Русија и Америка. А Германија да се секира што ќе избереме.
    Туку се плашам дека ова не е 1948 година. Туку 1945. Кога ја слушам химната на последниве митинзи стиховите добиваат реална димензија. Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата. Старо, младо, машко и женско на нозе се кренало… Еееј… За слобода збориме, а на европски порти чукаме. Демек Европа без граници, демократија, човекови права, слобода на говор, социјална правда, рамноправност пред Уставот и законите… А ние пееме Македонците се борат за своите правдини. До сега не ни размислувавме за значењето на зборовите.

    3.   Груевски уште не сфаќа дека Заев не му е проблем. Ни СДСМ не му е проблем. Бранко пак ич не му е проблем, не знам зошто воопшто уште го споменува.
    Незадоволството не доаѓа од опозициските партии. Туку граѓаните обединети поради проблеми по различни основи. Кои Груевски сè уште не сака да прифати дека постојат, само затоа што меѓу нив не препознава свои гласачи. Тоа се освестени студенти, притиснати професори, созреани средношколци и загрижени родители што среќата за иднината на своите деца ја гледаат надвор од Македонија. Тоа се обезвреднети архитекти, понижени лекари и очајни пациенти комплет сосе нивните семејства. Тоа се селективно казнувани приватни фирми сосе газдите и вработените во нив. Тоа се исплашени судии и граѓани кои не веруваат дека можат да најдат правда на суд. Тоа се замолчени новинари што веќе не смеат ни да прашуваат. Тоа се два пати ограбени хонорарци. Тоа се луѓе од маргинализирани ранливи групи. А тоа се и разочарани ВМРО-вци.
    Може Груевски да се повикува на тоа дека легитимитет му дава 500.000 освоени гласови. Ама и гласот на незадоволните е еднакво важен како и гласот на задоволните. И тој не може да го игнорира.
    И да го уапсат Заев и да пропадне СДСМ, тие луѓе нема да исчезнат. Башка, што е толку страшно ако не си задоволен од владината политика.

    4.   Во кое време живееме ние сега кога фразата “Одам во партија” или “Од штабот ми се јавија”, или “Добив порака од партија” има животно значење. Роден сум во шеесеттите, сум растел во седумдесеттите, сум се школувал и сум почнал со работа во осумдесеттите, ама не можев ни да претпоставам дека во повеќепартиска демократија партијата ќе игра толку судбинска улога за толку многу луѓе. Ова сега е или партија или крај.
    Како што на Груевски пред 10 години му дадовме историска шанса од Македонија да направи нормална земја и да го прекине транзицискиот синџир, така и сега кој и да сака да профитира од оваа состојба на незадоволство треба да има на ум дека граѓанинот е поважен и од сите партии заедно и од нивните лидери. Ова граѓанско будење покажува дека во иднина кој и да сака да дојде на власт, ќе мора сериозно да смета на луѓето што не трпат партиска олигархија. Тоа се луѓе што одбиваат да влезат во чиј било список, да бидат заокружени во чие било тефтерче. Одбиваат да прифатат некој да им ги брои лајковите на Фејсбук. Не сфаќаат што значи фразата задолжително спонтано собирање. Тоа се луѓе кои мечтаат за држава во која едноставно не сакаат да им ги знаат имињата на политичарите. Може ќе дознаат за некој министер кога ќе плати приватна вечера со службена картичка, па за тој грев ќе си даде оставка и – тоа е тоа. Тоа се луѓе кои можат да и` докажат на секоја власт дека е сменлива. Си гласаат на избори, или не си гласаат, ама не се плашат дека следниот ден драматично ќе им се смени животот оти ќе останат без работа. Има живот и надвор од партијата.
    Така што, џабе му е на Заев да ветува дека ова зло нема да се повтори, ако прво не расчисти и со неговите што се подготвени да го повторат злото.

    5.   Во Скопје во кампот пред Владата се протестира со барање за демократија. Во кампот пред Собранието се чува демократијата. Од тие што бараат демократија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари