ПО 50 ГОДИНИ ЌЕ СЕ ОБНОВУВА ХУСАМЕДИНПАШИНА ЏАМИЈА ВО ШТИП ОТКАКО ВРХОВНИОТ СУД ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДЕКА ТАА Ѝ ПРИПАЃА НА МПЦ

    ПО 50 ГОДИНИ ЌЕ СЕ ОБНОВУВА ХУСАМЕДИНПАШИНА ЏАМИЈА ВО ШТИП ОТКАКО ВРХОВНИОТ СУД ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДЕКА ТАА Ѝ ПРИПАЃА НА МПЦХусамединпашина џамија била изградена во 17. век на местото на црквата Св. Илија и намерата е таа сега да се претвори во галерија (Фото: СДК.МК)

    Заводот за заштита на споменици и Музејот во Штип изготвија проект за целосна обнова на црквата Св. Илија, позната и како Хусамединпашина џамија. Проектот уследил по неколкумесечни истражувања на статиката на објектот, цврстината на темелите и на степенот на негова руинираност, затоа што овој верски објект повеќе од половина век не е рестравиран.

    „Нашите стручни екипи и стручњаци од релевантни фирми ја утврдија целокупната состојба на објектот кој е во распаѓање. Сега сме во фаза на презентирање на проектот пред надлежните институции и меѓународни донатори за добивање средства за целосна обнова. Намерата е обновениот објект да биде претворен во галерија и конечно да се стави во некаква функција, затоа што со години имаше катанци на вратата“, вели директорот на Музејот во Штип, Митко Штерјов.

    Тој смета дека досега ништо не е направено, затоа што се водел спор на кого му припаѓа објектот: дали на Исламска верска заедница затоа што бил џамија на Хусамедин Пашата или на МПЦ бидејќи џамијата била изградена во 17. век на местото на православен верски објект. Тоа го потврдуваат и од Брегалничката епархија.

    „Црквата Св. Илија датира од 4. век, а била срушена кога во Штип дошол пашата Хусамедин. Тој ја изградил џамијата не за народот туку за себе, затоа што имала убава местоположба на една висина во градот и во очи им паѓала на оние кои влегувале во Штип. Според наши наоди, и тоа од турски архиви, тогаш биле убиени шестмина свештеници, а владиката бил протеран од градот. Врз основа на сите докази, пред неколку месеци, Врховниот суд донесе конечна одлука дека овој верски објект и местото околу него им припаѓаат на МПЦ. Ние веднаш го дадовме на времено располагање на Музејот во Штип, со препорака да се изготви проект за целосна обнова на објектот и истиот да биде во функција на сите граѓани“, велат од канцеларијата на Брегалничката епархија.

    Раководителите на Заводот за заштита на споменици во Штип се задоволни што идејата за обнова на верскиот објект и за негова преадаптација во галерија била прифатена од двете верски заедници во Штип.

    „Во услови кога спорните прашања се надминати и е донесена конечна одлука, ќе се потрудиме да ги интензивираме нашите активности. Објектот ќе се обновува етапно и нема да загуби ништо од постојниот габарит, ниту од неговиот сегашен изглед. Се надевам дека за проектот брзо ќе се обезбеди финансиска конструкција, како и за негово внатрешно уредување за да биде една современа галерија. За реализација на овој проект ќе бидат потребни најмалку 500.000 евра“, вели Штерјов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира