ЅВЕЗДАТА НА ВИОЛИНА ВАНЕСА МЕЈ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА И ОПЕРСКИ СОЛИСТИ ГО ОТВОРААТ 59. ОХРИДСКО ЛЕТО

    ЅВЕЗДАТА НА ВИОЛИНА ВАНЕСА МЕЈ СО ФИЛХАРМОНИЈАТА И ОПЕРСКИ СОЛИСТИ ГО ОТВОРААТ 59. ОХРИДСКО ЛЕТОМеј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со цел да ја доближи класичната музика до поширокиот круг на слушатели

    Светската ѕвезда на виолина Ванеса Меј и Филхармонијата вечерва во 21 часот на Антички театар ќе го отворат 59. издание на најголемиот македонски фестивал Охридско лето. Британката Меј ќе настапи заедно со оркестарот и вокални солисти од Националната опера и балет (НОБ), под диригентство на Иван Кожухаров од Бугарија.

    „Меј стекна светска слава поради виртуозноста, но особено поради нејзиниот оригинален пристап на свирење на виолина, создавајќи фузија од класика со џез и електроника, со цел да ја доближи класичната музика до поширокиот круг на слушатели. На само 13 години таа стана првиот солист на виолина на таа возраст што одржал концерт во Лондон, а подоцна токму нејзиниот микс од техно и класика и донесе милиони продадени албуми во светот. Во 2006 беше прогласена за најбогата музичарка под 30 години“, велат од Филхармонијата.

    Ванеса Меј е родена во Сингапур на истиот ден со виртуозот на виолина Николо Паганини. На четиригодишна возраст се сели во Лондон и започнува да учи виолина за на 8 години да замине во Пекинг. Таму ги развива талентот и виртуозноста во класата на Лин Јао Џи. Во Лондон се враќа да ги продолжи студиите по виолина на Кралскиот колеџ за набргу во 1998 да дебитира на Фестивалот Шлезвиг-Холштајн со одличен прием кај светската музичка јавност, а на само 11 години дебитира со Филхармонискиот оркестар во Лондон.

    На 13-годишна возраст, „чудото од дете“ Меј веќе има издадено три комплетни албуми на кои се поместени концертите од Чајковски и Бетовен, но и виртуозни пиеси од Виењавски, Сарасате и Паганини. Набргу потоа го наоѓа својот стил снимајќи го албумот „Виолинистка“ издаден во 1995, а кој се продава во милионски тираж, наоѓајќи сосем нова публика различна од онаа традиционалната.

    „До денес има добиено 40 интернационални награди за нејзините поп и класични снимки, додека пак концертите се пренесувани во повеќе од 100 земји во светот. Соработува со различни артисти меѓу кои и Џенет Џексон и Принс, а нејзиниот календар е исполнет со настапи со кои досега ја има обиколено земјината топка повеќе пати. Посетила повеќе од 50 земји, а свирела на атрактивни локации како Кремљ во Москва, Хајд Парк во Лондон и Акропол во Атина“, велат од фестивалот.

    Охридско лето ќе трае до 20 август, а како што вели директорката Наташа Поповиќ, покрај светските уметници, почит и белег ќе дадат и на македонските уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста.

    „На сцената на Античкиот театар, во предворјето и во црквата ‘Св. Софија’, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани“, вели Поповиќ.

    Д. ЧУБРИЌ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира