СПОРЕД УСТАВОТ, ГРУЕВСКИ ВЕЌЕ НЕ Е ПРАТЕНИК ОТИ НЕОПРАВДАНО ОТСУСТВУВА НАД 6 МЕСЕЦИ, СОБРАНИЕТО САМО ТРЕБА ДА ГО УТВРДИ ОДЗЕМАЊЕТО НА МАНДАТОТ

    СПОРЕД УСТАВОТ, ГРУЕВСКИ ВЕЌЕ НЕ Е ПРАТЕНИК ОТИ НЕОПРАВДАНО ОТСУСТВУВА НАД 6 МЕСЕЦИ, СОБРАНИЕТО САМО ТРЕБА ДА ГО УТВРДИ ОДЗЕМАЊЕТО НА МАНДАТОТЧлен 65 од Уставот вели: „На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Претседателот на Собранието Талат Џафери на 15 мај 2019 ја известил Комисијата за мандатно-имунитетни прашања дека Никола Груевски неоправдано отсуствува над 6 месеци. (Фото: СДК.МК)

    Место Собранието уште веднаш да се повика на Уставот и задачата што му ја дава, опозицијата и власта се подготвуваат за маратонски седници, како на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, така и на пленарната седница, на која ќе гласаат сите пратеници за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, кој е осуден и е во бегство. Членот 65 од Уставот е јасен и тој веќе му го одзел мандатот на пратеникот кој 6 месеци воопшто не се појавил на работа, а отсуството не го оправдал.

    Претседателот на Комисијата Павле Богоевски, пред вчера да ја најави својата оставка на пратеничката функција, кажа дека на 15 мај 2019 претседателот на Собранието Талат Џафери го известил оти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски 6 месеци неоправдано отсуствувал од работа.

    Член 65 од Уставот јасно кажува:

    „На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

    Според последната реченица, пратениците само ја верификуваат и формализираат задачата што им ја дава Уставот и која тие мора да ја исполнат.

    Вчера, на прашање дали очекува собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања да му го одземе мандатот Груевски,  и премиерот Зоран Заев рече дека Уставот и Деловникот на Собранието се многу јасни.

    „Овде имаме чист случај. На чистите случаи барем да нема политиканство и поделба. На чистиот случај имаме бегалец надвор од државата, кој што добил азил надвор од меѓународните стандарди. Тоа се нашите официјални ставови и најмалку што треба парламентот да направи е да ја донесе принципиелната одлука. Тоа не значи дека неговите од ВМРО-ДПМНЕ му мислат лошо или му се непријатели, принципиелна е одлуката. Јасно ми е дека треба двотретинско мнозинство и тоа им го должиме на граѓаните“, рече Заев.

    Само час по соопштувањето на Павле Богоевски дека од морални причини ќе си даде оставка на пратеничката функција во ситуација кога нема ни кривична пријава за купување масло од канабис за сестра му, владејачкиот СДСМ вчера тргна во офанзива со апели пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за одземање на имунитетот на правосилно осудениот бегалец Никола Груевски. СДСМ побара оставки од морални причини и од пратениците кои се осомничени или обвинети пред судот.

    Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ настана забуна од неочекуваниот гест на Богоевски. До вчера, неговите колеги јавно изјавуваа :„Не сме му дале ништо на Груевски, па да му земаме“. Но, по оставката кај некои од нив се смени реториката:„Што му направи Павле на ВМРО! Ни го фрли сега и жешкиот костен за Груевски“.

    Додека кај пратеници од ВМРО-ДПМНЕ вчера по ненадејната оставка на Богоевски се јави јанѕа што ќе рекле граѓаните ако гласаат против одземањето на мандатот на избеганиот пратеник, од белата палата на почесниот претседател на партијата Никола Груевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, беше упатена порака преку портпаролот Наум Стоилковски:

    „Груевски е жртва на политички прогон со докази за политичкиот прогон врз него и поради тоа доби политички азил од земја членка на ЕУ, од Унгарија, каде судските власти го признаа тој политички прогон“.

    На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто ВМРО-ДПМНЕ за бегалецот Груевски секогаш ги повторува неговите зборови дека бил жртва на наводен политички прогон, а никогаш не смее да изусти нешто за доказите на Обвинителството за криминалот за кој е обвинет во повеќе случаи, а за кои медиумите, ОБСЕ и судските мониторинзи редовно известуваат и будно ги следат од судница, портпаролот не одговори.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира