АКО ЗГРАДИТЕ СЕ СПОРЕД ДЕТАЛЕН ПЛАН И ЗАКОН СЕКОЈ ТРЕБА ДА ДОБИЕ ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА, РЕЧЕ ЗАЕВ ЗА 20-КАТНИЦИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ

    АКО ЗГРАДИТЕ СЕ СПОРЕД ДЕТАЛЕН ПЛАН И ЗАКОН СЕКОЈ ТРЕБА ДА ДОБИЕ ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА, РЕЧЕ ЗАЕВ ЗА 20-КАТНИЦИТЕ КАЈ „ХОЛИДЕЈ ИН“ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕФирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква платија комуналии од 2,4 милиони евра за да градат три згради од 15, 20 и 25 ката. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Зоран Заев смета дека трите згради од 15, 20 и 25 ката во најстрогиот центар на Скопје, на паркингот кај хотелот „Холидеј ин“, треба да се градат ако се предвидени со Детален урбанистички план (ДУП) и се согласно законите. Заев, одговарајќи на  новинарско прашање во однос на реакциите на граѓаните за најавената градба на 20-катници од фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква, рече дека инвеститорот има право да добие дозвола за градба.

    „Секоја реакција на граѓаните е вредна за размислување, но и почитувањето на законот и Уставот е вредно за почитување и размислување. Ако наш сограѓанин добил одобрение за градба треба да се види дали решението е согласно Деталниот урбанистички план и Генералниот урбанистички план, како и според одредбите на Законот за градба и Законот за урбанистичко планирање. Ако се нарушени одредбите од овие закони не треба да се дава одобрение за градба, но ако се исполнети секако дека треба секој да го искористи уставното и законското право да добие дозвола за градење“, рече Заев на прес-конференцијата во Собранието за партиските преговори за Законот за државјанство.

    Заев кажа дека оваа Влада, со цел да се намалат мегаломанските градби, донела нов Закон за урбанистичко планирање со кој паркирањето мора да е во рамките на парцелата и во неа треба да се обезбеди најмалку 20 отсто зеленило.

    „Градоначалникот Богдановиќ ме информираше дека  предвидено е двојно повеќе зеленило од она што го пропишува законот. Ако сакаат поголема катност треба да копаат повеќе од три нивоа под земја. Тоа на никого не му се исплати и затоа сега немаме мегаломански градби за што реагираа граѓаните“, додаде Заев.

    Инвеститорите, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, платија комуналии во висина од 150 милиони денари или 2,43 милиони евра и тоа 60 отсто на Град Скопје (1,4 милиони евра) и 40 отсто на Општина Центар (1 милиони евра). Претходно, Општина Центар им го одобри идејниот проект за објектите. Со тоа, сега останува уште инвеститорите да поднесат барање за добивање градежна дозвола и потоа слободно можат да градат на овој последен слободен простор во центарот на Скопје, што е на околу 200 метри од Собранието.

    Инвесторите ќе немаат никакви пречки да добијат градежна дозвола бидејќи веќе на сила не е мораториумот, и тие барањето ќе го достават врз основа на стариот Детален урбанистички план (ДУП), кој дозволува на овој простор да се градат 60-катници.

    Сопствениците на просторот кај „Холидеј ин“, фирмата „МГ Фешн“ и Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“, најпрво располагаа со површина од 4.605 метри квадртани кои ги купија од физички лица и со тоа се стекнаа со 30 проценти од градежната парцела. Потоа во 2018, кога на сила беше мораториумот за градба, од Министерството за транспорт и врски кога министер беше Горан Сугерески од СДСМ, го купуваат државното земјиште на овој простор со површина од 9.048 метри квадратни метри по цена од 312 евра за квадрат. Со тоа му се даде можност на инвеститорот да поседува поголем дел од просторот и наместо тоа да биде државно земјиште со кое Општината можеше да прави што сака, сега е приватно и на него ќе се градат три згради.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира