СААТ ПЛУС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:145:"Утреќегитепаатдебелите.Ималипоочигледендоказзасубверзивнооднесување?

    1. Претседателот Ѓорге Иванов тера веќе втор мандат, ама сè уште се прави како да не е од тука. Во говорот на свечената академија по повод празникот 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба, рече: “Неопходна ни е сплотеност меѓу власта и опозицијата, меѓу Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, меѓу христијаните, муслиманите, Евреите и атеистите за да успееме да истраеме во нашата цел за просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска и евроатлантска република Македонија”.
    Секогаш кога имало кризни моменти и кога требаше да се покаже како татко на нацијата, тој имаше попаметна работа, па бегаше на разни калинкијади, празијади и чваркијади. Ги испотпиша без збор сите закони што ги гласаше мнозинството, а со кои видно се ограничуваа права и слободи загарантирани со Уставот. Дури и кога странците му ја свиткаа раката да направи некаква комисија за да го расчисти несреќниот 24 декември од пред две години, дозволи документот од нејзината работа неговите да го третираат како тоалетна хартија. И по сето тоа, ќе се појави на празник и ќе ни раскажува поезија како мудрецот од планината што се симнал меѓу народот.

    2. Добро е што имаме празници. И добро е што лидерите на вакви празници ни се обраќаат со честитки. За да видиме колку успеаја да ги обезвреднат зборовите кои ги кажуваат. Како, на пример. зборот “сплотување” што беше заштитен знак на овој 23 Октомври.
    Оти исто како Иванов, и премиерот Груевски спомена сплотување во честитката што им ја упати на граѓаните. Кажа дека аманетот нè тера да ја продолжиме борбата за “економски развој, воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот”. Ама “за постигнување на оваа цел е потребно единство и сплотеност околу важните и суштински прашања за напредокот на државата, потребно е меѓусебно почитување и разбирање, градење на доверба која ќе се темели на добрите дела кои меѓусебно ќе нè зближуваат”.
    Премиерот прави уставни измени без опозиција, претседателот бланко ќе ги потпише, а и двајцата бараат сплотеност, меѓусебно почитување и разбирање и градење на доверба. Како што гледам, тие си се сплотени. Против другите што не мислат како нив. И си се разбираат. А можеби дури и си се почитуваат.
    Настрана Уставот. Кои се тие важни и суштински прашања за државата за кои претседателот и премиерот бараат сплотеност?Тие за кои ВМРО-ДПМНЕ мисли дека се важни и суштински? Или и другите имаат право да кажат, а да останат живи, неосудени, неисплукани по медиуми, неказнети од инспекции, нелустрирани…
    Не можам да поверувам дека по 23 години независна држава, власта и опозицијата имаат суштински разлики за суштинските прашања. Ако е така, тогаш ние и немаме држава. Имаме само власт. Која вика ќе имаме држава, ама како што сакам јас, оти повеќето гласачи гласале за мене.

    3. Завчера се случи уште еден “изолиран инцидент” во Старата скопска чаршија. Триесетина граѓани со качулки демолирале кафуле каде што имало други триесетина граѓани. Меѓу гостите има и двајца повредени.
    Инцидентот се поврзува со годишнината на формирањето на ЛГБТ центарот. Тој пред две години беше отворен во друг дуќан во Чаршијата и двапати беше благовремено демолиран. Тогаш беше демолиран ЛГБТ центарот, а сега беше демолирано кафулето во кое се славеше роденденот на ЛГБТ центарот.
    Полицијата работи на расчистување на случајот. На оној од пред две години.
    Ужасно е што организирана група си зема за право да оди по кафулиња низ Чаршијата и да тепа луѓе. Ужасно е тоа што полицијата уште не го расчистила случајот од пред две години. Да не случајно помислиме дека полицајците ги штитат тие што не заслужуваат да бидат заштитени. Но најужасно е што секогаш се наоѓаат паметни што ќе го оправдаат насилството. Па што ако ги тепале кога се педери и лезбијки? И што бараат во Чаршија каде што, очигледно, не ги сакаат? Сигурно доаѓаат од егзибиционизам и за да провоцираат. И тоа баш на Денот на револуционерната борба. Ептен педерски. Сами си го барале.
    Кога ќе почнеш да бараш оправдание за насилство, сетики и тебе ќе ти дојде редот. Оти денеска тепаат педери и лезбијки. Утре ќе тепаат пензионери што се возат во автобусите, а не им е ден за возење. Задутре ќе ги тепаат тие што немаат трето дете. Прекутре ќе тепаат кого сакаат. Затоа што за секое насилство можело да се најде оправдание.

    4. Што знаеш. Некој ден можеби и дебелите ќе ги тепаат на улица. Оти не водат сметка за својата исхрана. Има ли поочигледен доказ за субверзивно однесување?
    Тоа е нормален процес во една револуција. Прво ќе ти кажат што смееш да зборуваш, па ќе ти кажат со кого смееш да имаш секс, па ќе те учат како да имаш продуктивен секс, па ќе ти сугерираат каде не треба да одиш на одмор и, следствено, ќе ти кажат што треба да јадеш. Убаво си рече премиерот. Тоа е “воспоставување на систем на вредности и принципи кои се во функција на развојот”.

    5. Штом некој се сетил да го проверува знаењето стекнато на универзитетите, очигледно штетата е веќе направена. Затоа баш ме интересира дали ова екстерно тестирање на студентите ќе важи ретроактивно. Оти многу од министрите, пратениците и директори на јавни претпријатија и новинари омилени на власта дипломираа неодамна. А некои и магистрираа и докторираа.
    А студентите што се фалеа на Фејсбук дека ќе протестираат против, заслужуваат екстерно, не само по втора и четврта година туку и по секој семестар. Над 5.000 луѓе потврдиле дека ќе дојдат на протест, а дојдоа одвај 50.
    А професорите ни на Фејсбук не се силеа.

    6. Вечерва се менува времето. Ќе се поместат стрелките на часовникот од 3 на 2 часот.
    Тоа е добра вест за лидерот на опозицијата Зоран Заев. Тој пред три недели најави дека ќе открие некоја бомба поради која Груевски ќе мора да си даде оставка во рок од три дена.
    Е па еве, откако ќе се смени времето, Заев ќе добие уште еден саат плус за да ја открие бомбата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари