ЗАРОБЕНА ДРЖАВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:31:"Ќосетоевосудот

1 Значи, оваа власт веќе не се трпи. И затоа, дај да му дадеме на Груевски 63 пратеници да може конечно тој да дојде на власт. Еднаш веќе да победи. За да може да продолжи да го прави тоа што го правеше 10 години.

Груевски упорно се обидува да заборавиме дека ова се предвремени  избори. А зошто дојде до предвремени избори?  Затоа што власта беше фатена како крадела, лажела, местела избори, прислушувала, криела убиства, правела насилства… И поради тоа, лошата власт на ВМРО-ДПМНЕ треба да биде сменета, за да дојде добрата. Власта на ВМРО-ДПМНЕ.

И кога Груевски на митинг ќе викне: „Граѓаните не сакаат премиер криминалец и митаџија“, се прашувам дали мисли на оној премиер што го чувме како се консултира со Миле да им бараат на Кинезите „во точен износ колку?“  И има дилема: „Да не е многу бе, а ? Пробај со 15 да видиме како ќе реагираат“.

2 Е па, уште не можеме да дознаеме како реагирале Кинезите. Оти судот не дава да се дознае.

Ете, пак измислија нова рачка да не му дадат на СЈО да влезе во телекомуникацискиот оператор што не соработувал со истрагата за прислушувањето. Минатата недела судот не знаеше каде е адресата на еден од двата оператори. А откако СЈО му ја дало адресата и на судиите им кажале каде се и серверите, судот им одговори: „Од каде сте сигурни дека баш таму се серверите? Оти, тие можат да се селат“.

Истиот суд претходно не му даде на СЈО да ги користи доказите против УБК за нелегалното прислушување без дозвола од УБК. УБК, кое е осомничено за нелегално прислушување.

А избори ќе имаме затоа што се откри дека имало нелегално прислушување. И се слушна што правела власта додека се прислушувале меѓу себе и нè прислушувале сите наоколу.

3 Дали ќе заборавиме? Не е само Груевски виновен што со катастрофични сценарија во стилот “после мене потоп“ сака да се спаси од истраги. Тие катастрофични сценарија нема да опстанат ако му ги нема сите оние директори, директорчиња, претседатели и членови на управни одбори, директори на училишта и градинки и сите брутални извршители на неговите партиски политики што ги плаќа со нашите пари. Тие се Ќосето на новото ВМРО.

Можеби уште со сигурност не се знае кој прислушувал. Но, точно се знае кој судија не ја знаел адресата на еден од двата телекомуникациски оператори. Точно се знае и кој бил претседател на суд. Точно се знае кој седи во Антикорупциската комисија која брка криминал само кај опозицијата. Точно се знае кој бил директор на училиште што ги заклучувал  децата за да не излезат на штрајк. Точно се знае кој бил директор на клиника што организирал контраштрајк на лекарите. Точно се знае кој бил директор на медиум што вршел притисок врз новинари и кој газда исклучувал струја по нарачка. Точно се знае кој бил уредник што продуцирал куртон вести. Точно се знае кој седел во комисија за лустрација што лустрирала за одмазда. Точно се знае кој бил лидер на синдикат што правел синдикален контрапротест. Точно се знае кој културното наследство го покри со гипсани фасади. И точно се знае кој ги црташе гипсаните фасади. Точно се знае кој исклучуваше Интернет за време на студентските протести. Точно се знае кои се членови на комисијата што не потпишаа за лекување на Тамара и за којзнае уште колку деца…

Сите тие луѓе имаат име и презиме. И јаз’к да ни е ако ова го заборавиме. И стварно сме лудаци ако заборавиме.

Во оваа изборна кампања сите се бавиме со големите политичари, а ги заборавивме бруталните извршители. Сите се тие Ќосевци со окрвавени раце. И сега се гледа колку се битни. Колкава сила им дала партијата. Оти и по сè што слушнаа, уште бесрамно одработуваат за тој што ги плаќа со нашите пари.  И Ќосевците, наместо да завршат на суд, уште на сите ни пресудуваат. Не само во судот. Туку и на лекар, во школо, во инспекторат, на факултет, во катастар, во општина…

Ќосето не е истопорен во Скопје сосе тоа камата и пиштолите само како споменик пред судот. Ќосето е во судот.

4 Е токму затоа Груевски сака да заборавиме зошто се овие предвремени избори. И затоа упорно нè плаши со приказни за федерализација, кантонизација, двојазичност и слични глупости. Нормално е дека и за името ќе има некоја катастрофична приказна.

Не. Груевски не заборавил дека ова се предвремени избори. И добро знае зошто беше присилен да прифати предвремени избори. И добро знае дека на овие избори нема да се гласа за ВМРО-ДПМНЕ или за СДСМ. Нема да се гласа за тоа кој има програма, а кој нема програма. Ќе се гласа против криминалот. И против заробената држава.

5 Бесмисленоста на Денот на дрвото не се гледа само во тоа што животот во цела држава замре среде работна недела. Бесмисленоста не се гледа дури ни во податокот дека Општина Ѓорче Петров добила 80.000 садници, наспроти опозициската Општина Центар што добила само 120. Бесмисленоста не се гледа ни во податокот на Министерството за животна средина дека најголем пад на пошумена површина имало од 2009 до 2014 година, а секоја година власта се фали со милиони и милиони насадени дрва.

Којзнае. Можеби бесмисленоста не се гледа ни во тоа што на ЈСП Скопје државата му подарила 150.000 литри гориво од државните резерви, за автобусите да можат да возат на Денот на дрвото. Оти, сигурно може да се најде смисла во фактот дека ЈСП Скопје нема пари за гориво за автобусите, ама не престанува да го гради Панорамското тркало за 18 милиони евра. Има смисла. Смислата ја кажа поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески: „Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Трошиме за чоколадо, а немаме за леб“.

А ние лудаци ли сме?

Ќе видиме на 11 декември.

АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST

Слушај тука

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Се согласувам со политиката на приватност
Внесете валидна е-маил адреса
Емаил адресата е веќе регистрирана!
The security code entered was incorrect
Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира