САМО ШУТКА НЕ

Тие што ја попречуваат правдата и му го трошат времето на СЈО имаат име и презиме. Се викаат Ѓорге Иванов и Али Ахмети

    САМО ШУТКА НЕ

    1 И ете така. Си помина уште една недела во чекање на потписите што претседателот Ѓорге Иванов ги побара за да можел да го даде мандатот за состав на нова влада. А Али Ахмети уште ја замајува јавноста со приказните за тешката државничка одлука што требало да ја донесе. Те овој датум, те оној датум, те албанска платформа, те македонска платформа, те анализирале, те се консултирале, те НАТО, те ЕУ, те Русија, те Сорос, те прво Собрание, па после Влада… Работава до каде отиде, веќе почна и за војна да се збори.

    А бре луѓе. Си кажа специјалната обвинителка Катица Јанева јасно и гласно што е маката и што е дијагнозата на болнава Македонија. Рече: „Судот треба да сфати дека СЈО не гони обичен криминал, туку ја гони криминалната група која се наоѓа во врвот на власта. И затоа, судот мора совесно, чесно и професионално да си ја извршува својата должност кога станува збор за случаите на Специјалното јавно обвинителство, што за жал не е така“.

    Значи, СЈО истражува сомнежи за тежок криминал во врвот на власта, а судиите им помагаат на осомничените криминалци да се спасат. Појасно – здравје.

    Така што, ова замајување со чекањето потписи е само дефокусирање на јавноста од главната тема. Оти треба да не се открие кој крадел на избори, кој ја заробил државата, кој ја покрал државата и кој наредил сите да бидеме прислушувани.

    2 Не се само судиите од тефтерчето тие што се знаат со име и презиме. И замајувачите имаат име и презиме. Се викаат Ѓорге Иванов и Али Ахмети. Тие имаат одговорност за блокирање на истрагата. И за попречување на правдата.

    Единствената работа што посветено и добро ја врши за време на мандатот претседателот Ѓорге Иванов е да му го троши времето на СЈО. Тој е извршител на Груевски кој по втор пат ја попречува истрагата. Еднаш лани, во април кога ги аболираше осомничените политичари, и сега кога на опозицијата ѝ бара потписи за да ѝ го даде мандатот, откако претходно, без да собере потписи Груевски не успеа да состави влада.

    Но, не е само Иванов сојузник на власта во чиј врв се истражува криминал, врз основа на разговорите што сами си ги прислушувале за да си се контролираат. Сега на претседателот, кого патем, не го признава за претседател, му помага Али Ахмети. Кој замајува со циркусот „Анализирам. Имам тешка одлука за носење“.

    Е па, тешка е одлуката. Одлуката не е ни за двојазичност, ни за Влада, ни за нов Охридски договор, ни за нова војна. Оти ете, како што кажа Рафиз Алити, и од Груевски се барале писмени гаранции, и Груевски прифатил сè, само не успеал да се договори со ДУИ за СЈО.

    Може сè, само Шутка не.

    3 Следниот пат кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да им се пофали на своите членови и симпатизери со новиот воз купен од парите на сите нас, нека си откупи едно возење до Демир Капија. И нека ги чести своите членови и симпатизери со бесплатно возење на Свети Трифун. Ете сега имаат пари, земале кредит за тековни трошоци. Да знае членството какви убави возови имаме. Обичните луѓе нека се возат во старите. Кога возовите ќе успеат да дојдат. И кога нема да се расипе локомотивата. И кога машиновозачите ќе земат плата за да не штрајкуваат.

    Нема смисла вака да ги понижуваат луѓето да ги тепа полиција. И да ги снимаат камери како се тепаат на шведската маса. Нека направат лотарија, ко што правеа за вработување во Македонски шуми. Нека си ги поделат картите за возот по квоти – за екскурзијата да биде политички коректна  – малку на Унија на млади сили, малку на Унија на жени, малку на ветерани и нека ги одвезат да закројуваат лозја. Па после, откако бесплатно ќе се најадат и напијат, можат и колективно да одат до банка за да донираат до 60.000 денари за партијата од кешот што им се нашол скриен по дома. Оти, за над 60.000 денари ќе треба преку трансакциска сметка да донираат. А така се фаќа трагата на парите.

    4 Баш ме интересира, овие што се изјаснуваат дека Русија требало да биде стратешки партнер на Македонија, дали имаат ист број блиски што се иселиле во Русија, колку што познаваат иселени во Германија, Америка, Австралија, Канада…?  Зошто вадат бугарски пасоши? За да бараат работа во Русија?  Или да бараат работа низ Европа?

    Убеден сум дека најмногу зборуваат оти Русија сега треба да ѝ помогне на Македонија, оние што први извадија бугарски пасоши и веќе се иселени во Германија. Верувам дека и двојазичноста најмногу им пречи  на тие со бугарските пасоши. Исто како што и името не го даваат тие што се пишаа Бугари за да добијат бугарски пасош.

    5 Чекајќи ги анализите на Ахмети и македонската платформа на Ѕинго, ги изгубивме Гораните и Македонците од Мала Преспа и Голо Брдо во Албанија. Европскиот парламент усвои резолуција за напредокот на Албанија кон ЕУ, во која се бара од Албанија да ги обезбеди правата на бугарското малцинство во Мала Преспа и Голо Брдо.

    А министерот за надворешни работи Никола Попоски на ова реагираше со остар статус на – Фејсбук. Оти други дипломатски средства нема.

    А нашиот амбасадор во Брисел што правел? Ги фаќал последните денови на зимските попусти? А лобистите од сестринските партии на ВМРО-ДПМНЕ каде беа? Се уморија на лобирањето како да го постават баџанакот на Мијалков за судија во Европскиот суд за човекови права, па за Мала Преспа решија да одморат.  А парите за лобирањето што ги троши ВМРО-ДПМНЕ каде отидоа? Се потрошија на оцрнување на американскиот амбасадор Бејли. Па за Гораните снема пари. За нив мораа да се трошат Бугарите.

    АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

    Слушај тука

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира