ВЕСЕЛА СТАТИСТИКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"Бројотнаболнизаноемвриидекемвриевеќепотрошен

    1. Се јави и претседателот Ѓорге Иванов. По едно пет-шест години, дојде време да прекине еден значаен настан како што е “Спортски бонтон”. Всушност, пак не кажа ништо, ама барем еднаш се јави за некоја актуелна тема. Па од Ново Село порача дека треба да се слушнат и студентите.
    Барем за момент професорот Иванов го победи претседателот Иванов. Ама кога ќе дојде време да се потпише законот, ќе видиме кој ќе биде посилен. Претседателот или професорот? Професорот на Правниот факултет, доктор по правни науки, кој професионалната кариера ја изгради како експерт за граѓанско општество. Или, пак, претседателот кој доби уште еден мандат.

    2. Изгледа дека претседателот Иванов гледал вести на една, а професорот Иванов гледал вести на друга телевизија. Па кога извадил некаков просек, сфатил дека студентите нешто барале. Оти во вторникот, на три национални телевизии веста за протестот на студентите против екстерното не беше вест туку белешка некаде пред веста за подземните контејнери во Аеродром. А известувачите од настанот јавија дека “Меѓународниот ден на студентите бил одбележен со марш”. Значи, славеле. Така што веста за прослава на некаков си ден на студенти, секако е помалку важна од веста дека подземјето ќе го скрие ѓубрето.
    Телевизиите кои во вторникот известуваа за “одбележување”, ја сфатија димензијата на настанот дури откако министерот за образование Абдулаќим Адеми се изјасни за темата. Па веќе во средата, истите телевизии одеа со прва вест која одеше вака: “Несфатлив за Министерството за образование беше вчерашниот масовен марш на студентите”. Значи, телевизиите од министерот разбраа дека имало протест. Па дури и дека маршот бил масовен.
    Министерот Адеми рече дека студентите не биле вистински организатори на протестот и оти некој стои во заднина. И плус поентираше дека “има барање за оставка на министер, а се знае дека оставка секогаш бараат политички партии, а не студенти”.
    На кој факултет го учел министерот ова? Изгледа на некој факултет што нема екстерно. Само СДСМ и ДПА ли смеат да бараат оставка од министрите? Можеби студентите требаше на челата да си испишат “Не сум СДСМ, а барам оставка”. Па тие се полнолетни граѓани и гласаат. Мора ли партија да му каже на полнолетен гласач како да мисли? Особено ако е доволно школуван и паметен за да стаса до факултет. И што му значеше на Адеми дека “некој стоел во заднина”? Дека СДСМ е толку силен да извади толку млади на улица!? Да имаше СДСМ толку поддржувачи на неговиот подмладок и нивниот глас меѓу народот да врвеше толку, немаше да биде ваква скапана опозиција. Па тие деца за лепење плакати не можат да соберат, а не да убедат толку студенти да маршираат низ Скопје.

    3. Во Битолската болница, за шест месеци се потрошиле реагенсите за прегледи за тироидната жлезда кои биле предвидени за цела година. И директорот на Болницата ќе ги казни лекарите оти уште во јуни ја надминале нормата. А што правеле? Го исполнувале “мојот термин” и прегледувале пациенти. Го слушав директорот и пак не ми беше јасно што беља направиле. За што служи реагенс за тироида, освен за прегледи на тироида? Во недостиг на ракија, некој го пиел реагенсот? Го носеле дома и го служеле на гости?
    Кој би ти прегледувал тироида ако смета дека тоа не е потребно? Исто како што министерот за здравство Никола Тодоров се жалеше дека луѓето многу оделе на компјутерска томографија. Божем некој сака да се зрачи оти му е забавно. И исто како што во август предвреме се потрошија парите за еден вид инсулин. Небаре шеќерашите го пиеја инсулинот.
    Директорот на Болницата во Битола рече дека набавката на реагенси била направена врз основа на медицина базирана на докази. И еве доказ дека не е така. Ништо чудно министерот в година во септември да ни соопшти: Кој е болен, болен е, кој мисли да се разболува, нека фати “мој термин” за октомври, оти бројот на болни за ноември и декември е веќе потрошен.
    Ако лекарите во Битола не прегледувале, ќе беа казнети оти не работеле. Бидејќи претерале со прегледите, ќе добијат казни оти многу работеле. Како и да е, од казна не куртулуваат. Сите реформи во здравството ги темелат врз основа на казни. Како државата да имаат работа со криминалци, а не со лекари и со пациенти. Ем сите плаќаме за здравствено осигурување ем сите сме виновни ако снема пари.
    И не само во здравството. Сите реформи државата ги темели на перцепцијата дека сите ние сме криминалци. И затоа мора да бидеме казнети. Што лоши граѓани им се погодивме.

    4. Неделава повторно беше актуелен апел за десетгодишното девојче Тамара од Велес, болно од напредна сколиоза, кому Фондот за здравство не му одобрил 30.000 евра за операција. Лекарите велат дека таква операција кај нас не може да се изведе, а без таа операција девојчето ќе остане телесен инвалид. Ако се направи операција во странство, Тамара би можела да води нормален живот, да работи, да заработува, да придонесува за општеството. А ако остане инвалид, цел живот ќе остане на товар на државата. И ќе ја чини државата многу повеќе од 30.000 евра, кои Фондот проценил дека сега не треба да ги даде. Каде е калкулаторот? Казна за лоша проценка има?
    Ај пак да него споменувам тркалото на Вардар. Ама 45.000 евра за три песни дадовме.

    5. Интересна е ренесансата која ја живеат македонските медиуми во набројување статистички податоци. Бројки на сите страни. Не знам колкумина се јавиле на “Ало, докторе”. Не знам колку казни напишала полицијата во текот на викендот. Не знам колку дуќани затворила УЈП. Не знам колку казни за пушење се изречени…
    Минатата недела ни соопштија дека во само една ноќ, на Детската клиника во Скопје итно биле прегледани 100 деца. Што значи таа бројка? Многу се? Малку се? Колку нормално се прегледуваат? Колку нормално има итни случаи? Треба да се радуваме? Или да сме загрижени? Или нема врска. Кажи бројка, и ете ти вест за слободно информирање.
    Ај што ја живееме ренесансата туку ја откривме и магијата на споредба на статистички податоци. Па така, на една телевизија одеше ова вест: Бројот на жртви од сообраќајки е поголем од бројот на убиства.
    Ете уште еден успех на статистиката.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари