ЗАМЕНСКИ ДЕЦА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:117:"Коганепиеменафта,вистинскатареалностеанусспоенсовагина

    1.  Еве цела недела како што заврши распустот, дома држам часови по граѓанско образование. Морам да им објаснам на децата зошто не одат во школо. Бидејќи го почитувам Уставот, а тој го гарантира правото на штрајк, не им ги оставив децата на заменски наставници. Би ги оставил, ама сè уште не се дојдени до одделение во кое се учи предметот граѓанско образование. Многу сум љубопитен како некој наставник што градоначалникот го ангажирал да ги замени колегите што штрајкуваат ќе држи предавања на таа тема. Да им објасни на децата што е штрајк, каква е улогата на синдикатите во демократско општество, што е слобода на говор, што е Устав, што е цензура, што е слобода на граѓанско здружување… Да им каже и што е лојалност кон државата. И дали лојалноста кон државата е поврзана со лојалност кон партијата од која е градоначалникот. Само се плашам децата, како што ме прашуваат дома, да не почнат многу да прашуваат и во школо.Што ако нешто не им е јасно? А заменскиот наставник не може да им објасни. И ако на градоначалникот не му се допаѓаат прашањата на оригиналните деца, да си донесе и заменски деца?

    2.   Како ги наоѓаат заменските наставници? Сами се јавуваат, доброволно заменуваат, или се само пренаменети? Прво партијата ги уценувала луѓето со тоа што со години ги држела со решение за вработување на одредено време или само на хонорар. А сега за да ги задржат работните места, еднаш уценетите мора да одработат замена на нивните колеги. Оти штрајк, нели, нема. Никој не бара поголема плата. А изгледа и не им треба. Плус, наставниците се согласуваат со казнената политика на Владата воведена со екстерните испити.
    Всушност, со воведувањето на заменски луѓе само се институционализираше начинот на кој повеќе од 23 години функционира македонското општество. Тоа значи дека тоа што си лепел плакати и што си морал со своето присуство да правиш бројност на политички митинзи, и си морал да донесеш најмалку десет гласови на избори, па затоа си добил државна работа, сега ќе мора да го платиш. Со тоа што ќе се претвориш во заменски човек. Колку тоа гордо звучи.
    А наставникот по граѓанско образование, па дури и тој што е прва замена, сигурно знае дека во Уставот пишува оти не само физичкиот туку и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени. Ама така пишува само во Уставот. Со закон може и моралниот интегритет ќе го забранат. Исто како што правото на штрајк е гарантирано со Устав, а забрането со закон.

    3.   И во едно такво општество, поделено на оригинални и заменски личности, не е ништо чудно кога ќе ти дојде редот за операција, да му се паднеш и на некој заменски хирург. Кој под надзор на американски стручњак спојува вагина со дебело црево, како што се случи во една скопска болница. И нормално е после да те убедуваат дека така треба.
    Стручњакот е дел од владините реформи во здравството. Ама ако поставиш прашање за одговорност на американскиот стручњак, ќе ти најдат замена што не поставува глупави прашања.

    4.   Приказната со колегата Томче Кежаровски, кој беше осуден на две години затвор, можеше да се реши на многу едноставен начин. Доволно ќе беше претседателот на државата Ѓорге Иванов да го аболира. Без да навлегува во судските одлуки, без да толкува правнички процедури, без дури и да се заморува со случајот. Едноставно. Тој е Претседател. Неговата функција е да ја претставува државата. Тој дури и победи со слоганот “Државата пред сè”. Можеше само да каже дека не е добро за имиџот на државата да имаш новинар во затвор за објавен текст. Дека не е убаво за Македонија да ја споменуваат во иста група со Турција, Русија и со Белорусија кога се зборува за граѓанските слободи и демократија во Европа. И за доброто на државата, која му е над сè, ќе го ослободеше Кежо. Можеше, ама не направи така.

    5.   За разлика од случајот со Кежо, Ѓоле не нè разочара во врска со Законот за високото образование. Тој постапи токму така како што очекувавме. Го потпиша во предвидениот термин.

    6.  Кога сме веќе кај имиџот на државата и затворањето новинар, разочара и министерот за надворешни работи Никола Попоски. На прашање на австриски новинар, изјави дека не му јасно зошто новинарите протестираат кога “лицето веќе било на слобода”.
    Изгледа дека поради бројните службени отсуства од земјата не разбрал дека скоро две години во Македонија лежи новинар во затвор.

    7.   Го гледав министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески како во вести ги промовира новите линии на унгарскиот нискобуџетен авиопревозник “Визер”. Затоа што на унгарски газда му даваме наши пари од буџетот да ни вози патници со неговите авиони. Па уште и цени споменуваше, џанам да побрзаме да си резервираме додека не се потрошиле евтините карти.
    Има ли држава во светот во која министер за транспорт се појавува да рекламира приватна авиокомпанија? Ај што компанијата е приватна туку е и од друга држава?Додуша, нам пријателска. Овие Унгарциве многу ербап бизнисмени излегоа. Многу јак портпарол имаат во Македонија.

    8.   Добро ни дојде падот на цената на нафтата. Порано во виното вистината ја баравме, сега во нафтата ја добиваме. Така ја одржуваме паралелната реалност во која економијата расте затоа што сиромаштијата не е измерена од 2012, расте и бројот на вработени со бришење на хонорарците, нема штрајкови, нема протести, се храниме здраво, а дишеме загаден воздух, има слободни медиуми, независни судови, ефикасно здравство и реформирано образование.
    А кога не пиеме нафта, вистинската реалност е анус споен со вагина. Ама под меѓународна супервизија. И со уверување дека така треба да биде.

    9.   И за крај доаѓа препораката од локалните власти како да се однесуваме со загадувањето. Не излегувајте од дома. И не проветрувајте. Уживајте си во смрдеата што сами сте си ја направиле.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари