ФУНКЦИОНЕР ОД ДУИ И ЧОВЕК ДА УБИЕ НЕМА ДА ОДГОВАРА, КАЖА ЕКСРАЗУЗНАВАЧОТ БОГОЕВСКИ ОТКАКО АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА КЛЕВЕТА НА АХМЕТИ И ЏАФЕРИ

    ФУНКЦИОНЕР ОД ДУИ И ЧОВЕК ДА УБИЕ НЕМА ДА ОДГОВАРА, КАЖА ЕКСРАЗУЗНАВАЧОТ БОГОЕВСКИ ОТКАКО АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ПРЕСУДАТА ЗА КЛЕВЕТА НА АХМЕТИ И ЏАФЕРИАли Ахмети и Муса Џафери го тужеа Богоевски за клевета за даден исказ пред Њујоршкиот суд во врска поткуп во случајот со „Маѓар Телеком“. - Слободан Богоевски (Фото: СДК.МК)

    Пресудата што ја донесе судијата Нухи Рустеми од Основниот суд Скопје 2 по тужбата за клевета на Али Ахмети и Муса Џафери против поранешниот разузнавач Слободан Богоевски е укината по сите основи и вратена е од Апелацискиот суд Скопје на повторно судење кај истиот судија. Повторното судење ќе почне во септември, а Богоевски се надева дека тужбата судијата овојпат ќе ја отфрли бидејќи таа, според него, е недовзолена.

    „На судијата, кога сето ова ќе заврши, првин до Судскиот совет ќе му поднесам претставка. Потоа, до јавното обвинителство ќе му поднесам кривична пријава затоа што еднаш мора да се знае дека не може судиите без последици да ноншалантно да ги водат постапките и да си играат со судбината, спокојството и правата на граѓаните. Но, тој е судија на ДУИ, а функционер од ДУИ и човек да убие нема да одговара. Сепак, пријава ќе му поднесам“, вели Богоевски за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тужители во овој процес беа Али Ахмети и Муса Џафери, кои го тужеа Богоевски за клевета за даден исказ пред Њујоршкиот суд во врска поткуп во случајот со „Маѓар Телеком“. Богоевски во изјавата тврдеше дека 5 милиони евра влегле во Македонија за поткуп на Ахмети, Џафери и тогашниот премиер Владо Бучковски за да не се дозволи влез на друг оператор. Тужбата е затоа што таа изјава ја пренеле медиуми.

    Богоевски тврди дека пресудата против него апелација ја укинала по сите основи, а во образложението е апострофирана погрешно утврдена фактичка состојба од страна на судијата Рустеми, како и суштествена повреда на целата постапка од почеток до крај и поради тоа дека нема доволно докази за тужбата да биде дозволена.

    „Не знам дали некаде во светот за дадена изјава пред суд да се користи за клевета против некого. Ова е незаконито влијание врз мене како сведок. Тамам работа кога би се клеветеле сведоците во кривични и во останатите постапки. Си има кривична одговорност пропишана со закон за давање лажен исказ.“, вели Богоевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира