ВАГИНАЛНО СЕЛФИ

Кога прв пат фрли бомба Заев се самоповреди со 50.000 евра

    ВАГИНАЛНО СЕЛФИ

    1.Непознати вооружени лица во црна облека се појавиле во Гостивар, во Арачиново и низ Тетовско. Заменик-министерот за внатрешни работи Земри Ќамили рече дека имало такви случаи, тие се претставиле дека се членови на некаква гарда на Илирида, ама “од полициски аспект, ситуацијата не е за вознемирување”.
    И јас не се вознемирувам што се појавиле вооружени во црни униформи. Особено што тоа го потврдува заменик-министер за внатрешни работи. Туку се секирам дали се под контрола.

    2. Лидерот на СДСМ повторно се закани дека ќе открие афера бомба, после која Груевски ќе мора да си даде оставка за три дена. Ама аферата не ја открива. Туку го темпира времето. Значи тоа е темпирана бомба.
    Првиот пат кога Заев откри бомба за време на изборите, се самоповреди со 50.000 евра на суд за клевета и навреда. Помина лесно. Што ако и вторава бомба не му успее? Особено што вика дека ако Груевски не даде оставка за три дена, тогаш тој ќе си даде оставка сосе цело раководство. Тоа му доаѓа нешто како бомбаш самоубиец.

    3. Прво некое неидентификувано здружение на жени побара да му се покрие пенисот на споменикот на Прометеј, спроти Собранието. Оти жените ич кур не виделе, па ќе се вознемиреле. И уметникот веднаш им излезе во пресрет. Преку ноќ му стави пелена на Прометеј.
    Сега државата пак се возбуди од голи мажи. Агенцијата за филм побара од режисерот Столе Попов да ја скрати сцената од филмот “До Балчак”, во која статистите скокаат голи и им се тресат мандалата. Оти со таа сцена филмот немало да можат да го гледаат малолетни ученици, па така ќе трпел научно-образовниот процес. И режисерот веднаш се согласи. Ќе ги исече патлаците.
    Е тоа е вистинска борба за уметнички и авторски интегритет. Од една страна, полни им се устите со големи зборови за слобода на изразување, уметничка слобода и демократија. Од друга страна, уметниците сами си се кастрираат.

    4. Во “До Балчак”, српскиот актер Никола Којо, во улога на некој што регрутира Македонци за работа во Америка, ги тера мажите да се соблечат и да скокаат угул голи и ги зафркава дека тој што има најголем, ќе ја освои Америка. Не знам дали прекроениот филм без таа сцена ќе биде само за внатрешна употреба или и за меѓународна употреба, што би рекле Грците “ерга омнес”. Или, пак, надвор ќе оди нецензурираната верзија. Така единствено македонската дијаспора ќе може да оцени со каков алат нивните претци ја освоиле Америка. А домашната публика што веќе го гледала филмот во оригиналната верзија, ќе оди на превоспитување. На бришење на деталите од меморијата.
    Категоризацијата на филмовите според возраста на публиката зависи од тоа колку има насилство или експлицитни сексуални сцени. Којзнае што сè ни гледаат децата во турските серии под будното око на бабите? Сулејман кога сече глави не е страшно, нели? Тоа ли е во функција на научнообразовниот процес? Или кога мајката ги избира невестите на синовите – тоа е во духот на традицијата? Кога мажите си ги тепаат жените тоа не се сцени за кратење, оти сигурно има логично оправдување – Што повеќе ја тепам тоа повеќе ме сака. Кога малолетнички не смеат да абортираат, па раѓаат дури и по цена да умрат – и тоа не е спорна сцена оти така бара верата? И сето тоа го даваат на телевизија, преку цел ден и во ударни термини и сите можат да гледаат. Па тоа не е проблем за научнообразовниот процес. Како сега одеднаш голо тело во уметничко дело, па макар тоа било и машко, треба да се забрани?

    5. Кога сме веќе кај малолетници што под присила раѓаат деца како во турските серии, завчера на вести на една од националните телевизии изгледав долг прилог со јавување во живо од Куманово дека кај нас расте бројот на малолетни мајки.
    Можеби е необично, но станува логично. Прво одеше кампања за трето дете. Потоа одеше кампања за штетност на абортусот. Па со закон се искомплицира процедурата и се отежни абортусот. Па сега се размислува со закон да се натераат газдите да го плаќаат породилното отсуство, па отпосле да си бараат пари од државата.
    Како последица на оваа низа владини мерки, ако жената сака ем да стане мајка ем да тера кариера, најдобро е да раѓа додека е малолетна. Па кога ќе ги израсне децата на некои 25 до 30 години, ќе има време за кариера дури и во приватна фирма. Со израснати деца и со ветување дека нема да го повтори делото, газдата сериозно ќе ја земе предвид нејзината апликација за работа.

    6. Министерството за здравство ги следи технолошките достигнувања во комуникациите. Како продолжение на проектот “Ало, докторе”, кога пациенти на телефон им се јавуваат на специјалисти за разни болести, од пред два дена Министерството воведе Фејсбук страница “Здрава бременост”.
    Трудниците, покрај тоа што би требало редовно да одат кај матичниот гинеколог на преглед, сега ќе можат и на компјутер, додека седат на Фејсбук, да испраќаат прашања до гинеколозите од Државната клиника во Скопје. Интимноста е загарантирана. Освен ако некоја трудница намерно или ненамерно постави слика на објектот што вообичаено е предмет на интерес при гинеколошки преглед. Со помош на паметните телефони и самослик технологијата, се доаѓа до таканаречено “вагинално селфи” кое лесно се постира на Фејсбук и понатаму, со споделување, ќе биде предмет на разгледување на тие што се за тоа најповикани.
    Па после, ако сè е во ред, специјалистот ќе кликне лајк. Исто така, може да напише и коментар под сликата и да отвори широка дебата. Согласно принципите на медицината базирана на докази.

    7. Фејсбук страница за специјалист уролог во моментов не се разгледува како опција. Не се вклопува во научнообразовниот процес.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари