СРЕЌНА СИРОМАШТИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:45:"Меотепапозитивнамисла

    1. Си гледам вести и веќе воопшто не се изненадувам кога ќе ги слушнам еуфоричните извештаи дека нешто е многу убаво, дека секој ден нешто расте, дека за разлика од другите кај што е полошо, кај нас е изненадувачки добро…
    Па се јавуваат дописници од Штип, од Кочани, од Прилеп, од секое катче на нашата прекрасна татковина и известуваат дека “расте интересот на граѓаните”, па лицитираат со бројки, те 2.000 заинтересирани, те 5.000 заинтересирани, те дали бројката ќе стигне до 100.000. Дури и министерот за финансии Зоран Ставрески на терен изјави дека е задоволен од интересот на граѓаните…
    Чекај, чекај… За што расте интересот? Од што е задоволен министерот? На што се радуваат новинарите? Воздух не можат да земат од возбуда колку многу луѓе се пријавиле за отпис на долгови. Со гордост јавуваат колку многу луѓе што до декември 2013 година заглавиле на банкарски картички, не плаќале струја, парно, телевизија се пријавуваат на огласот. Но, тоа не е се`. И во наредните денови уште повеќе ќе се јавувале. Се` мора да е нај, се` мора да е многу и се` мора да е добро во оваа држава. Па еве, добро е што има и многу сиромашни.
    Башка занесот добива и меѓународни димензии. Не се само Владата и македонските медиуми воодушевени од одзивот на акцијата за отпис на долгови на најранливите категории граѓани. Дури и српските медиуми ја фалеле македонската Влада. И по социјалните мрежи се коментирало дека на сиромашните во Македонија им е поубаво. Сиромашните во Србија им завидуваат на сиромашните во Македонија. Па и за завидување е. Нашата сиромаштија е посреќна од нивната. Ме отепа позитивна мисла.

    2. Министерството за труд и социјална политика распиша тендер вреден 20.000 евра за избор на школа за странски јазици, која на вработените во Министерството ќе им држи курс по англиски јазик. А Министерството за финансии веќе четири месеци плаќа таков курс за своите вработени. Бидејќи според новите закони, државните службеници мора да знаат барем англиски јазик, ништо чудно сега сите министерства да им платат на своите вработени учење јазик.
    Нека учат. Ама зошто со пари од буџетот? Кај што ги вработуваат по партиска линија, сега уште и учењето странски јазик ќе им го плаќаме. Па државата нив веќе еднаш им платила учење англиски јазик. Последниве педесет години од петто одделение во основно до четврта година во средно, англискиот беше задолжителен речиси во сите училишта. Дури и да се само со средно примени во државна работа, тие осум години учеле странски јазик. За осум години не научил само тој што не сакал да научи. Зошто сега ние сите да им плаќаме за тие да си го задржат работното место?
    Е, ај умрете ги приватните фирми за да може да има пари за државните службеници за се` што ќе ви текне. Исплата на К-15 само за приватни фирми. Закон за финансиска дисциплина – за приватни фирми покус, за државните фирми подолг рок. Покачена плата за државни службеници. Од каде, ако не заработат приватниците? За државните службеници зголемени плати, а во приватниот сектор ќе отпуштаат од работа оти не може да достасаат со давачки.
    Државата може со години да држи волонтери со договор за дело, учителки, медицински сестри, воспитувачки во градинки, советници по министерствата, а приватните фирми мора да ги вработат. За инспекции ич да не зборуваме, оти за тоа сите приватници се плашат да зборуваат. А во државните институции дури и пушењето неказнето поминува. Во Македонија навистина се создаде посебна привилегирана каста – државен службеник. Што е тоа државна администрација? Рехабилитационен центар на лоши ученици? Дали во иднина на огласите ќе бараат кандидатите да знаат и странски јазик или ќе ги примат оти лепеле плакати и викале на митинзи, па сите ќе им плаќаме да научат јазик?
    Башка, како што сме тргнале да се развиваме, и кај нив ќе расте интересот за образование. Ќе посакаат втор странски јазик. Па добрите ученици ќе работат во приватни фирми и ќе им плаќаат на лошите ученици за да научат. Зошто? Затоа што партијата го бара тоа од нив.
    Среќа е што тендерите со кои за државни пари ќе се плаќаат школите за странски јазик нема да ги добијат партиски фирми.

    3. Не плаќаме само за учење јазик. Плаќаме и за седење дома. Вицепремиерот Муса Џафери рече дека 1.200 државни службеници се примени на работа според рамковниот клуч, ама чекаат распоредување. Во меѓувреме, примаат плата.
    Што е за право, меѓу државните службеници има и многу на кои треба да им се плати и македонски јазик да научат. Ама тие ќе одат на истиот курс со Али Ахмети.

    4. Не знам зошто овие од СДСМ се жалат на однесувањето и на гласањето на поранешниот претседател на Скопската партиска организација Мирослав Шиповиќ во Советот на Општина Центар. Нели, половина Скопје беше облепено со плакати и флаери “Слобода за Шиповиќ”? Кој знае колку екипи од овие петте илјади што сега ги најавува Заев, лепеа плакатчиња по влезови, фрлаа летоци во поштенски сандачиња, ставаа флаери на шофершајбните. И успеаја… Свршија работа. Шиповиќ е слободен.
    Сите остваруваат. Па и СДСМ остварува.

    5. Долго време си мислев дека нема поголема глупост од изјавата на експертите од Хидробиолошкиот завод во Охрид од пред неколку години дека рибите во Охридското Езеро умираат затоа што имало многу туристи кои пливајќи, ја мателе водата. Арно ама, стварноста, конечно, ме демантираше. Овој пат не станува збор за изјава, туку за одлука на министерот за животна средина Нурхан Изаири, кој сака да го реши проблемот на градоначалничката на Тетово Теута Арифи со загадувањето на градот. Министерството распиша тендер за да се премести мерната станица од центарот на градот некаде на периферијата. Образложението е дека во центарот на Тетово има многу згради и мерната станица поради тоа покажува многу загаденост.
    Со овој визионерски потег на ударната двојка од ДУИ, тетовци имаат дупли ќар. Ем официјално ќе дишат чист воздух, ем депонијата ќе им остане во центарот на градот.

    6. Претседателката на Стопанската комора за туризам на Македонија Лела Крстевска, во интервју за Радио Слободна Европа, предложи регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15 да се исплаќа преку ваучери за одмор во Македонија.
    Не знам дали Лела е член на ВМРО-ДПМНЕ, ама според генијалнава идеја, зрела е за да ја примат во ДУИ како зајакнување на Теута. Оти овие од владејачкава коалиција прво ни кажуваа колку деца треба да правиме. Па сега ќе ни кажуваат и каде на одмор да одиме. Како што тргнале, нема да ме чуди наскоро наместо плати да ни даваат ваучери и да ни кажуваат во кои самопослуги да пазаруваме и на кого кирија да плаќаме. Па и кај кого странски јазик да учиме.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари