ЗАГУБЕНА ОРИЕНТАЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:244:"Морадаеѓаволскитешкодасеразберешсочовеккојнеслушадоброинетеразбираштозборуваш,азгоранатоанезнаеникадесенаоѓа

    1. Мислам дека повеќе нема потреба да го гњавиме претседателот на Репу­бликата Киро Глигоров со прашањето: “Зошто, кога се водеа билатералните меѓурепублички преговори, не дојде до најавената средба меѓу него и прет­седателот на Србија Слободан Милошевиќ”?
    Во тоа време на оваа тема беше лансиран еден виц кој, по изјавата на Мило­шевиќ дека не ја признава сувереноста на Република Македонија, дадена на прес-конференцијата во срцето на македонската држава и култура – Охрид, наместо одговор, на зајадливите новинари, може со мирно срце да им го пре­раскажува и самиот Глигоров. Наводно, по примерот на тајните српскохрват­ски сеанси и претседателот на Македонија му предложил на Милошевиќ да се сретне со него, “Некаде во граничното подрачје”. Двајцата претседатели во закажаниот термин дошле на лице место, ама не се виделе. Глигоров чекал во Табановци кај Кума­ново, а Милошевиќ – на Богородица кај Гевгелија!

    2. Насмевката што се појави на лицето на претседателот Глигоров, како реакција на безобразното негирање на македонската сувереност од страна на Милошевиќ, може да се толкува само како знак на олеснување, што конечно и македонската јавност “во живо” виде со каков човек треба да има работа нејзиниот претседател. Мора да е ѓаволски тешко да се расправаш со човек што повремено “не слуша добро”, многу често “не разбира” (“Говори српски да те цео свет разу­ме!”), а во последно време почнал и да го губи чувството за ориентација во прос­торот. Постојано зборува за добрососедски односи во контекст на традици­оналното српско-грчко пријателство. Со таква сериозна мана, а воден од светата цел на сите Срби во светот да им обезбеди една држава, ќе почне сите земји што ги посетува, а со кои Србија има традиционално добри односи, да си ги прогласува за соседи.

    3. Од посетата на Грција најмногу штета имаше неговото послушно “синче” Момир Булатовиќ. Сиромашкиот, остана два дена без родителска заштита, па во Охрид се избезуми и во еден момент дури гласаше против Милошевиќ. После “тато” си го зеде синчето на ручек да го прекори за неговото невоспитано одне­сување, па попладнето го избистрија тоа што го замати заведеното детуле.
    Овој пат навистина го разбирам Булатовиќ. Од каде можеше да претпостави дека тој што до пред една недела најмногу бараше референдум сега ќе биде – против референдум. Немаше кога да се слушнат, бидејќи Милошевиќ патуваше. Па дури и по слетувањето на охридскиот аеродром дадоа различни изјави. Мило­шевиќ рече: “Одиме натаму!” а Булатовиќ “Одиме чекор напред”!
    Уште еден доказ дека Милошевиќ не само што го загубил чувството за ориентација, туку ја загубил и смислата за логично размислување, со неговото тврдење дека ни една република не е суверена, а суверенитетот ѝ припаѓа на Југославија. Од друга страна вели дека во Грција не ја претставувал Југославија, туку Србија. Значи, Грците сите државнички почести му ги приредија на некојси претседател на некое територијално подрачје наречено Србија. А и Уставот на Србија во кој, како во вистинска суверена држава, на Милошевиќ му е дадена и улогата на врховен командант на оружените сили – не важи. До некоја следна потреба за негова потреба.

    4. Менувањето на ставовите според потреба, па дури и селидбата од една идеологија во друга, е добро позната работа и на македонските простори. Пред неколку дена ВМРО-ДПМНЕ го образложуваше барањето имотот на СК-ПДП да ѝ се врати на државата, затоа што комунистите со преминување во Социјал­демократски сојуз ја менуваат и идеологијата и стануваат нова партија. На конференцијата за печат беше присутен и Драги Арсов.
    Моите постари колеги го паметат Арсов од времето кога, како морално слободен новинар се префрли на работното место во Собранието на СРМ. Паметат и дека беше во тимот на тогашниот претседател Ката Лахтова.
    Сега Драги Арсов е еден од поголемите Македонци во ВМРО-ДПМНЕ и потпретседател на Собранието на Македонија. Како еден од многуте што ја смениле идеологијата и партијата, можеби лично се чувствува одговорен за “комунистичките злосторства” меѓу кои бил веројатно и некој негов пишан збор, но не верувам дека со добра волја би го преотстапил потпретседателското место во Собранието на некој друг. Таа фотелја, покрај тоа што е производ на неговата несомнена вештина за преобразба во вистинско време, сепак има подлога и во неговото долгогодишно служење по собраниските кабинети, од славното минато кога го градел комунизмот.

    5. Пописот заврши. Го прогласија за успешен. Албанците докрај останаа лојални на своите ПДП и НДП и не се попишаа.
    Резултат: Албанците самите си се избришаа од списокот на населението на Македонија. Републичкиот завод за статистика, со тоа што ја прогласи работата за завршена, ја избриша западна Македонија.
    Проблеми нема! Нема кој да ги создава.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари