ТРПЕ НЕПОКОРЕНИОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Анароднисудииима?Тоанароденсудмногустрашнозвучи.

    1.   Кога некој ќе ви се закани: “Ќе се видиме на суд!”, одговорете му со хумор. Раскажете му виц. На пример, одличен виц е кога некој ќе каже дека аферите “Пуч” и “Прислушување” мора да добијат судска и институционална разврска. А уште подобар виц е кога Здружението на судии по едномесечна анализа ќе излезе со соопштение дека “судиите имаат капацитет и интегритет да ја вршат судиската функција”.
    Кои судии имаат интегритет? Оние што ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ си ги избираат со компензација? Или оние што имаат по два плуса во тефтерчињата на партиските функционери и тоа заведени под бројче? Може и еден плус, под услов препораката да е стасана од некој наш или ептен наш. Здружението на судии заклучи и дека неговите членови со својот интегритет “обезбедуваат непристрасно судење, заштита и унапредување на слободите и на правата на граѓаните и доследно почитување на принципот на владеење на правото”. Види што убаво соопштение напишале. Што сè треба од сивите мозочни ќелии да избришеме за да им поверуваме?
    Всушност, ако може да им се верува на снимките што ги слушнавме, судиите не биле судии. Судиите биле извршители.
    Така што, ако не дај Боже дојдеш до дереџе да бараш правда на суд, оди прво помоли се пред споменикот на оној со ножот и пушката истопорен пред Судска палата. Ама, за секој случај, стави си едно парче “сваровски” во џебот. Убаво спакувано. Барем додека оние што го добиле тоа место со компензација не научиле дека “сваровски” е бижутерија.

    2.   ВМРО-ДПМНЕ, по снимките за наводното партиско влијание во судството, реагираше со соопштение, во кое одговори дека “во Собранието на Република Македонија по партиски список од кадровските комисии на СДСМ беа избрани 617 судии и стотина јавни обвинители”.
    Па затоа ли ги биравме да го победат СДСМ? За да стават свои судии? И за да се качат на Водно?
    Значи, имало СДСМ-овски судии и ВМРО-вски судии. А народни судии има? Тоа народен суд многу страшно звучи.

    3.   Од последниве снимки го сфатив вистинското значење на стихот “ВМРО, ти си моја судбина”. Како да му се загорчи животот на вработен за кого во една од претходните епизоди слушнавме дека “не е наш, ама не е ни нивни”. Овој пат дознавме дека тој бил бистро дете, добар работник и чесен човек. Плус и правосуден испит имал положено. Арно ама не се покорува. А и кога морал да се извини, не се извинил од срце.
    Е тоа ти е судбина.

    4.   Сега ги разбирам илјадниците луѓе што минатата недела дојдоа на трибината на ВМРО-ДПМНЕ во салата “Борис Трајковски” во Скопје. Секој си ги гледа својата живејачка и домашниот есап. Ако си наставник и десет години си чекал вработување, па конечно со партиски список си се вработил за да го издржуваш семејството, сигурно дека ако те викне партијата, ќе дојдеш на митинг. Ни сок ни сендвич не мора да му дадат.
    Што би добил тој обичен човек и граѓанин кој не мора да е член на партијата, со тоа што би одбил да се качи во автобус во една убава сончева недела за да дојде до Скопје? А има што да изгуби.

    5.   Гледав некоја анкета на вести. Во скопската населба Аеродром многу згради останале без вода речиси два дена. И прашуваа граѓани по улиците. Сите насмеани, расположени… Една повозрасна госпоѓа рече дека $ снемало вода во моментот кога само што ставила шампон на косата. Морала така да излезе. И слатко си се изнасмеа. Друга се пофали дека во нејзината зграда имало две вертикали. Во половина станови имало вода. А еден господин се пожали дека останале неизмиени оти нема вода два дена и мудро заклучи со насмевка: “Е тоа ти е!”
    Што народ сме ние непокорен. Чудесен народ. Во секоја неволја ја бараш светлата страна од животот. Кога, инаку, би излегол на улица со коса забетонирана со шампон? Немало вода? Може така треба.
    И после се чудиме зошто во сите македонски приказни има некој Трпе. Трпе непокорениот.

    6.   Додека оние во Аеродром немаат вода, овие во Центар аздисуваат. Ај што непречено се возат со лифтовите, па и хидрантите им работат, сега запнале на референдум за Трговскиот центар ќе излегуваат. Си ја бараат бељата.
    Туку да си фатат со време да ги вежбаат нозете оние што живеат во кулите. Да набиваат кондиција. За на денот на референдумот кога ќе им ги исклучат лифтовите, да можат да излезат да гласаат. Или ноќта пред референдумот нека преспијат кај комшиите на пониските катови. Со надеж дека ќе им го пуштат лифтот и кога референдумот ќе заврши. А и вода ќе им пуштат.

    7.   На учениците во основните и во средните училишта им воведоа екстерно тестирање за да ги проверуваат наставниците. Откако почнаа да ги казнуваат наставниците, имаше штрајк. И еден убав ден Владата и СОНК се договорија и ги укинаа казните за наставниците. А на учениците некој помисли? Нека извинат оти немаат детски синдикат. Оти ним им останаа и екстерното тестирање и оценките во свидетелствата.
    Изгубени се смислата и причината зошто беше воведено екстерното тестирање. Не е кому му е пишано, туку кому му е судено.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари