СЛОБОДА ИЛИ СМРТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:232:"Тоаштоијассумбилтаргетзаприслушувањеемногупомалкуважноодтоаштоза10годинисмесевратиленазаднајмалку110години

1 Баш ми е некако жал што СЈО имало доволно докази дека странските служби и жолтите комбиња биле лага.  Некако попријатно беше да се верува дека сме биле многу битни и затоа нè прислушувале некои странски служби, а не  нашата држава.

Лично, не сум изненаден што и мене ме прислушувале повеќе од две години. Ама, шокиран сум оти продоложиле да ме слушаат дури и откако во февруари 2015 година ја добив папката со моите разговори кога опозицијата ги објави бомбите. Тоа што ми го дадоа не беше ни лепено, ни сечено, ни монтирано. Дури и грешките што сум ги правел во чукањето на смс пораките се совпаднаа.

Не сум шокиран ни од злоупотребата на прислушните апарати купени со наши пари за да ми влезат дома и на работа, и не само кај мене, туку и кај сите со кои барем еднаш сум зборувал по телефон. Не сум шокиран ниту од фактот дека сакаат да ме контролираат и да ме уценуваат. Тие таа контрола и уцена, пак со наши пари, је прават на еден или друг начин кон сите граѓани на Македонија. Па дури и кон нивните најблиски, најлојални соработници и државни функционери од највисокиот врв, како што беа Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Зоран Ставрески… Али Ахмети, Муса Џафери и Мендух Тачи, па, ич да не ги споменувам.

Но, одново сум шокиран од бескрупулозноста на налогодавачите и особено од извршителите на овој криминал, што ги повредува основните човекови права и суштината на демократијата.

Пострашно од прислушувањето е што не сум убеден дека на овој суд ќе можам да ја истерам правдата. Оти, слушнавме и во бомбите за партиските тефтерчиња и за улогата на „сваровски“ во изборот на судиите. А оваа недела, од претседателот на најголемиот суд во државата Владимир Панчевски, слушнавме дека секој судија си бил дуќанче и чешмиче. На таа вода, од тие чешмичиња ли ќе се крсти СЈО?

А најстрашно е што сум убеден дека и сега ме прислушуваат.

2 Катица Јанева спомена дека Македонија слави 25 години од донесувањето на првиот демократски Устав ама „со длабоко жалење може да се констатира дека темелните вредности на уставниот поредок се уништени“, и дека на повеќе илјади лица „ниту им се почитувани приватноста на личниот и семејниот живот, ниту пак била гарантирана тајноста на комуникациите“.

Што значи дека, кога зборуваме за слобода и демократија, ние не сме полоши од 1991 година. Ние сме полоши и од 1941 година. И кога викаат дека изборите на 11 декември за власта се „живот или смрт“, грешат. Изборите за сите нас се „смрт или слобода“.

Тоа што и јас сум бил таргет за прислушување е многу помалку важно од тоа што за 10 години сме се вратиле назад најмалку 110 години. И дека во 21 век, изразот „Слобода или смрт“ од Илинденското востание не го доживуваме како стих, туку како реална ситуација од животно значење.

3 Стварно не можам да сфатам што уште треба да се случи, за тие што сè уште живеат во приказните за жолтите комбиња и странските служби да можат да излезат од светот на црните сценарија, од кои може да ги спаси само Груевски и фамилијата.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека „нападот врз човековите права и слободи е најсилниот удар врз едно цивилизирано демократско општество“. И дека „сега е ред на таквото општество да возврати“.

Кој да возврати, Фатиме? Дали тие што веруваат во црните сценарија од кои ќе ги спаси Фамилијата треба да бидат и лично засегнати, за да сфатат дека црните сценарија се прават во двата бели дворци – оној на ВМРО-ДПМНЕ и оној на унакажаната владина зграда?

Ги плашеле дека кога ќе оделе на гласање, ќе имало камери на пенкалата. И после ќе ги бркале од работа. Јас таквите би ги плашел и дека има камери и во салфетката од сендвичот. Оти тие, исплашените, им даваат сила за сите да нè плашат. Зошто? Затоа што и сендвичот сосе салфетка им го дале божем без пари.

Ало, црни сценарија! Па и на тоалетната хартија има камери. Не сте знаеле? Има, мора да знаат во чиј газ сте пикнати.

4 Добро, еве јас и оние пет-шест илјади други што незаконски ги слушале сме биле државни непријатели и ќе сме го урнеле уставниот поредок. Туку, што правиме со сите оние со кои сум зборувал од 1 февруари, 2013 до 10 март, 2015, а УБК ме слушала? Сега сите мои соговорници можат да ја тужат државата, на пример за нанесена душевна болка. Каде се оние психијатри што даваа вештачење за Груевски и Мијалков за нанесена душевна болка, по која тие добиваа отштета од десетици илјади евра?

Во нивните стручни вештачења што ги прифати судот, стоеше дека тужителот „силно се вознемирил“ и дека „уште повеќе се вознемирил и се почувствувал силно повреден како личност“. И дека „ги погледнал изненадената сопруга и децата кои биле запрепастени од она што го слушаат“. И уште, „како да им погледне во очи на луѓето околу него“. И имале „чувства на ансиозност, депресивност, тешка пониженост“.

Психијатарот на вештачењето што судот го уважи, запишал дека обвинетиот „не можел да спие мирно“.

Сите вие мои пријатели и непријатели, што сте збореле со мене додека јас сум го уривал уставниот поредок, спиете ли мирно, денеска?

А и вие што верувате дека има камера во пенкалото со кое ќе гласате на 11 декември. Еве да речеме дека има камера. Спиете ли мирно, поради тоа?

5 Очекувам и Груевски да тужи, исто како сите тие што разговарале со мене. Оти тој не бил таргет. А разговарал со сите што биле прислушувани. Бил колатерална штета. И го има во сите разговори.

За разлика од моите соговорници, тој пред судот ќе биде во предност. Горде ќе му го позајми тефтерчето, а тој самиот веќе има дијагноза за душевна болка што му поминала на истиот тој суд.

СЛУШАЈ ТУКА – AUDIO PODCAST

Слушај тука

Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...
©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
Booking.com

Коментари