МАКЕДОНСКИОТ ЕНДОКРИНОЛОГ ГОРАН ПЕТРОВСКИ ВОВЕДЕ НОВ ПРОТОКОЛ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕС ТИП 1 ВО КАТАРСКАТА БОЛНИЦА „СИДРА“

    МАКЕДОНСКИОТ ЕНДОКРИНОЛОГ ГОРАН ПЕТРОВСКИ ВОВЕДЕ НОВ ПРОТОКОЛ ЗА ЛЕКУВАЊЕ ДЕЦА СО ДИЈАБЕТЕС ТИП 1 ВО КАТАРСКАТА БОЛНИЦА „СИДРА“„Протоколот што јас го воведов од останатите се разликува по тоа што децата со дијабетес тип 1 веднаш по дијагностицирањето ги ставаме на новите пумпи, место прво да се стават на пумпите со отворен систем и да се чека да се види како ќе им ја регулираат гликемијата, па потоа да бидат префрлени на новите“, вели д-р Горан Петровски, кој веќе две години е консултант за дијабетес во Медицинскиот центар во Катар (Фото: од личната архива на д-р Петровски)

    Македонскиот ендокринолог д-р Горан Петровски во катарската болница „Сидра“ воведе нов протокол за лекување на деца со дијабетес тип 1, со помош на нови хибридни инсулински пумпи со затворен систем, кои ја мерат гликемијата и врз основа на потребите на пациентот го снабдуваат со инсулин на секои пет минути.

    Д-р Петровски вели дека овој нов протокол за лекување на деца со дијабетес тип 1 со нестабилни гликемии во болницата во Доха почнал да се применува лани, на група од 35 деца на возраст од 14 до 18 години. Годинава, како што вели тој, почнуваат со нова група од 50 деца на возраст од 7 до 18 години.

    „Станува збор за нови пумпи, кои функционираат на принцип на затворен систем, односно има една лепенка која поткожно се става на телото на детето и која ја мери гликемијата. Таа е поврзана со пумпата со инсулин, која се носи на пример на каишот и со цевче закачено за телото преку кое се вбризгува инсулин во телото на детето. Предноста е во тоа што пумите на секои 5 минути врз основа на потребите на организмот додава онолку инсулин колку што му е потребен на организмот, за да се нормализира нивото на шеќер во крвта. Овие пумпи се релативно нови и се користат во Катар, Шпанија, САД, Германија, Велика Британија и сега и скандинавските земји сакаат да ги воведат. Се користат само кај деца и тоа од седум годишна возраст“, вели д-р Петровски.

    Тој објаснува дека новиот протокол што тој го вовел во катарската болница „Сидра“ се разликува од протоколите за лекување во земјите кои ги користат новите пумпи по тоа што на децата со дијабетес тип 1 по дијагностицирањето веднаш им се ставаат овие пумпи.

    „Протоколот за лекување што јас го воведов во Катар се разликува од протоколите во другите земји по тоа што не се чека прво децата да бидат ставени на пумпи со отворен систем, па потоа да се ставаат на новите пумпи. Овде децата директно ги ставаме на новите пумпи. Протоколите во другите земји, со оглед на тоа дека производот е релативно нов, заради безбедност, прво децата ги ставаат на пумпи со отворени системи, па да се види како тие ќе влијаат на регулирање на гликемијата, и по шест месеци или една година ако има потреба и ако може ги префрлаат на овие новите системи“, вели д-р Петровски.

    Тој објаснува дека кога овие пумпи ги одобрила Американската агенција за храна и лекови (ФДА) ендокринолозите не биле подготвени за овие нови апарати за да развијат соодветни протоколи за лекување.

    „Тоа нè дочека неподготвени и немаше јасни критериуми како овој нов производ да се користи. Сметав дека нема потреба да се прават трошоци и да се губи време децата прво да се ставаат на пумпи со отворен систем, па потоа да се префрлаат на новите, направив критериуми и протокол децата со нестабилна гликемија веднаш да се стават на новите пумпи“, вели д-р Петровски.

    Тој вели дека резултатите од првата група деца, кај кои се тие применети биле многу добри во стабилизација на гликемиите кај децата. Откако ги добиле првичните резултати од клиничкото тестирање на новиот протокол, вели дека земјите кои ги користат новите пумпи побарале и тие да го воведат.

    „Веќе и другите земји што го ки користат пумпите со затворен систем сакаат да го воведат новиот протокол. Ова многу им го олеснува животот на децата и на нивните семејства, бидејќи на секои пет минути практично се мери и регулира гликемијата. Сензорот на пумпата се менува на седум дена, а физичкиот уред за достава на инсулин за три дена, ги обучуваме како во домашни услови да ги користат и мора континуирано да ги носат. Пумпите се водоотпорни и нема потреба да ги вадат при каење“, вели д-р Петровски.

    За разлика од овој нов производ, објаснува д-р Петровски пумпите со отворен систем користат алгоритам, кој претходно се подесува да додава инсулин, но не го мери количеството на шеќер во крвта, што треба дополнително да се прави.

    „И пумпите со отворен систем имаат можност да мерат гликемии, но за жал нема алгоритми за тоа и мерењето на шеќерот се прави со посебни сензори. И главно овие пумпи се користат насекаде во светот, па и во Македонија“, вели д-р Петровски.

    Тој во катарскиот медицински центар „Сидра“ работи како консултант за дијабетес, а според написите во катарските медиуми новиот протокол многу ќе го олесни лекувањето на пациентите со дијабетес тип 1. Д-р Петровски пред да замине во „Сидра“ работеше на Клиниката за ендокринологија, каде беше раководител на Центарот за инсулински пумпи.

    „Јас ги воведов инсулинските пумпи во Македонија и го отворив центарот, и нив ги користеа и возрасни и деца. Но, веќе две години не сум на Клиниката. Пред две години почнаа да се случуваат некои неубави работи и си заминав“, вели Петровски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира