РЕСЕН И ДЕЛ ОД СЕЛАТА СПИЈАТ НА ВОДА, А СОНУВААТ ЗА ВОДА

    РЕСЕН И ДЕЛ ОД СЕЛАТА СПИЈАТ НА ВОДА, А СОНУВААТ ЗА ВОДАВо екот на туристичката сезона со недостиг на вода се соочуваат и туристичките населби Стење, Сирхан, слична ситуацијата беше и со Претор каде се пушти техничка вода со пумпен зафат од Езеро. - Преспанско езеро (Фото: СДК.МК)

    Ресен и дел од околните села се покрај Преспанското Езеро, а кубурат со вода за пиење, реагираат ресенчани откако дел од повисоките населби во градот, а и некои туристички места со денови имаат проблеми со водоснабдувањето.

    „Со денови сутуацијата е фрустрирачка. Лето е, а од чешмите во повисоките населби во градот не истекува капка вода или ако дојде, таа е со многу слаб притисок. Ресен и Преспа подолги години се соочуваат со недостаток на вода за пиење и состојбата премногу често зависи од тоа колку дожд или снег имало во текот на годината. Проблемот е настанат поради слабата издашност на изворите и немањето слух за рамномерно распоредување на водата. Годинава проблемот се појави релативно рано, граѓаните претпоставуваат дека вода нема и дека со ваквите високи температури ќе биде сериозен проблем да се преживее летото. Надлежните мора да најдат финансии за нови ископини и бунари со кои ќе се обезбедат нови количини на вода. Ресен на вода спие, а вода сонува“, велат ресенчани.

    Во екот на туристичката сезона со недостиг на вода се соочуваат и туристичките населби Стење, Сирхан, слична ситуацијата беше и со Претор каде се пушти техничка вода со пумпен зафат од Езеро.

    Градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски вели дека вода немаат само повисоките населени места во Ресен поради слабата издашност на изворите. Но, воедно посочува дека се случуваат злоупотреби на водата од страна на жители кои ги наводнуваат дворовите и бавчите, а за сметка на тоа повисоките делови остануваат без вода.

    „Претежно се јавува проблем за време на викенд кога се сите дома и има злоупотреби на водата. Екипите се на терен. Правиме напори за подобрување на состојбата. Ако сме приморани ќе имаме и рестрикции. Воедно се прави и обнова на цела мрежа. Две фази се направени, остана уште третата за комплетна реконструкција на водоводот со што и губитоците ќе се намалат. На повисоките места планираме да се постават регулаторни вентили со што ќе се насочува вода со потребниот притисок и до повисоките места. Решено е дека тоа треба да се направи, но е поскапа инвестиција“, вели Гошаревски.

    Тој објaснува дека слаба издашност на изворите има и во туристичките населби крај Преспанското Езеро.

    „За Претор, населба која се снабдува со вода од Курбиново, досега сме правеле неколку бушотини, но нема вода. Езеро има, а вода нема околу. Во Стење е многу мала издашноста на изворот и со пумпите многу голем проблем е. За Стење имаме проект нарачано за нов водовод и пумпна станица да направиме. Големи се проблемите, не можат да се решат преку ноќ, но активно работиме за подобрување на условите“, додаде градоначалникот на Ресен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира