МИЈАЛКОВ ЛИЧНО САМ ГИ СЛУШАЛ РАЗГОВОРИТЕ ОД СВОЈОТ КОМПЈУТЕР, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    МИЈАЛКОВ ЛИЧНО САМ ГИ СЛУШАЛ РАЗГОВОРИТЕ ОД СВОЈОТ КОМПЈУТЕР, РЕЧЕ ОБВИНИТЕЛКАТА РИСТОСКА НА СУДЕЊЕТО ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“По наредба на Мијалков како организатор на групата, се вршела целата операција без судски налог. Мијалков и Грујевски системски ја имале контролата на сите прислушувани телефони, лично од своите компјутери и сами ги слушале разговорите, бидејќи имале лозинки во секое време да влезат и сами да слушаат. Цело време имале и принтови од незаконски следените комуникации од 2008 до 2015 година. Прислушувале и по објавувањето на бомбите во јануари 2015 од сведокот Зоран Заев. Прислушувале дополнителни над 500 телефонски броеви“, рече обвинителката од СЈО ленче Ристоска на денешното судење (Фото: Ѓ. Личовски)

    Обвинетите во случајот „Тврдина-Таргет“ на СЈО Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски, тогашен началник на Петтата управа на МВР и Надица Николиќ од УБК формирале злосторничко здружување, кое со друго злосторничко здружување од обвинетите Силвана Златкова, Владимир Варелов, Васил Исакоски и Марјан Шумуликоски, сите од УБК, со злоупотреба на службената положба и овластувањата нелегално прислушувале над 4.819 корисници на телефонски разговори. Обвинети за злоупотреба се и ексминистерката Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков, по чија наредба биле уништени системите за следење на комуникациите на МВР, но и опремата на телефонските оператори, со што ја оштетиле државата со 1.418.879 евра.

    Во воведниот збор на судењето денеска обвинителката Ленче Ристоска од СЈО рече дека обвинетите Мијалков и Грујевски, водени од желбата за сеопфатна контрола на комуникациите во сите општествени сфери за да остварат предност врз политичката и бизнис сфера, го формирале злосторничкото здружување и масовно ги повредиле уставно загарантираните права на приватност на илјадници граѓани.

    „По наредба на Мијалков како организатор на групата, се вршела целата операција без судски налог. Мијалков и Грујевски системски ја имале контролата на сите прислушувани телефони, лично од своите компјутери и сами ги слушале разговорите, бидејќи имале лозинки во секое време да влезат и сами да слушаат. Цело време имале и принтови од незаконски следените комуникации од 2008 до 2015 година. Прислушувале и по објавувањето на бомбите во јануари 2015  од сведокот Зоран Заев. Прислушувале дополнителни над 500 телефонски броеви. Оперативната обработка на поедини задачи вршела Надица Николиќ“,  рече Ристоска, која лично со специјалната обвинителка Катица Јанева ноќта на 19 октомври 2016 влезе во УБК и ги земаа доказите за масовното прислушување, и покрај тоа што системите за следење на комуникациите веќе беа згмечени и уништени.

    Наредби за впишување на броеви добивал и сведокот Ѕвонко Костовски, кој подоцна ги снимал на уесбе и му ги давал на сведокот Ѓорѓи Лазаревски, овој на сведокот Зоран Верушевски, а пак Верушевски, сите нелегално снимени разговори тајно изнесени од УБК му ги предал на Заев.

    Со цел да спречи да се докаже масовното нелегално прислушување што го наредувал, рече Ристоска, обвинетиот Мијалков и наредил на Гордана Јанкулоска да спроведе уништување на системите за следење. Заедно со сега избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, системите биле уништени.

    Ристоска најави над 100 сведоци за да ги поткрепи обвиненијата за „Тврдина“ и „Таргет“.

    Следуваат воведните зборови на одбраната и изјаснувањето за вина на обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира