ЗАРАЗНА ГЛУПОСТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:162:"Дајдодекаевремеиниеточацидасикупиме.Додекаможемедагинајдемепонормалницени

    1.   Навистина, зошто се преговараше во Брисел? Заборавивме што се случува во земјава од 31 јануари до денеска? Се сеќавате зошто воопшто дојде до овие преговори?
    Јас мислев дека штом четворица партиски лидери ги собираат во седиштето на ЕУ во Брисел, тие преговараат за европски вредности. Само што уште не сфаќам што има тука да се преговара. Вредности си се вредности. Или ги почитуваш, или не ги почитуваш.
    Кога во нивните земји би преговарале партиски лидери во главен град на друга држава за основни вредности? Дали лидерите на партиите во земјите-членки на ЕУ преговараат дали треба многу да се прислушува, или помалку да се прислушува? Дали премиерот на земја-членка на ЕУ смее многу да менува генерален урбанистички план, или можеби смее само детален? Дали таму штабот на партијата за време на избори смее да се смести во седиштето на МВР, или не смее? Верувам дека посредникот Хан го споделил со нашите лидери австриското искуство. Дали таму со партиска книшка се вработува цела администрација, или само половина? Колку е дозволено да се местат изборите во ЕУ? Малку, или малку повеќе? Медиумите се поткупуваат со малку државни пари за партиска пропаганда, или дозволено е малку повеќе пари од буџетот да се потрошат? На обвинителите и на судиите само малку им се јавуваат, или европски стандард е малку повеќе да им ѕвонат? Малкумина се избрани од партијата, или сите се проверени и штиклирани на партиско списоче?
    Велат дека земјата може да стане членка на ЕУ само ако ги почитува таканаречените Копенхашки критериуми кои се утврдени уште во 1993 година. Меѓу нив, првиот критериум е политичкиот. И услов за да почне Европскиот совет преговори за членство со некоја земја е токму задоволување на тој политички критериум. А тој подразбира стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото, човекови слободи и почитување и заштита на малцинствата.
    Кои институции? Каква стабилност? И стабилност по цена на што? По цена на загрозување на европските вредности? Де, де… Па не мора баш толку да се претерува со демократијата во Македонија.

    2.   Пред околу седум и пол години Европската унија имаше еврокомесар за проширување. Нешто слично како овој сегашниот Хан. Тогашниот Јоханес Хан се викаше Оли Рен. За разлика од сегашниот еврокомесар кој е Австриец, тогашниот беше Финец. И како Финец, во таа не далечна 2007 година, чинам дека беше некаде доцна наесен, кога се пишува извештајот за Македонија, Рен ни раскажуваше фински вицови. Кога го прашаа какви се шансите Македонија да добие датум за преговори, тој одговори со анегдота. Кога едно утро, сопругата го прашала славниот фински композитор Сибелиус: “Драги, кога ќе се вратиш дома?”, тој и` одговорил: “Не знам, драга, не сум прогнозер, јас сум само композитор”.
    Е па убава музика ни спакуваа. И сограѓанинот на Сибелиус во 2007 и сограѓанинот на Моцарт во 2015. Само што нам сè помалку ни е до пеење.
    И еве до каде стасавме со вицкастите еврокомесари. Оттогаш до денеска секоја година Македонија добива позитивни извештаи за напредокот кон ЕУ. Секоја година и Европската комисија и Европарламентот даваат препораки за почеток на преговорите. И секоја година нема датум за преговори за ЕУ. Зошто? Затоа што, солидарно, апсурдот на проблемот со Грција го направија заедничка надворешна политика. Што убаво им дојде на нашите со дежурниот виновник. Па како резултат на тоа секоја година во нивните извештаите за напредок кон ЕУ Македонија е сè поназад по сите параметри.
    Можеби ние премногу веруваме во капацитетите на бирократите од Брисел. Кога во овие 25 години од независноста досега сме виделе дека Брисел решил некој наш домашен проблем? За волја на вистината, одделни земји се покажале како пријатели, ама ЕУ како заедница секогаш само гасела пожари. А кај нас, со ненавремено реагирање, и го распалија пожарот. И сега Хан глуми разочарување. Демек, двете страни требало еднакво да бидат спремни на компромис. И власта и опозицијата се еднакво одговорни. Во која држава на ЕУ го има тоа?
    Зошто и` даваа преодни оценки на власта? Има напредок, има напредок, и кога одеднаш… Институциите во кои имаше напредок излегоа скапани. Дојдовме до дереџе власта и опозицијата да преговараат во Брисел, и тоа со меѓународни посредници. Шест години по ред препораки, а целата политичка инфраструктура во државата – растурена. Е па и ЕУ учествувала во тоа растурање.
    Не е сега изборот Груевски или Заев. Ниту, пак, кој колку министри ќе има во некоја преодна влада. Ниту, пак, дали таа влада ќе трае шест месеци или година. Бомбите на Заев го разбуричкаа системот. Ама тоа не е доволно. Потребна е демонтажа на системот. Да се растури она што почна како бранковизам, а што се надгради и се прошири во груевизам.
    Ако навистина ЕУ сака да помогне, тогаш треба да помогне во демонтажата на системот, а не да лицитира со бројки на министри и месеци до избори. Инаку, само привремено ќе го изгаси пожарот. До некоја поголема криза. А во меѓувреме, изгаснатиот пожар ќе ни го продава како стабилност.

    3.   Се изнаслушавме изјави и се изначитавме соопштенија од претставници на меѓународната заедница во кои цело време нè охрабруваат. Те ги охрабруваат лидерите, те ги охрабруваат граѓаните, те ги охрабруваат медиумите… Значи, нам само храброст ни фалела. Паметта уште никој не ни ја оспорил.

    4.   Власта, кога нејзе ѝ требаше, едночудо закони донесе по итна постапка. Море државни испити воведуваа, абортусот го комплицираа, работнички права кратеа… И сето тоа по скратена постапка. Оти беше многу итно. Значи, можело кога ѝ се брза на власта. А сега кога треба да се изгласаат измените на Законот за азил, со кои ќе им се овозможи на мигрантите три дена безбедно да минуваат низ Македонија, тоа не е итно. Оти само илјадници мигранти минуваат низ државата секојдневно, а десетици веќе изгинаа по пругите и по патиштата. Кој им е крив што не се гласачко тело на ВМРО и на ДУИ.
    Ако по пат се сожалиш на некое бегалско семејство и земеш некого в кола да му помогнеш, тогаш си криминалец. И ќе заглавиш во затвор за шверц со луѓе. А ако им продадеш ѓеврек за 100 денари и леб за 200 денари, тогаш си чесен. И дил ориентид.
    Една новинарка дошла дури од Британија и открила дека во Македонија киднапираат луѓе. На лондонската телевизија Канал 4 објави приказна дека мигрантите ги држат во куќа во Ваксинце и не ги пуштаат додека не платат по 1.000 евра. А полицијата до пред две дена викаше дека немало пријава.
    По телевизиите секој ден одат потресни приказни, во кои Сиријците кога ќе влезат во Македонија се плашат да не бидат грабнати и ограбени од некои Авганистанци и Пакистанци. Замислете, Пакистанци и Авганистанци киднапираат Сиријци во Македонија. А полицијата чека пријава. Па кога ќе снема Сиријци, ќе киднапираат Македонци. Или Албанци, сеедно. Кога веќе ќе им прејде во навика.
    Туку дај, додека е време, и ние точаци да си купиме. Додека можеме да ги најдеме по нормални цени.

    5.   Во Софија дигнаа споменик на цар Самоил. Ама има разлика од нашиот, кај нив чини 50 илјади евра, а кај нас 100 илјади чини само селењето на споменикот десет метри потаму.
    Има уште една разлика. Авторот на софискиот Цар Самоил предвидел да му светат очите. Локалната самоуправа, пак, смета дека тоа не е пристојно, затоа што војниците на Самоил биле ослепени. Авторот си го брани делото оти светлата го симболизирале жарот што се гледал во очите на царот. И Бугарија неколку дена дебатира за лед-диодите кои навечер светат од очните дупки на споменикот. А дали Самоил ќе свети, ќе расправала Комисија на Министерството за култура.
    На Балканот глупоста отсекогаш била заразна. Со тоа што ние можеме да си се пофалиме дека сме лидери во регионот. Кому прв му текна да му стави пелени на Прометеј?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари