ВЕЛЕШКИТЕ СПАСИТЕЛИ ГО ЧИСТЕА ВАРДАР, ИЗВАДИЈА И ЕДЕН КРЕВЕТ

    ВЕЛЕШКИТЕ СПАСИТЕЛИ ГО ЧИСТЕА ВАРДАР, ИЗВАДИЈА И ЕДЕН КРЕВЕТНа несовесните граѓани реката им е како канта за отпад, па фрлаат сѐ и сешто (Фото: СДК.МК)

    Теписи, шипки, пластични шишиња, гранки, дрвја, колтуци за ловење риба, дури и еден кревет.

    Сето ова беше извадено од реката Вардар во центарот на Велес при вчерашното чистење, кое го изведоа волонтерите од „Македонски спасител“, здружение за безбедност на вода и планина. Тие неколку часа го чистеа коритото на потегот од мостот „Гемиџии“ до Стар мост, помогнати од вработените во ЈКП „Дервен“.

    „Токму на овој потег, во текот на годината се одржуваат повеќе манифестации, кога нашите сограѓани влегуваат во вода и затоа одлучивме овој дел од реката да го исчистиме“, изјави Ангел Пановски, претседател на здружението.

    Во акцијата беа вклучени дваесетина волонтери на здружението, кои освен коритото, ги исчистија и крајбрежните појаси. Оваа екоакција е дел од проектот „Чувари на вардарското крајбрежје”, кој е поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање и трае три месеци, а втората акција ќе биде следниот месец. Членовите на здружението апелираа до велешани да ги почитуваат законите и да не фрлаат отпад во Вардар.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира