УЧЕЊЕТО Е ШТЕТНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:163:"На10јуниизвесноесамодекаќепочнешколскиотраспуст.За11јунимиздодеадасенадевам

    1.    Македонија повторно се занимава со својата омилена активност. Чека значајни датуми. И пропушта значајни датуми. Овој пат тоа е 10 јуни. Датумот кога во Брисел требаше да се дефинира на кој начин ќе се организираат предвремени избори до крајот на април. Овој 10 јуни извесно е само дека ќе почне школскиот распуст. И дека ќе заврши екстерното малтретирање на учениците и на родителите. За други датуми што ќе бидат многу значајни за македонската држава некако баш ми е гајле. Оти ми здодеа да се надевам.
    Во што да веруваш во оваа држава? Дури ни на изјавата на Хан не веруваме, ниту пак на МТВ која ја пренела. Овој 10 јуни барем на момент ми влеа надеж дека ете можеби ќе почне повторно да се гради довербата во институциите на државата.
    Кој да му верува на ова Собрание? Имате доверба во пратениците кои без опозиција си гласаат закони без да прочитаат што гласаат? Знаете што сè имаат изгласано? Во Куманово на 9 мај знае ли некој што се случило? Освен тоа дека има 8 загинати полицајци, ништо друго не знаеме. Веруваме ли кога на телевизија ќе јават за принудно слетување на владин авион. Особено што другиот ден самите ќе прецизираат дека слетувањето не било принудно.
    Ако не веруваш како јавниот сервис ја пренел изјавата на Хан, на кого можеш да му веруваш? На другите медиуми? На Фејсбук ли може да му се верува? Па тука и Интернет кога ќе снема веднаш се сомневаш дека тоа е нечија нарачка за намерен прекин на комуникациите. Струја кога ќе снема си мислиш дека газдата на некоја приватна телевизија сам си го скинал кабелот за да не излета некоја неконтролирана емисија. За лифт ако се расипе одма си мислиш да не дошол ден за избори. На технички преглед да те испрати полиција ќе се скапаш од оправдување дека не одиш на митинг на опозиција. Ви се верува дека 40 луѓе можат да живеат во еден стан во Центар? И дека на избирачки список има запишано станари од четврти влез во зграда што има три влеза. Во Комисија за лустрација веруваш? Или можеби во онаа антикорупциската.
    А ако веруваш во суд, тогаш мора да си вистински верник. Оти таму само верба во Бога може да те спаси. Исто како што не ти се верува дека познат новинар критичар на власта може да загине во обична сообраќајка. Несреќи се случуваат. И еболата кога се појави на мајтап ја дочекавме оти за три дена се изгуби. И за азискиот стршен во Аеродром не верувавме оти уште ги чекаме резултатите од референтната лабораторија. А ни листеријата што ја најдоа во некое гевгелиско гранапче не ја поврзаа со неколку починати. Исто како што не можеме да поверуваме дека деветгодишно девојче може да почине од сколиоза при толку успешни реформи во здравството. И во гласање за најдобра песна на фестивал се сомневаме. Дури и да е убава. А бе ни во временска прогноза не веруваме, па од три места проверуваме дали ќе врне.
    Уф се уморив. А само што почнав да набројувам. Па ни во подобар живот не веруваме. Во оваа држава.

    2.    По договорот од Пржино, кога еврокомесарот Хан соопшти дека Заев и Груевски се договориле за предвремени избори, со соопштение се јави претседателот Ѓорге Иванов. Го поздрави напредокот во преговорите меѓу политичките лидери. Од каде ли ни се врати претседателот, па виде дека нешто се случувало во државата дур не бил тука?
    Ај што го поздрави дијалогот, туку на партиските лидери им испрати и порака: “Граѓаните очекуваат резултати и одржливи решенија. Тоа го очекувам и јас”.
    Претседателе, јас од вас ништо не очекувам. За овие шест години покажавте и резултати и одржливи решенија.

    3.    Три клучни прашања во моментов ја мачат Македонија. Кои се вистинските одговори на прашањата за екстерно? Кој ќе победи вечерва во Лигата на шампионите? И дали државата ќе ја биде или не?
    Ова екстерното ги мобилизира сите умствени капацитети на нацијата. Старо, младо, машко и женско, на нозе се кренало. Се бара одговор на прашање повеќе. Наставници, родители, баби, дедовци, комшии, пријатели… Сите се во потрага. Одговори има. Ама не се знае кои се точни. Берзата на точно одговорени прашања котира подобро од Македонската берза.
    Смислата на екстерното беше да се провери колку се валидни оценките на наставниците. Тие штрајкуваа и се изборија да не бидат казнувани ако нивните ученици имаат лоши оценки на екстерно. Арно ама, екстерното остана, оценките за учениците останаа. Ај што останаа, туку се пишуваат во свидетелство и влијаат врз просекот.
    Значи учениците се дупло казнети. Ем не научиле од наставниците, ем самите се виновни за тоа.
    Како ли го смислија овој генијален модел за проверка на успешноста на наставниците? Ова не ќе да е – Миле ми текна. Ова ќе да е – Спире ми текна. И упорно не признаваат дека згрешиле. Инсистираат на тестирање, а главната причина за тестирањето не постои. Постојат само избезумени наставници, хистерични родители и деца што од мали ги учиме да се чувствуваат како жртви.
    И така влеговме во проект “Нова фрустрација за цела нација”. Ем екстерното е толку непотребно, ја изгуби смислата оти нема казни за наставниците, ем е од витално значење за иднината на децата, оти просекот е важен за упис во средно или на факултет. Па родителите се доведоа во апсурдна ситуација. Или учат наместо децата, или ги учат децата дека нема потреба да учат нешто што нема да им падне на лото три дена пред испит. И што научија децата од екстерното? Дека учењето во животот е штетно.

    4.    Како кулминација на политичката криза во земјата што го тресе регионот, а богами и светот, власта грижливо ја чува најстрашната тајна. Колку чинат новите униформи на туристичката стража во Скопје.
    Еве цела недела се обидуваме да дознаеме за колку пари се сошиени фустаните на придружничките на војниците на фалангата на Александар. Побрзо се дозна што им рекол Хан на Груевски и Заев, отколку колку пари од граѓаните на Скопје се потрошени за новото руво на туристичката стража.
    Ја чув директорката на Детскиот дом “Карпош” како на телевизија мудро даде одговор на прашањето колку пари се потрошени. Рече: “Не е скапо”. И додаде дека тоа било добро за туристите.
    Е ако де. И гардата е убава. И туристите се добредојдени. Ама ме интересира колку пари ние сме вложиле за да дојдат туристи за да ја видат убавата гарда. И не сфаќам зошто и тој трошок на наши пари треба да биде мистерија.
    И што значи тоа дека не е скапо. Дека фустаните се поевтини од споменикот на Александар Македонски? Па на некои земји и лансирање сонда на Марс не им е скапо.
    И тука пак се враќаме на прашањето за довербата. Како да им верувам? Каква е таа ароганција? Ние кажуваме дали нешто е скапо или не. Па ако се поставени од партијата, не се Господ па да не смееш ни да прашаш. Конечно, тие пари што ги трошат уште се наши. И тие што ги потрошија беа наши.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари