ТЕШКА ДИЈАГНОЗА

a:2:{s:11:"td_subtitle";s:114:"СледнотоПржиноморадабидешарено.Штопошарено,тоапоубаво.";s:18:"td_quote_on_blocks";s:6:"Listen

1Не ви е јасно што значи селективна аболиција? Сега ќе ви објаснам.

Истиот ден кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Собранието изгласаа  закон со кој аболицијата ќе се повлече за тие што ќе го побараат тоа од претседателот, судот во Скопје го одложи рочиштето за двајца лидери на Левица за да може да си отседат во домашен притвор. При тоа, судиите имале милост за овие двајца тешки криминалци што го кршеле излогот на канцеларијата на претседателот Иванов и здружено злосторнички направиле штета од околу 8.000 евра. Апелациониот суд, за чудо,  реши да не го послуша Обвинителството што бараше притвор во затворот во Шутка,  па лидерите на Левица, легална политичка партија во Македонија, ќе си седат дома за да не го повторат делото и да не влијаат на сведоците.

Не ви е јасно што значи селективна аболиција? Сега пак ќе ви кажам.

Следниот ден по изгласувањето на законот, за кој владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ рекоа дека ќе поттикне решавање на политичката криза, уште двајца демонстранти што ја кршеле канцеларијата на претседателот добија шестмесечна и 12-месечна условна казна затвор. Пред тоа, уште еден студент кој го призна делото доби условна затворска казна од 3 месеци.

Протестите, во кои дојде и до демолирање на канцеларијата на претседателот во центарот на Скопје, беа инспирирани баш од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува 56 политичари и нивни соработници кои се осомничени, или против кои се води постапка за сериозни кривични дела кои се предмет на Специјалното јавно обвинителство.

Уште не ви е јасно што значи селективната аболиција што ја изгласаа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Да ви докажам.

Затворска казна добија само тие што протестираа против аболицијата. Од сите овие 56 политичари и блиски соработници осомничени или под истрага за тежок криминал, меѓу кои е и поранешниот премиер Никола Груевски, најголемите душмани на државата се петмина демонстранти кои искршиле два прозора и запалиле фотелја и слика на претседателот што сака да ги спаси од затвор тие што го донесоа на власт.

2 Уште не ви е јасно што значи селективна аболиција? Па каква поинаку може да биде во оваа држава? Селективна правда  – селективна аболиција. Кој сака да оди во затвор, нека му пише на Иванов. Кој не сака, нека не му пишува.

Што било убаво да си политичар од владејачка партија, или нивен соработник. Само не било убаво да бидеш сведок. Коста Крпач не ја доживеа шансата да му пише на претседателот. А претседателот уште не открива зошто помилувал сведок.

3 И кога ги гледам снимките на Никола Груевски и на Али Ахмети седнати на маса со сите оние странски емисари што во три дена ни ги испратија од САД, преку Германија и Холандија, и кога ги читам соопштенијата дека заеднички констатирале оти сега ќе ја врателе државата на патот на евроатлантските интеграции, си викам: Добро бе луѓе, ние наивни ли сме, или глупави? Или имаме некоја потешка дијагноза, па ни нема спас.

Кој ќе прави реформи? Кој ќе прави судство независно од партиското тефтерче? Кој ќе ги ослободува медиумите од кадровската политика испланирана во Центарот за комуникации?

Кои судии ќе ги судат предметите на Катица Јанева? Па оној несреќникот што требаше само дa ѝ го одземе пасошот на Гордана Јанкуловска,  уште не може да се соземе од шокот што го доживеал за време на распитот на 11 пати помилуваната осомничена, па не закажува нов датум за министерката со тефтерчето.

Оние петмина уставни судии кои пред  два месеца се прогласија за ненадлежни да расправаат за распуштањето на Собранието, сега одеднаш се почувствуваа надлежни. Кога претседателката на Судот Елена Гошева официјално изјавува дека таа не се согласувала со одлуката, ама ќе направеле преседан за да ја спасат државата, ви личи ли тоа на суд? И тоа на Уставен? Кој им рекол сега да станат надлежни?

Митко Чавков ли ќе го прочистува избирачкиот список од сомнителни лични карти и пасоши? Тој не беше ли во она МВРО-ВМРО што го слушавме во бомбите? Тој ли ќе постапува по наредбите на Катица Јанева за приведување на осомничени од неговата партија? Оние што самите ќе побараат да им се повлече аболицијата.

Груевски ќе работи напорно и посветено да ги зајакне институциите до таа мерка за да може тие да го судат, да го осудат и да го стават во затвор ако треба?  Мора да си играте мајтап со умот.

4 Не ви е јасен и овој компромисот што го издејствува СДСМ во преговорите да се одложат изборите на 5 јуни? Искрено, не знам ни ним дали им е јасно што постигнале.

Компромисот е ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да продолжат да си владеат без проблем како што си владееја до пред неколку месеци. Компромисот е да се врати земјата на периодот од пред договорот во Пржино.  Да продложат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да си владеат додека самите не создадат услови за кредибилни избори. Или, како што изјави Груевски за агенцијата Франс прес, „Сакаме заслужена победа“.

Останува уште да ја решат и Шарената револуција. Да не мора да трпат секое попладне по тричасовни протести. Да склучат уште по некој анекс договор за молерисување на обоените фасади.

Никола Груевски не мора да се врати како премиер. Ионака сè држи под контрола. Слободен е да шета по штали и да отвара фабрики. За плата ќе се снајде. Чувме дека пари не го интересирале. За проценти нешто збореше со Миле – „Да не е многу?“

Впрочем, што е разликата меѓу Груевски како премиер и Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ? Ништо. Освен што партијата е одвоена од државата.

5 Додуша, не верувам дека и на ВМРО-вците им е јасно што се случило. Уште во ГДОМ не добиле насоки како да мислат откако не успеаја да ги спасат изборите од 5 јуни. Претпоставувам дека малку се збунети од ова бетонот. Нели славеа победа на 5 јуни уште на 6 април кога го распуштија Парламентот. Сега што ќе слават? Дека Оливер Спасовски и Фросина Ременски не се во Влада? Ма какви. Слават дека си купија време загарантирана државна работа и државна плата за која треба да ѝ се благодарни на партијата. Оти не верувам дека откако ги слушнаа бомбите, со оваа власт ги врзува некаква идеологија. Идеали па – ич. Само есап ги врзува.

6 За два дена и САД и ЕУ два пати кажаа дека граѓанското општество мора да биде вклучено во решавање на кризата. Занимавајќи се со четворицата лидери и со аболицијата на Иванов, ретко кој ја слушна оваа порака. Тоа е знак дека странците, гледајќи што се случува на улица, ја сфатиле силата на Шарената револуција. Граѓаните што повеќе од еден месец протестираат низ цела Македонија станаа фактор кој не смее да се игнорира. Кога во Македонија толку  долго траело било што, а не пак протести? И тоа во сите градови. И тоа протести што не се организирани од партии и на кои не зборуваат лидерите.

Тоа е најголемата придобивка од оваа агонија. Дека луѓето стануваат свесни оти можат со својата активност, ама како свесни граѓани, а не како стада, да влијаат врз тоа во каква земја сакаат да живеат.  И како што диктатура не се прогласува со указ, туку се гради посветено и на терен 24/7, така и граѓанското движење не може да се прогласи со указ. И тој простор мора да се освои посветено и упорно.  Мора на било која власт да ѝ се покаже дека е сменлива.

А кога веќе странците ја препознаа силата што се покажа на улиците, време е и партиите да достават столчиња на масата. Колку и тоа да не им è по ќеф. Следното Пржино мора да биде шарено. Што пошарено, тоа поубаво.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари