ШВАЈЦАРСКИ САНАТОРИУМ

a:2:{s:11:"td_subtitle";s:182:"Какодополнениенапроектот"Евекуќа,правидеца",Владатаќедоделуваисубвенциизаспалниикујни


    1. Министерот Зоран Ставрески не требаше да бара новинарите да излезат од салата во која заседава Анкетната комисија за прислушувањето. Поарно ќе му беше да побара од салата да излезат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Што би го прашала пратеничката Силвана Бонева? Министре, дали вашиот глас е оној што зборува дека јас сум тешка лудача и шуплива во главата? Или тоа е сечено, лепено и монтирано. Среќа за Ставрески што сослушувањето се одложи. Оти ако тој стварно го мисли за Бонева тоа што чувме дека го кажал во прислушуваните разговори, излегува дека Шилегов го спасил министерот. Па Ставрески треба да му испрати честитка за Нова година. Фала што ме спаси од Бонева.
    А и Бонева се спаси. Си замина во ДИК. Да останеше во Анкетната комисија ќе мораше сама себе да си се испрашува. Дали сум ова јас, или некој друг глас му зборува на премиерот за рекетирање во Струмица пред избори? Чиј глас фаќа врски за упис на факултет во Штип? Па после ќе седне од другата страна на масата и ќе побара одговорот да биде скриен од јавноста.
    Милошоски не успеа да се спаси. Ќе остане во Анкетната сам себе да си се прашува. За она на Г. Нешто горна, долна беше.
    Оваа Анкетнава комисија треба веднаш да се укине. Да не ни ги трошат џабе парите за дневници и за дополнителни патни трошоци. На комисијата името и е Комисија за испитување на скандалот со прислушувањето. Тој скандал со прислушувањето е причина за најголемата политичка криза од 2001 досега. За да се излезе од таа криза треба да има предвремени избори во април идната година. А граѓаните што ќе сакаат да гласаат за излез од кризата ќе дознаат кој стоел зад скандалот со прислушувањето и дали тоа што го слушнавме досега е вистина кога ќе се отворат транскриптите од сведочењата во Собранието. Дури после 10 години.
    Затоа и Груевски побара да сведочи тајно. Оти народот ќе реши. А тој знае како народот ќе реши. Па не сака со дополнителни информации од неговото сведочење да ја провоцира решителноста на народот.

    2. Владата одлучи од 1 февруари идната година дека со пари од буџетот ќе покрива дел од кредитот за граѓани до 35 години што сакаат да имаат куќа. Премиерот Груевски рече дека “Целта е да им се помогне на младите да дојдат до свој дом, но и да се зголеми наталитетот бидејќи многу светски научни студии докажале дека во куќа се раѓаат повеќе деца”.
    Кои се тие светски студии врз кои ние државна стратегија за демографија правиме? Со импакт фактор ли се тие студии? Во комунизмот имаше една кампања “Имаш куќа врати стан”. А оваа кампања би одела под мотото “Еве куќа, прави деца”.
    А што ако апликантите за куќи не направат повеќе од три деца? А сите ние сме им дале пари за куќа? Ќе ги вратат ли парите ако не ги исполнат очекувањата на Владата? Дали кога ќе аплицираат, ќе мора да приложат и лекарско уверение со спермограм и пап-тест за да докажат дека во нив лежи потенцијал за повеќе деца? Дали онаа граница од 35 години ќе се вади како просек од брачните другари или и двајцата мора да бидат помлади од 35 години.
    Има тука многу нејаснотии и неодговорени прашања. Но, на најважното прашање, дали за овој проект има пари, министерот Ставрески одговори дека средства се обезбедени од буџетот. Значи и деца ќе се прават на наша сметка. На потпрашање колку пари ќе треба оти не се знае колку млади ќе аплицираат за куќа, Ставрески малку се подзамисли, ама Груевски спремно му помогна. Рече дека ако нема доволно во буџетот, ќе се направи ребаланс.
    Синким ова ребалансот е сврти се и од крошната на палмата скини си пари. Што мислите? Дека на Ставрески не му текна да се снајде со одговор за ребалансот. Туку тој ден имаше среќа. Во ист ден два пати се спаси од непријатност. Еднаш го спаси Шилегов од Бонева. А вториот пат го спаси тоа што телефонот не му беше при рака за да го употреби.
    Како не им текна на Скандинавците и на Германците вака да го решаваат проблемот со наталитетот. Сигурно и тие имаат пристап до истите научни истражувања. Ама немаат палми за ребаланс.

    3. Сега кога веќе ќе има субвенционирани куќи, се подразбира дека во нив, штом веќе зеле пари од сите нас со обврска да раѓаат, ќе мора и домаќинките да поминуваат подолго време дома за да растат многу деца. И онака во сите реклами на телевизија жените перат, пеглаат, чистат, готват и гледаат деца. И девојчињата во рекламите уште од мали сонуваат за кујна во која ќе готват како нивните мајки.
    Значи следниот проект на Владата може да биде доделување субвенции за спални соби и за кујни. И евентуално ваучери за жените што ќе им важат само во самопослуга. Да не им текне на друго да ги трошат парите.
    На некои женски организации им сметаше патлакот на Прометеј, па власта мораше да го покрие, на други женски организации им смета рубриката “Зграпчи го денот” во “Вест”. Ама на ниедна женска организација не и сметаат проектите на Владата со кои жените се третираат како машини за раѓање деца. Не се бунат. Зафатени се со готвење.

    4. Во буџетот ќе се најдат пари за проектот “Еве куќа, прави деца”, ако треба и ребаланс ќе се прави, ама на шалтерот на Институтот за микробиологија во Скопје стои залепено ливче што информира: “Нема реагенси за кламидија”. Кламидија, инаку, е опасна бактерија којашто ако не се открие и ако не се лечи може да доведе до стерилитет или во текот на бременоста може да доведе до спонтан абортус или пак да го оштети плодот.
    Тоа се тие цивилизациски приоритети на Владата.

    5. Скопје, Тетово и Битола уриваат рекорди во загаден воздух, а власта и опозицијата се тепаат со соопштенија кој прв почнал да мери загаденост и кој досега не мерел. А никој не излезе ниту да предложи ниту да преземе мерки. Не платија ниту едно стручно истражување кое ќе даде научен одговор од што најмногу се загадува воздухот и животната средина.
    Кај живеат македонскиве политичари? Во швајцарски санаториум ли се? Изгледа. Оти вицепремиерот Владимир Пешевски завчера рече дека има сочувство за граѓаните на Скопје и на Тетово.
    Тие во швајцарскиот санаториум ние ги плаќаме да преземат мерки против загаденоста. Не ги плаќаме за сочувство да изразат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари