НЕ САКАМ ДА СЕ ФАЛАМ, АМА ОСТАВАМ ТРАЕН БЕЛЕГ ВО УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ПИША САДУЛА ДУРАКИ ВО ОСТАВКАТА ДО ЗОРАН ЗАЕВ

    НЕ САКАМ ДА СЕ ФАЛАМ, АМА ОСТАВАМ ТРАЕН БЕЛЕГ ВО УНАПРЕДУВАЊЕТО НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ПИША САДУЛА ДУРАКИ ВО ОСТАВКАТА ДО ЗОРАН ЗАЕВМинистерот за животна средина Садула Дураки со неговиот заменик Јани Макрадули, скопскиот градоначланик Петре Шилегов и Луиза Винтон од УНДП. (Фото: СДК.МК)

    Садула Дураки денеска поднесе оставка на позицијата министер за животна средина бидејќи е предложен за министер за политички систем, и во писмената оставка до премиерот Зоран Заев вели дека многу мали и големи проекти спроведени од страна на министерството во време на неговото раководење ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. За жал, вели тој, во некои области од животната средина сè уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување.

    „Не би сакал да звучам нескромно, но многу мали и големи проекти спроведени од страна на Министерството, во време на моето раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. Сепак, морам да нагласам дека, за жал, во некои области од животната средина сè уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување“, се вели во оставката објавена од Министерството за животна средина.

    Дураки му се заблагодарува на Заев за искажаната доверба и за доделената чест да допринесе во подобрување на состојбата во животната средина, но се пожали дека изминатиот период додека ја извршувал функцијата се соочиле со најголемите предизвици за зачувување и унапредување на животната средина.

    „Според сегашната состојба, некои од тие предизвици успешно ги надминавме. Јас и мојот тим во изминатиот период макотрпно работевме и го вложивме целото наше знаење и способност во решавање на проблемите, но некои проблеми бараат долгорочен и системски пристап“, вели Дураки.

    Собраниската седница за избор на новите министри, меѓу кои и Дураки за новоформираното Министерство за политички систем, е закажана за утре во 11 часот. За нов министер за животна средина е предложен Насер Нуредини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира