ТРИ НЕВЕСТЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:70:"Стопанкатаприлепска,дететобитолско

    1. Одвај чекам да заживее политичкиот дијалог. Одамна не бил заживеан. Кој знае од кога не сме добиле заедничко соопштение на ОБСЕ, Амбасадата на САД и Мисијата на ЕУ со кое ќе се поздрави заживувањето на политичкиот дијалог.
    Покрај ваков монолог, уште дијалог ни фали.

    2. Груевски му понуди на Заев да се сретнат уште вчера. Заев ја прифати поканата, ама не во петок, туку во вторник. Како во вицот за кокошката што ја бркал петелот. Па си рекла дај да свртам уште еден круг да не помислат дека сум лесна кокошка.
    Во меѓувреме, почна и собраниската битка против режимот и диктатурата. Единствената опозициска пратеничка што седна во Собранието кога се гласаше за Владата, Роза Топузовска-Карева, остро побара новата Влада да спроведе попис. Штета што на седницата не се појавија и пратеничките од СДСМ Солза Грчева и Љубица Буралиева. Кои и покрај тоа што крваво си ги заработиле местата на пратеничките листи на Заев, сè уште имаат сила до крај да ја водат битката против диктатурата. Ако Роза на Груевски му побара попис, кој знае што ли ќе побараа Солза и Љубица. Штета што Заев ги премисли, па не се појавија на седницата како што претходно се беа заканиле. Со тројката Роза, Солза и Љубица режимот ќе почнеше да паѓа уште од првиот ден.
    Можам да замислам како сега ликуваат старите пратеници што останаа незадоволни, бидејќи не беа ставени на пратеничките листи. Од радост би можеле дури и музичка желба да му нарачаат на Заев. Со порака: Старите кадри на лидерот му го честитаат изборот на новите лица со македонската народна песна: “Три невесте тикве брале”.
    Е затоа, можеби, на Заев му требаа три дена, од петок до вторник, за да го почне политичкиот дијалог со Груевски. Затоа што пред тоа ќе треба да го заврши политичкиот дијалог во неговата партија. Треба да обезбеди монолог во СДСМ за да обезбеди дијалог со Груевски.

    3. Претседателот Ѓорге Иванов одлично се снаоѓа во вториот мандат. Во неговата официјална агенда се наведени следниве активности: завчера се сретна со Груевски и му го честита изборот на новата Влада. Минатиот петок имаше дури две активности во еден ден – даде крв на Светскиот дена на крводарителството и ги прими каратистите. А ден пред тоа ги прими и најдобрите ученици од едно приватно училиште. Пред тоа имаше средба со некој архиепископ од Московската духовна академија, доделуваше признанија за Инженерски прстен и го одбележа роденденот на Михајло Пупин. Во меѓувреме, продолжи да прима честитки, а богами и тој му честиташе на новиот украински претседател Порошенко, а му пиша и благодарница на турскиот претседател Ѓул. Вистинско чудо е како успеа во толку набиена агенда да најде време да се слика со Здравко Чолиќ.
    Не е лесно да си претседател. Особено во ваква здодевна земја како нашата, каде што во услови на политичка хармонија и недостиг на државнички работи, мора да му измислуваат активности. Така што нема да му забележиме и ако малку олабави со активностите. Сега, откако ја заврши и обврската да му честита на Груевски, Иванов слободно може да си земе денови од стариот одмор. Да не му пропадне до 30 јуни.

    4. Туку нека побрза Заев да ги испорача барањата до Груевски, оти премиерот може пак да оди некаде да бара инвеститори и да посетува болници. Кој знае таму како нè гледаат. Кој знае што си мислат за нас. Премиер на некоја држава оди во странство, не се среќава со колеги, не се среќава ни со заменици-премиери, министри, туку оди во официјална посета на болници. Го примаат директори и главни сестри.
    Кога на вестите на јавниот сервис го слушнав извештајот дека директорот на Гинеколошката болница во Ливерпул го примил премиерот на Македонија, веднаш си помислив дали е можно премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон да ја посети Македонија и при тоа да биде примен од директорката на Гинеколошката клиника. Можно е. Но, како ли би звучела таа вест на нивниот јавен сервис “Би-Би-Си”?
    Речиси во исто време, на некоја друга телевизија, што не е јавен сервис, одеше веста дека сметката на Прилепската болница е блокирана. И дека таму немало доволно гинеколози, па поради тоа што не им биле исплатени хонорарите на гинеколозите што од други градови доаѓаат во Прилеп, тие престанале да доаѓаат. Па сега прилепчанки ќе мора да се пораѓаат во Битола. Се разбира, ако побрзаат со возењето и ако тргнат навреме кога ќе им почнат болките, оти ќе се породат по пат.
    Ебаго, ако не можи Ливерпул, сега зорле битолчани че не праа… Стопанката прилепска, детето битолско.

    5. Премиерот Груевски во експозето за новата Влада рече дека “слободата на медиумите и слободата на вршењето на професионалната новинарска дејност мора да бидат почитувани, обезбедени и промовирани од секој чинител. Сите чинители и еснафот и Владата треба да придонесат за дигнитетот на новинарството, професионалната етика, етичките принципи и стандарди”, рече премиерот.
    Се надевам дека Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ си фаќаше прибелешки од говорот на лидерот.

    6. Во земјата-членка на НАТО Албанија полицијата со денови се бореше да влезе во селото Лазарат, со децении познато како центар на наркобандите. Покрај 25 тони марихуана, илјадници садници канабис и четири лаборатории за дрога, полицијата заплени арсенал оружје колку за една помала армија.
    Ете што ти е кога си веќе шест години членка на НАТО. Веднаш почнува да владее правото. А богами и Копенхашките критериуми за членство во ЕУ се исполнети.
    Па нека кажат и за нас кои се условите и ние да ги исполниме критериумите. Онака легалистички. Да го активираме Арачиново. Па, можеби, овој пат ќе влеземе во НАТО.

    7. Љубомир Фрчкоски беше лустриран затоа што како министер за внатрешни работи наводно наредил следење на лидер на опозициска партија, веројатно од идеолошки причини. Од 2006 година настапи демократија. Затоа, кога во весник ќе се објави детален извештај за поминување на границата на лидерот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев, тоа сигурно не е резултат на следење од идеолошки причини.
    За Заев се дозна кога и како ја минувал границата со Грција. А за синот на еден висок функционер што го судеа во Кукуш не се дозна.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари