ДУХОТ НА НЕКОГАШНИТЕ РАБОТНИ АКЦИИ СÈ УШТЕ ЖИВЕЕ, ВЕЛАТ КУМАНОВСКИТЕ АКЦИЈАШИ ПО РАБОТНАТА ДРУЖБА ВО НОВИ ПАЗАР

    ДУХОТ НА НЕКОГАШНИТЕ РАБОТНИ АКЦИИ СÈ УШТЕ ЖИВЕЕ, ВЕЛАТ КУМАНОВСКИТЕ АКЦИЈАШИ ПО РАБОТНАТА ДРУЖБА ВО НОВИ ПАЗАРЗдружението „Кумановски акцијаши“ имаше девет свои претставници на работната акција во Нови Пазар, каде што расчистувале смет и уредувале јавни простори (Фото: СДК.МК)

    На доброволната работна акција во Нови Пазар минатата недела се собраа 130 акцијаши од балканските земји. Како во времето кога се градела Југославија, млади, но и ветерани од повеќе градови од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Македонија една недела беа дел од младинската работна акција „Рибариќи 2019“, со цел да го реафирмираат она што беше обележје на некогашната држава. Боите на македонското бригадирство ги бранеа акцијаши од Куманово, Охрид, Штип, Велес, Скопје и Битола.

    „Од Куманово бевме девет акцијаши од сите возрасти. Нашата бригада беше интернационална, нѐ викаа ‘булдужери‘ затоа што први офанзивно ги извршувавме сите обврски. Насекаде предизвикувавме внимание и почит. Луѓето застануваа со автомобили да нѐ поздрават, да се сликаат со нас. Поради акцијашките обележја и југословенските знамиња што ги носевме, бевме вистинска атракција меѓу жителите. Незаборавно доживување и искуство. Сѐ уште живее духот на некогашните работни акции, сите бевме како едно, никој не прашуваше од која националност и вера си“, раскажува Синиша Јовановски од Куманово.

    Акцијашите расчистувале смет и уредувале спортски терени, зеленило околу културно-историски споменици и излетнички места, а слободното време го поминувале во дружење и забава. Поддршка добиле и од надлежните локални и државни институции, поради што оваа акција и била толку успешна и масовна.

    Здружението за доброволна волонтерска работа „Кумановски акцијаши“ организира еколошки акции во градот, а редовно учествува и на сите акции во земјават и во соседните држави. Пред две години имаше идеја да организира работна акција во Куманово. Својот проект му го претставија и на премиерот Зоран Заев, при што се пофалија дека добиле поддршка за организирање на голема регионална еколошка акција во Куманово, на која ќе учествуваат акцијаши од сите држави од поранешна Југославија, како и од Албанија.

    Акцијата требаше да се одржи минатото лето и да се уредува и чисти локалитетот Спомен Костурница, а истовремено да се промовираат меѓуетничка толеранција и соживот помеѓу балканските народи. Локалните и државните власти заборавија на ветеното и планот пропадна, затоа што Здружението само не може да обезбеди толкави средства.

    Здружението „Кумановски акцијаши“ брои околу 200 членови и добитник е на највисокото општинско признание „11 Ноември“, што го доделува Општина Куманово за промовирање на волонтерската работа.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира