СОСЕДСКИ СЕКИРАЦИИ

Бугарија врши притисок пред референдумот со продажба на евтин кашкавал во Македонија

    СОСЕДСКИ СЕКИРАЦИИНасловната страница на збирката колумни од 1991 до 1995 објавени во весникот „Вечер“

    1. Просто ме фаќа срам. Така спокојно си седам и си пишувам само на еден ден пред референдумот, додека сите соседи паѓаат во очај од секирации само што ќе помислат што сé може да ѝ се случи на самостојна и независна Македонија.
    Како може човек да не биде трогнат до солзи кога ќе прочита дека: “Опш­тинскиот одбор на СК – Движење за Југославија од Лесковац, на итен состанок, им дал полна поддршка на напорите на македонските комунисти да му го зачуваат достоинството на македонскиот народ”. Сега дури и Жељу Желев, со историската изјава дека ќе ја  признае независноста на Македонија, ама без народот што живее во неа, може да се слика.
    Лесно ни е нам, кога за нашето достоинство се грижат комунистите на Лесковац. Што да кажат Американците, кога ќе им се налутат Грците. Грчкото радио ѝ предложи на својата влада да ги прекине дипломатските и сите други врски со оние земји кои ќе ја  признаат независна Македонија. Во исто време “Та неа” дознава дека: “ако Вашингтон реши да ги признае другите југословенски републики, тогаш ќе ја признае и скопската република и нејзиното право да се нарекува Република Македонија”. Ако тоа се случи, тогаш на Грција нема да ѝ остане ништо друго туку да ги прогласи САД за окупатори. Во што сигурно ќе добие поддршка од верниот другар Слобо Велики. Кој, доколку до тогаш заврши со ослободувањето на Хрватска, е подготвен да отвори нов солунски фронт. Тенковите ќе мораат да минат низ “скопската република”.

    2. Само така ќе бидеме спасени од предавството што пред неколку дена го откри  “Слободанка експрес”. Овој “угледен” весник вели дека е “повеќе од сигурно оти е направен договор за поделба на Македонија”. Во сценариото им е дадена улога на сите водечки личности, почнувајќи од претседателот Глигоров, преку премиерот Кљусев, па до Љупчо Георгиевски и Борис Змејковски, ама “клучна улога на разбивач на Југославија му е доверена на Васил Тупурковски”. Тој бил, како што дознава “Слободанка експрес” – “врската на Скопје со Запад, преку Софија”. Играл тројна улога. Веројатно затоа што Циле секогаш се наоѓа на три места одеднаш. Од кои задолжителна локација му е Женева, каде што тајно се сретнува со Димитар Гоцев, од софиската врховистичка ВМРО-СМД.
    Приказнава е очигледно производ на некој извештај на КОС, правен по ист урнек како од времето кога нé бранеа од империјализмот, капитализмот и скапа­ниот  Запад. А новинарот е некој страстен  вљубеник во научно фантастични фил­мо­ви од советско производство. Просто се натпреварува со првата пушка во Ју-новинарството Мирослав Лазански, кој откри дека Македонија купува оружје во Полска. Па вчера пак се јави “Слободанка експрес” и експресно обело­дени дека оружјето го купил скопски “Макотекс”. Сигурно од средствата за плата што не им е исплатена на вработените три-четири месеци наназад. Помина времето кога вработените на “Макотекс” одеа по скопските претпријатија да продаваат маички и крпи за бришење, за да заработат плата. Сега одвај чекам да се појават и кај нас, да си купам еден калашников од Полска. На три рати, со чек на почек.
    Она што сепак не може да се скрие, е тврдењето на “угледниот” белградски весник дека “Бугарија има силни упоришта во македонската Влада и Парламен­тот”. Во бифето на Собранието за појадок даваат кашкавал “Витоша”. Со бугар­скиот кашкавал во сендвичите Бугарија врши континуиран притисок врз стома­ците на пратениците. Што во пресудни моменти за Македонија може да биде многу опасно.
    Воопшто, во овие предреферендумски денови низ Скопје се чувствува засилено бугарскиот елемент. Ете, на пример, вчера без проблем на Зелено пазарче си купив една пита “Витоша”. Килограм 100 динари. Мора да се признае дека цела пита е навистина тешко упориште на Бугарија за еден домашен фрижи­дер. Го спакував во комора за длабоко смрзнување, па додека Македонија не прогласи независност, ги замрзнав односите со Бугарија.

    3. На тој начин ќе се угледам на Бранко Костиќ, четвртиот српски глас во сојузното претседателство, кој не се согласува со мировната декларација на Европската заедница и ги замрзна односите со цел свет. Решил човекот да јаде корења, па тоа тие е.
    Доаѓа зима, па ако замрзне земјата, ќе биде тешко да се копаат корења. Затоа Бранко разработува нов систем. Оружјето што ЈНА го повлекува од Словенија ќе биде продуктивно употребно за здрава исхрана на населението. Земјиштето ќе биде изорано од тенковски гранати и касетни бомби. Корените сами ќе излегуваат на површина. И тоа потпечени, подготвени за на софра. Бранко ќе треба само да ги собере плодовите на својата мировна и принципиелна политика.

    4. Премиерот на Папуа Нова Гвинеја Раби Намалиу ги предупреди своите сограѓани: “Ако експресно не се опаметиме и не престанеме со востанички детски игри, ќе имаме ситуација како во Југославија!”.

    Книги

    Архива

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари