ТЕТОВО ОТВОРИ ЦЕНТАР ЗА АУТИЗАМ СО ПОМОШ НА СОПРУГАТА НА АЛБАНСКИОТ ЕКСПРЕМИЕР БЕРИША

    ТЕТОВО ОТВОРИ ЦЕНТАР ЗА АУТИЗАМ СО ПОМОШ НА СОПРУГАТА НА АЛБАНСКИОТ ЕКСПРЕМИЕР БЕРИШАЦентарот за аутизам работи како проект на невладината организација „Пурпура“, персоналот беше на обука и тренинг во Центарот за аутизам во Тирана. - Градоначалничката на Тетово Теута Арифи на денешното отворање на Центарот (Фото: СДК.МК)

    Тетово доби современ Центар за аутизам, кој го отвори Здружението „Пурпура“ од Тетово со финансиска помош од Општината. Центарот ќе го посетуваат 10 до 12 деца со аутизам, а со нив ќе работи стручен кадар од кој поголемиот дел веќе има добиено сертификат за завршена обука во ваков центар за аутизам во Тирана, Албанија.

    На отварањето на Центарот за аутизам во Тетово присуствуваше и сопругата на поранешниот премиер на Албанија Сали Бериша, Лири Бериша која веќе десет години поддржува неколку вакви центри за аутизам во Албанија.

    „Има многу деца кои од Тетово и од Македонија доаѓаат во Тирана во нашите центри за аутизам. Сметаме дека тоа е голем трошок за нивните семејства и затоа помогнавме да се отвори Центар за аутизам и во Тетово. Нашата помош се сведува на обука и тренинг на персоналот што се врши во Тирана, а исто така ќе помогнеме и во набавка на потребната литература“ изјави Лири Бериша.

    Отварањето на Центарот за аутизам е во рамките на годишната програма преку буџетот на Општина Тетово.

    „Центарот за аутизам засега работи како проект на невладината организација ‘Пурпура’ но ако во иднина овие програми успешно профункционираат ние би сакале во иднина ваквите програми да ги финансираме преку буџетските линии на Општина Тетово“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

    Засега работата со децата со аутизам се одвива само на албански јазик но, како што рекоа од Центарот, ако во наредниот период се обезбеди персонал нема никаков проблем центарот да го посетуваат и македонските деца кои имаат аутизам.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари