ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАШКА ДОБИ ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „ЧЕПЛЕС“

    ЕКСГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ЧАШКА ДОБИ ТРИ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА ПЛАНИНАРСКИОТ ДОМ „ЧЕПЛЕС“Општина Чашка немала допирни точки со планинарскиот дом „Чеплес“, ниту имала сметки да докаже дека работела со него, го изградила и владеела со објектот, образложи судијата Перчинковски

    Горанчо Пановски, поранешен градоначалник на Општина Чашка, е осуден на три години затвор за легализацијата на планинарскиот дом „Чеплес“. Според претседателот на петчлениот кривичен совет Дејан Перчинковски, Пановски кога бил на функција, сторил кривично дело злоупотреба на службената положба, по што во Основниот суд во Велес беше прогласен за виновен за искористување на својата службена положба и овластување, при што прибавил имотна корист за Општина Чашка во вкупен износ од 4.058.566,00 денари, а на штета на планинарско-спортскиот клуб „Солунска Глава“ од Велес. Според судијата Перчинковски, Општина Чашка немала допирни точки со планинарскиот дом „Чеплес“, ниту имала сметки да докаже дека работела, го изградила и владеела со објектот.

    „Целта на обвинетиот била ПД ‘Чеплес‘ да стане сопственост на Општина Чашка, па потоа да биде продаден на сегашниот сопственик Љупчо Ѓоргиев. За ова сведочи постапката, од која се гледа дека процесот од легализација до продажба трае 30 дена, односно започнал на 30 април, а завршил на 3 јуни 2013 година, во кој период биле донесени повеќе одлуки“, рече во завршниот збор обвинителката Гордана Тодорова.

    Според бранителот на обвинетиот, адвокатот Трајче Тошевски, Пановски немал умисла и не сторил материјална штета со легализацијата на планинарскиот дом.

    „Одлуката за легализација е законски спроведена од службите на Општината и ниту една странка нема поднесено жалба на постапката. Сумата е уплатена на сметката на Општината, не во џебот на градоначалникот, а средствата се искористени за развој на инфраструктурата на Општината. Домот денес работи и прима гости. Дури на лицитацијата е постигната поголема сума отколку што вештакот на обвинителството ја проценил – проценката била 3,4 милиони, а е продаден за четири милиони денари“, кажа Тошевски.

    Домот „Чеплес“ е подигнат во 1952 година преку доброволни акции и средства од фирми и граѓани и предаден на стопанисување на ПД „Солунска Глава“. Сопственикот е исплатен во граѓански спор за надомест на штетата. Пресудата не е правосилна, а судскиот процес траеше две години.

    П. ПЕЧКОВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира