ЗНАК ЗА СРЕЧУ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:46:"ДесницатасекалинаЦеца

    1. За времето обично се зборува кога се сака да се избегне муабет за политика. Ама кога некој ќе крсти циклон со името Бранко, па макар кумот и да не е од тука, и муабетот за времето станува политички муабет.
    Така си најдовме летна разонода. Социјалните мрежи тежеа од досетки за циклонот Бранко. Те Бранко доцни, те Бранко ќе не заобиколи, те на Бранко не може да му се верува, те Бранко крши дрвја пред Влада, те Бранко беснее низ Босна и Србија…
    Би го замолил кумот на балканските метеоролошки случувања следниот циклон да го крсти Љубчо. Таков е редот. По Љубчо кој ќе предизвика невреме, некоја летна олуја со повторено краткотрајно дејство може да се крсти со имињата – циклон Хари и циклон Бучко. По што доаѓа голема и долготрајна изложеност на циклонска активност со името Никола. Кога сите ќе треба да викаме “Уф што е убаво времето”.

    2. И градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески можеше да се оправда со лошото време за слабата туристичка сезона во Охрид, ама тој најде други виновни. Медиумите пишувале лошо за Охрид, па затоа домашните гости одат на други места на одмор. Тоа што оваа година има зголемен број странски туристи веројатно се должи на фактот оти Холанѓаните по правило не разбираат македонски, па не можат да ги следат македонските медиуми. А можеби има повеќе странски туристи затоа што нашата Влада им дава субвенции. Кога би им давале и на домашните туристи, сигурно и ним не би им пречело пишувањето на медиумите. Додуша, Владата не дава субвенции ни за одење во Грција, ама тие таму одат за да го зголемат извозот. Најдобри резултати се постигнати во извоз на македонски патлиџани во Грција и тоа со индивидуален транспорт и без дополнителни давачки.
    Тоа што Бакрачески на прес-конференција во Скопје апелираше за “балансирано и коректно информирање за Охрид” значи дека ја научил лекцијата од Центарот за комуникации на неговата партија. Тие, кога не им се допаѓа што пишуваат медиумите, се фаќаат за фразата “балансирано и коректно информирање”. Што во превод значи дека ако нешто не чини, тоа не треба воопшто ни да се објавува. При тоа, Бакрачески изнесе три тешки обвинувања.
    Прво праша “Зарем по секоја цена треба да го поддржуваме туризмот во другите држави на штета на Охрид?” А потоа и самиот кажа дека и тој заминал во Грција на два дена. Среде тапа сезона.
    Потоа обвини дека сме објавувале слики од депонии што воопшто не биле од Охрид. Ако мислел на сликите објавени на насловната страница на ВЕСТ од средата – јас лично ги сликав. И беше напишано каде се снимени. И другиот ден го исчистија ѓубрето. Значи знаеле каде се. Такви слики сум сликал и низ Скопје. Ама ниту градоначалникот на Скопје, ниту пак градоначалниците на другите скопски општини се обиделе да манипулираат дека тоа се лажни фотки оти некој му мисли лошо на градот. Напротив. Бараат да им се каже каде има проблеми и самите одат на терен.
    Па ако Бакрачески веќе решил да бара поддршка од медиумите можеше да им ги остави на новинарите телефонот и да им каже “Секогаш кога ќе видите нешто лошо, јавете ми се и заедно ќе одиме да ме гледате како го решавам проблемот”. Е тоа е веќе балансирано и коректно. Белким некој му кажал на Бакрачески дека кога го кандидираа за градоначалник неговата работа, ако победи, ќе биде и чистење ѓубре и менување сијалици.
    И третото обвинување, кое нас овде во ВЕСТ најмногу нe погаѓа, е дека медиумите не ги афирмираат културно-уметничките убавини на Охрид и особено Охридско лето. Барем ние сме имале најмалку тројно повеќе насловни страници за културните настани од оние за ѓубрињата во градот. Ама не го кажувам ова оти треба да се правдаме или дека треба да му даваме отчет на некој градоначалник за уредувачката политика. Туку го кажувам за да сфати дека тие што одат на Охридско лето сакаат кога ќе тргнат на претстава да излезат дотерани и да не цапаат во ѓубре.
    Впрочем, туристот по дефиниција е размазена категорија на потрошувач, кого тешко го добиваш, а многу лесно го губиш. Дава пари и сака да му е убаво. И се додека охриѓани одбиваат да сфатат дека имаат проблеми во градот и велат дека некој друг им е виновен за тоа, туристичките сезони ќе им бидат тапа.

    3. И моето потекло е од Охрид. И имам роднини охриѓани кои повеќе или помалку живеат од туризмот. И во Охрид одам често, не само во лето. Ама во крајна линија одбивам да зборувам за Охрид како охриѓанец или пак само како турист.
    Нели Охрид е културно богатство што му припаѓа на светот? Ни припаѓа на сите нам како граѓани на оваа држава, а како град заштитен од УНЕСКО подеднакво им припаѓа и на Холанѓаните, Турците, Белгијците, Бугарите, Грците, Србите и сите што доаѓаат во Охрид. Па дури и на стружаните. И ако кој било градоначалник на Охрид тоа не го сфаќа, тогаш и охриѓани заслужуваат да си се гушат во ѓубрето. И да си уживаат сами во убавините на Охрид. Без туристи.
    Ама ни градоначалникот ни охриѓани немаат право на сите нам да ни го одземаат Охрид.

    4. Десно ориентираниот портал Курир вака известуваше за концертот на контроверзната српска фолк-ѕвезда и вдовица на воениот злосторник Аркан, Цеца Ражњатовиќ во Охрид што се одржа во предвечерието на Илинден.
    “Ражњатовиќ на сцената пред македонската публика се задржа нешто повеќе од два часа. Но, во ниту еден момент не ја намали динамиката на концертот. Во елегантен фустан владееше и со сцената и со публиката која пак освен бурни аплаузи, рефрени и стихови во еден глас, ја наградуваше оваа фолк икона и со рози на сцена.”
    Два дена подоцна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски во колумна за Дневник ќе забележи: “Најголеми музички настани во Белград, Софија, Истанбул и други градови на Балканот се “Металика”, Стинг, “Масив атак”, а во Македонија концертите на разни турбо и поп-фолк-ѕвезди се поголеми, попосетени и побогати од концертите во нивните родни градови во соседството”. И ќе додаде: “многу луѓе би се вџашиле како тоа ни се развиваат најголем дел од новите генерации, врз какви вредности и со каков културолошки поглед спрема животот и спрема општеството”.
    Перцепцијата на десничарскиот медиум што ја велича “фолк иконата во елегантен фустан што владее суверено на сцената” е сосема спротивна од анализата на високиот партиски функционер од десницата кој вели дека “шундот и кичот не се сервира само како турбо фолк музички спектакл, туку го гледаме и низ разни играни филмови и серии, низ разни балкански квази поп-пејачи и песни, како стил на облекување, како стил на живеење”. Па слободоумно дозволува дека “секој има право и можност да избира од она што е на уметничката понуда, но ние имаме обврска таа понуда да биде балансирана”.
    Опааа. И тука ќе се балансира.
    Кога партиски идеолошки контролор ќе кажува што е шунд, а што е уметничка вредност се прашувам дали е ова само расправа за вкусовите или станува збор за идеолошки судир во десницата. Десницата се кали на Цеца.

    5. Парадоксот е уште поголем што токму оваа десничарска гарнитура со државни пари прилепски Пивофест го третира како врвен уметнички настан каде што можат да се мерат сите поп и фолк-ѕвезди од бивша Југославија и каде што се судираат Лесковачка скара со Скара оригинал Лесковац. А и Штип гледам се подготвува на Пастрмајлијада да ги викне Аца Лукас, Наташа Беквалац и “Дивље јагоде”.
    Малку ни се песни од типот “Неко че ми ночас направити сина / добар знак за сречу / ко си ти до јутра знати нечу”, или “била си одлична, мало романтична / за кревет дволична до свитања”, па затоа сега Владата спонзорира домашни песни за многудетни семејства. Што лесно може да се претвори во замена на странски шунд со домашен шунд. Што е исто така – шунд.
    Само не сфаќам зошто и тоа да го плаќаме со државни пари.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари