80 ОТСТО ОД ДОКТОРИТЕ БИЛЕ ИЗЛОЖЕНИ НА ВЕРБАЛНО НАСИЛСТВО, НИЕ НЕ СМЕ ВИ НЕПРИЈАТЕЛИ, РЕЧЕ Д-Р ГРИВЧЕВА-СТАРДЕЛОВА ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРА

    80 ОТСТО ОД ДОКТОРИТЕ БИЛЕ ИЗЛОЖЕНИ НА ВЕРБАЛНО НАСИЛСТВО, НИЕ НЕ СМЕ ВИ НЕПРИЈАТЕЛИ, РЕЧЕ Д-Р ГРИВЧЕВА-СТАРДЕЛОВА ОД ЛЕКАРСКАТА КОМОРАД-р Гривчева-Старделова, министерот за здравство Азир Алиу и д-р Карди Хаџихамза говореа на денешниот настан во Лекарската комора. (Фото: К. Попов)

    Лани според Законот за здравствена заштита се поднесени две кривични пријави за кривично дело Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност, за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, за кое се пријавени двајца сторители и едно дело во Штип, кажа денеска проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија.

    Лекарската комора  заедно со европските докторски асоцијации и Министерството за здравство, денеска го одбележува 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници.

    Д-р Гривчева-Старделова рече дека кога еден лекар е нападнат вербално, физички или преку социјалните мрежи, не страда само поединецот, туку целиот систем и пациентите кои чекаат помош.

    „Ние докторите не сме ваши непријатели, напротив, докторот е тој кој се бори за вашиот живот, во различни услови. Насилството и агресијата не се решенија за системските недостатоци “, изјави проф. д-р Гривчева-Старделова.

    Податоците покажуваат дека над 70% од докторите во земјата се соочиле со насилство на работното место, додека анкетите на Комората откриваат дека дури 78% од докторите биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80% на вербално и 6,8% на физичко насилство.

    Од Комората велат дека и покрај измените на Кривичниот закон во 2023 со кои нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице, очекуваните резултати изостануваат бидејќи речиси 70% од нападите воопшто не се пријавуваат поради сложените процедури или перцепцијата на докторите дека тоа е дел од нивната работа.

    Проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар апелира на сериозноста на последиците по докторите од нападите.

    „Последиците од насилството врз докторите се сериозни и вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем. За спречување на овие појави, неопходно е здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки – како обезбедување и видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите и на едукација на пациентите“, рече проф. д-р Хаџихамза.

    Комората ги повикува сите доктори задолжително да ги пријавуваат инцидентите во полиција и во Комората.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира