СО МЕРКЕЛ ЗБОРУВАВМЕ ЗА ЕКОНОМИЈА, ЕКОНОМИЈА И ЕКОНОМИЈА, ВЕЛИ ЗАЕВ И НАЈАВИ ПОСЕБЕН СОВЕТНИК ОД БЕРЛИН

    СО МЕРКЕЛ ЗБОРУВАВМЕ ЗА ЕКОНОМИЈА, ЕКОНОМИЈА И ЕКОНОМИЈА, ВЕЛИ ЗАЕВ И НАЈАВИ ПОСЕБЕН СОВЕТНИК ОД БЕРЛИНГерманскиот советник во Владата треба да дојде до крајот на годината и да помогне да се преквалификуваат 21,1 отсто од невработените граѓани во Македонија. - од вчерашната средба на германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев во Скопје (Фото: Ѓ.Личовски)

    Освен за референдумот и евроинтегративните процеси премиерот Зоран Заев вели дека главна тема на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера беше во Скопје, била економијата.

    „Со канцеларката Меркел освен што зборувавме за реферeндумот, евроинтеграциските процеси, зборувавме за економија, за економија, па пак зборувавме за дуалното образование заради економија, па зборувавме за странските инвестиции од Германија заради економијата. Темата беше економија“, рече Заев на денешната прес конференција, на која беа презентирани економските ефекти во вториот квартал на годината, каде е забележан пораст на брутодомашниот производ од 3,1 отсто.

    Тој кажа дека владата на Германија дала одобрение да се формира Управувачки комитет, составен од министри од двете влади. Задача на овој комитет е реформите во економијата да се прилагодат на европските стандарди.

    „Интересот за економска соработка е взаемен, и за Македонија и за Германија. Вкупната трговија е 3,6 милијарди долари, од кои 2,7 милијарди се извоз, или 47 отсто од нашиот извоз е во Германија. Германските компании се заинтересирани за Македонија. Од овде присутните над 200 компании, кои отвориле над 20.000 работни места го потврдуваат своето задоволство и расте интересот за инвестиции. Ние како влади најмалку што може да направиме е да формираме алатки со кои ќе помогнеме тој раст и развој да расте и до крајот на 2018 година да стигне и до 4 милијарди долари“, рече Заев.

    Тој додаде дека целиот економски тим на владата ќе биде целосно посветен максимално да се искористат ефектите од соработката со Германија.

    Освен управувачки комитет, Заев и Меркел договориле до крајот на годината во Владата од Германија да дојде посебен советник, кој треба да им помогне на македонските граѓани кои се без работа да се преквалификуваат и да можат да се вклучат на пазарот на труд. Советникот ќе биде платен со пари од Владата.

    „Сакам да се заблагодарам на Тео Вајгел кој служел на претходните влади, пријател на Македонија. Советникот треба да дојде до крајот на годината. Сега ќе дојде експерт за преквалификација на нашите граѓани за да можат да најдат достоинствена работа и да бидат квалитетна работна сила. Бројката од 21,1 отсто невработени се 95.000 активни и 100.000 пасивни баратели на работа, кои ќе бидат преквалификувани за да можат да излезат на потребата на сите инвеститори во Македонија“, кажа Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира