ЗДРАВИ КРАВИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:97:"Далитиеполеснокогаќегодознаешиметонаболеста?

    1. Ако не сме можеле да го опишеме тоа што го живееме секој ден во нашата златна Македонија, затоа што не сме знаеле дека тоа може да се опише со зборови, сме биле јанлаш. Зборови имало. И можело да ни се опише животот.
    “Најкритичен проблем со човековите права е тоа што Владата не успеа целосно да го почитува владеењето на правото, така што ги меша државните со партиските интереси, се меша во судството и медиумите, и селективно гони политички противници, како и значајно ниво на корупција во Владата и полициска неказнивост. Политичкото мешање, неефикасноста, фаворизирањето на влијателните луѓе, продолжените судски процеси и корупцијата го карактеризираат судскиот систем”.
    Со куршум в чело. Попрецизно и без вишок зборови – здравје. Вака американскиот Стејт департмент во најновиот извештај ја опиша состојбата со човековите права во Македонија. Остатокот од извештајот за Македонија не мора да се чита.
    Дали сега откако видовме дека состојбата можела да се опише, ни стана полесно? Тоа ти е како да знаеш дека си болен, ама не знаеш дека болеста има име. Дали ти е полесно кога ќе го дознаеш името на болеста?

    2. Реално, да не беа натпартиските интелектуалци, ќе пропаднеше и кандидатурата на Ѓорге Иванов да се јави на огласот на ВМРО-ДПМНЕ за втор претседателски мандат. Среќа е што прво лекарите, па после и други видни луѓе излегоа во пресрет. Благодарение на тоа што интелектуалците во него виделе кроток човек чија сопруга е хуманитарка, Иванов се осмели да конкурира за Конвенцијата на владејачката партија.
    Имам чувство дека претседателот беше изненаден од писмото на интелектуалците. Оти според изјавите на иницијаторите, пологично беше да ја кандидираат жена му Маја. Затоа и збунето се израдува на поддршката. Толку беше изненаден, што дури и тие неколку реченици со кои ја прифати нивната поддршка ги прочита од ливче. Како ли само не покажа малку емоција, малку возбуденост, малку радост кога сфатил дека има такви луѓе што баш него го сакаат и наредните пет години како шеф на државата. Како професор доктор, можеше барем благодарноста да ја каже со своја глава. Или, пак, бил запрепастен оти баш интелектуалци го поддржале.
    И бидејќи целата приказна почна минатиот викенд со писмото на интелектуалците, овие претседателски избори ќе имаат двојна вредност. Тие нема да бидат само тест на демократијата. Тие ќе бидат и тест на интелигенцијата.

    3. Овие од ВМРО барем одглумија демократија. Па денеска ќе го избираат Ѓоле меѓу четворица кандидати. Па ако сакаат да покажат масовна поддршка за него, дури и 10.000 потписи ќе може да соберат за еден ден.
    Овие, пак, од СДСМ пробаа да глумат ВМРО, ама лошо одглумија. Демек во месните организации имаа многу кандидати, ги испредложија сите што им паднаа на ум за да не се налутат ни струјата на Бранко, ни струјата на Рада, ни струјата на Заев, па ни струјата на Бучко. Божем не знаеја кој ќе им биде кандидат, па божем го убедуваа Стево Пендаровски да прифати оти се двоумел, за на крај да го кандисаат според стариот испробан метод на демократски централизам од времето на СКМ.

    4. А ДУИ не ни глумеше. Тие чекаа, чекаа и на крај решија. Наместо ВМРО да побара, Али Ахмети побара предвремени парламентарни избори, ама повика и на бојкот на претседателските. Не беше изненадување, ама на нацијата $ олесна како кога ти се оди во веце додека се возиш во лифт.
    Американскиот амбасадор Пол Волерс, додека ВМРО-ДПМНЕ уште немаше решено дали ќе го прифати повикот на ДУИ, веќе изјави дека “ова е возбудливо време за Македонија”. И дека од тоа што го прочитал и го слушнал “изгледа како одлична прилика за предвремени парламентарни избори”.
    Во некои не толку возбудливи земји како што е Македонија, предвремени избори се прават ако има некоја политичка драма, ако државата е исправена пред голем предизвик, ако е очигледна недовербата во владата, ако е нестабилна владината коалиција, ако владата бара поддршка за некаква крупна реформска мерка, ако треба да се менува името, Уставот, уставното уредување… Во Македонија нема ама баш ништо од сите овие невозбудливи ситуации. Сe си функционира најнормално. Само избори ни требаат да внесат малку возбуда во нашиот досаден живот.
    Од пуста досада ние ќе правиме вонредни парламентарни избори. Зошто? Само затоа што на ДУИ не $ се допаѓа кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во онаа грда куќа во албанско-медитерански стил во Мала Речица, дваесетина луѓе решиле по системот на две стада да побараат да гласаат милион и седумсто илјади луѓе. Зошто? Оти Ѓоле не бил консензуален. Многу сензуално.
    И ај ќе гласаме. Ахмети им вика на “неговите” да не гласаат. “Нашиве” можеби ќе соберат 40 отсто од избирачкото тело за изборите да успеат. Ама што после тоа? Ахмети ќе вика дека неговите не гласале. А кој ќе знае дали гласале. Па ќе влезе во Влада, ама нема да го признава претседателот. Како што изгледа, возбудата ќе ја дочека и есента. И наместо попис – ќе си се преброиме по племињата. И ќе потрошиме пари.

    5. А пари изгледа полека снемува дури и за “Скопје 2014”, оти градоначалникот Коце Трајановски завчера рече дека фасадите во центарот не се обновуваат одзади оти има пари само за предните страни на зградите. А и од “Паркови и зеленило”, што е, исто така, фирма на градот, открија дека пајтонот годишно носи загуба од 25 илјади евра, оти трошоците за кочијата и коњите не се покриваат со приходите од продадените карти. Но пајтонот ќе остане, оти бил туристичка атракција.
    Што е туристичка атракција? Знае ли Коце што ќе ни се случи нам што работиме во приватни фирми ако газдата за една година прокнижи зијан од 25.000 евра? Колку луѓе ќе бидеме отпуштени од работа? Е дури тоа би било туристичка атракција.

    6. Субрата Рој го уапсиле во Индија, затоа што не се појавил на судско рочиште за некои милијарди што им ги должи на тамошните граѓани. Се правдал дека не дошол на суд оти била болна мајка му.
    Уф, ми олесна. Јас, пак, се загрижив да не му се болни кравите. Оние 20.000 крави што ги чекаат во Овче Поле.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари