КЛУНИ СО КРИМИ-КОМЕДИЈА ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТЕН ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈА

    КЛУНИ СО КРИМИ-КОМЕДИЈА ВО ТРКАТА ЗА ЗЛАТЕН ЛАВ ВО ВЕНЕЦИЈА„Субурбикон" што го режира Клуни, со Мет Дејмон и Џулијан Мур, по сценарио на Џоел и Итан Коен, е меѓу 21 кандидат за Златен лав (Фото: АП)

    Крими-комедија на Џорџ Клуни, фантазија на Гилјермо дел Торо и трилер на Дарен Аронофски се дел од селекцијата за Златен лав на годинешниот филмски фестивал во Венеција. Најстариот филмски фестивал во светот ја објави селекцијата од 21 филм за престижната награда, во која е и „Субурбикон” што го режира Клуни, со ѕвездите Мет Дејмон и Џулијан Мур, по сценарио на Џоел и Итан Коен.

    Во последниве години Венеција ги претстави светските премиери на повеќекратните оскаровци, меѓу кои и „Во центарот на вниманието“ и „Ла Ла Ленд“.

    Годинешните кандидати за Златен лав се и „Формата на водата” на Дел Торо, во кој глуми Сали Хокинс како жена која има врска со морско суштество, и таинствениот „Мајко!” на Аронофски со Џенифер Лоренс.

    74. Венециски фестивал се отвора на 30 август со „Намалување” на Александер Пејн, за еден човек – повторно Дејмон – кој одлучува да се смали. Се затвара на 9 септември со јапонскиот гангстерски трилер на Такеши Китано „Бесна кода”.

    Победникот за Златен  лав и другите награди ќе го одреди жирито на чие чело е актерката Анет Бенинг.

    Во конкуренција се и „Човечки проток”, документарен филм за миграцијата на кинескиот уметник Аи Веивеи; „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури” од ирскиот автор на трагикомедија Мартин Мекдона; „Третото убиство”, на Хироказу Коре-еда од Јапонија и „Мектур, љубов моја: Канто Уно” од француско-тунискиот режисер Абделатиф Кешиш, автор на Канскиот победник „Сината е најтопла боја”. Во конкуренција се режисери од целиот свет, австралискиот Ворик Торнтон  со „Слатка земја”, израелскиот Самуел Маоз со „”Фокстрот” и либанскиот Зиад Дуеири со „Навредата“. Но,  меѓу 21 автор само една е жена- Кинеската Вивиан Кју, чиј „Ангелите носат бело” е за две девојки нападнати од еден маж во мал крајбрежен град.

    Вон главната конкуренција се „Сакајќи го Пабло” на Фернандо Леон де Араноа, со Хавиер Бардем како колумбискиот барон на дрогата Пабло Ескобар, и историската драма „Викторија и Абдул“ на Стивенн Фриарс со Џуди Денч како британска кралица Викторија и Аи Фазал како нејзин индиски слуга Абдул Карим.

    Стриминг услугата Нетфликс, која го потресе бизнисот за правење и дистрибуирање на филмови, ќе дебитира во минисериите „Нашите души во ноќта“, за романса на стари години, во која играат Роберт Редфорд и Џејн Фонда.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира