„МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И „ПЕТРУНИЈА“ ВО ТРКА ЗА ЛУКС, НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ

    „МЕДЕНА ЗЕМЈА“ И „ПЕТРУНИЈА“ ВО ТРКА ЗА ЛУКС, НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР ФИЛМ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТДокументарецот „Медена земја“ е за Атиџе, последната пчеларка што одгледува диви пчели во Европа/ Зорица Нушева како Петрунија во „Господ постои името ѝ е Петрунија“

    Два македонски филма, документарецот „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска се во конкуренција за наградата Лукс која ја доделува Европскиот парламент.

    Официјалната селекција на наградата, која Европскиот парламент ја доделува како поддршка на европскиот филм, беше објавена вчера за време на Филмскиот фестивал во Карлови Вари. Жирито направи селекција од проекти со освежувачки размислувања, како и дебитантски филмови, документарци, режирани и од мажи и од жени, кои доаѓаат од секоја земја на континетот. Во трката за наградата има филмови и копродукции од Полска, Данска, Норвешка, Шведска, Белгија, Словенија, Србија, Грција, Франција, Велика Британија, Германија, Русија, Естонија и Шпанија.

    „Од големо значење е што годинава имаме четири режисерки: Тамара Котевска, Теона Стругар Митевска, Нора Фингшит и Наташа Меркулова, два документарци, голем број на мали земји (дури два филма од Северна Македонија) и европски копродукции“, соопшти Хела Трупел, потпретседеталка на Комитетот за култура и образование.

    Од десетте филмови во официјална програма, три ќе учествуваат во натпреварот за наградата Лукс, кои ќе бидат селектирани и објавени на прес-конференција за време на Денови на авторите на 23 јули во Рим. Овие три филмови ќе бидат бидат преведени на 24 официјални јазици на Европската Унија и ќе бидат прикажани во сите 28 земји-членки за време на Деновите на Лукс. Наградата ќе биде доделена на 27 ноември.

    „Медена земја“ на крајот на мај победи на 21. Интернационален фестивал на документарен филм ДокАвив во Тел Авив, Израел, и се квалификуваше во трка за Оскар. Според правилата на американската Академија за филмска уметност и наука, „Медена земја“ го исполнува едниот од двата услова за директна кандидатура, а тоа е да победи на еден од фестивалите кои се на квалификационата листа на Академијата. Докавив е еден од тие фестивали.

    Филмот на 3 февруари освои три награди на фестивалот Санденс во САД, меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов, како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума.

    „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, што имаше светска премиера во конкуренцијата за Златна мечка на Берлинале каде доби две награди од споредните жирија, во мај доби две награди на Филмскиот фестивал Деа во Тирана, за најдобар филм и наградата за најдобра женска улога за Зорица Нушева. Филмот од 1 мај почна да се прикажува во 60 киносали низ Франција.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира