ЖЕНСКА НОСИЈА ОД БИТОЛСКО ПОЛЕ СТАРА ЕДЕН ВЕК ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈУБАВА ВО СЕВЕРЕН КИПАР

    ЖЕНСКА НОСИЈА ОД БИТОЛСКО ПОЛЕ СТАРА ЕДЕН ВЕК ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈУБАВА ВО СЕВЕРЕН КИПАРНосијата претставена во комплетно издание беше избрана како најубава на 24. Интернационален фестивал во Искеле, Северен Кипар, во конкуренција од повеќе носии од Турција, Аргентина, Киргистан, Чиле, Северен Кипар (Фото: КУД „Илинден“)

    Македонската носија од Битолско поле стара преку сто години е избрана за најубава на 24. Интернационален фестивал во Искеле, Северен Кипар. Носијата е во сопственост на Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола кое е учесник на Фестивалот. Носијата претставена во комплетно издание предизвика воодушевување и беше избрана како најубава во конкуренција од повеќе носии од Турција, Аргентина, Киргистан, Чиле, Северен Кипар и други земји ширум светот.

    Од Културно-уметничкото друштво „Илинден“ велат дека не знаат на кого во минатото му припаѓала носијата, но ова е уште една потврда дека носијата од Битолско поле е една од најубавите и најдекоративно украсените женски облеки од минатото во земјава. Таа е и една од најтешките македонски традиционални носии. Претставениот примерок имаше голем број везбени декорации, претежно во црвено-црна боја со многу монистри. На ракавите карактеристична тресалина од плетена чипка и монистра. Додека пак, горната облека е клашнена, а на главата, градите и фуитите се става богат украсен накит.

    Од КУД „Илинден“ велат дека не знаат на кого во минатото му припаѓала носијата, но ова е уште една потврда дека носијата од Битолско поле е една од најубавите и најдекоративно украсените женски облеки од минатото во земјава

    „Не можеме конкретно да кажеме на кого во минатото припаѓала носијата, но се знае дека е оригинална и постара од сто години. Ние во КУД ‘Илинден’ имаме преку дваесет носии од овој тип кои се во наша сопственост. Дел се подарени , дел набавени од друштвото. Често се случува луѓе кои ги имаат во своја сопственост да ни ги подарат зашто не можат да ги чуваат, а знаат дека нас ќе ни бидат од корист и ќе ги чуваме. ‘Илинден’ има една од најбогатите гардероби во земјава со оригинални носии. Ова е потврда дека фолклорните друштва се чувари на традиција“, рече Антонио Димитровски, претседател на Културно-уметничкото друштво „Илинден“ од Битола.

    Тие имаат оригинални носии од сите региони во земјава. Како една од најзначајните од својот фундус ја посочуваат смилевската женска носија, од која имаат 12 оригинали. Располагаат и со оргинални носии од скопска Блатија, Источна Македонија, регионот на Славиште и многу други, како и со градски костими.
    КУД „Илинден“ 64 години е чувар на македонската фолклорна традиција.

    Годишно учествуваат на најмалку четири интернационални фестивали. Од Искеле заминуваат директно на фестивалот „Златен караѓоз“ во Бурса, Турција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира