ТРИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА, МИНАТАТА НЕДЕЛА 120 НОВИ ЗАРАЗЕНИ

    ТРИ ДЕЦА СО МАЛИ СИПАНИЦИ ВО ТЕШКА СОСТОЈБА, МИНАТАТА НЕДЕЛА 120 НОВИ ЗАРАЗЕНИВо првиот квартал од годината Државниот санитарен и здравствен инспекторат добил 20 пријави за родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата, 9 платиле глоба, а за останатите е поведена прекршочна постапка - Детската клиника во Скопје (Фото: СДК.МК)

    Три деца заразени со мали сипаници кои се лекуваат на Клиниката за детски болести се во потешка состојба, а едното е на респиратор. Директорката на Клиниката д-р Катерина Ставриќ, вели дека во моментов имаат петнаесетина деца кои се лекуваат од сипаници, и дека главно се на возраст под една година.

    „Меѓу нив имаме и дете на кое пред една и пол година му е трансплантиран црн дроб, а имаме и уште едно кое чека трансплантација. Апелирам до родителите да ги вакцинираат децата, и до возрасните ако не се сигурни во својот вакцинален статус да се вакцинираат, бидејќи ова е високозаразно заболување и на удар се токму овие деца на кои им е компромитиран имунитетот. Колку е поголем бројот на вакцинирани, толку е поголем колективниот имунитет и со тоа се заштитени токму овие најмалите и најранливите“, вели д-р Ставриќ.

    На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 54 заразени со мали сипаници, а според директорката д-р Милена Стевановиќ сите заразени или се невакцинирани или се без податок за вакцинален статус.

    „На одделот имаме 26 деца и 28 возрасни. Децата се главно под возраст за да бидат вакцинирани, а возрасните или не се вакцинирани или со една доза, или нема податок. Четири одделенија ни се полни со пациенти со морбили, а тука имаме и други пациенти со други болести. Апелирам сите да се вакцинираат, бидејќи нема друга заштита од ова заболување, кое може да остави тешки последици по здравјето“, вели д-р Стевановиќ.

    Институтот за јавно здравје во петокот најави дека на состанокот на Комисијата за заразни болести што ќе се одржи утре ќе се одлучува дали епидемија на мали сипаници ќе се прогласи во цела држава, со оглед на тоа дека последната недела се регистрирани над 120 заболени од морбили, од кои над половината се надвор од Скопје.

    Во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле во моментов е хоспитализирано само едно дете со мали сипаници, а директорот на болницата д-р Ангелочо Андоновски вели дека имаат комплетно изолиран оддел и подготвени се доколку е потребно да примат пациенти со мали сипаници.

    „На другите одделенија има седумдестина пациенти со респираторни заболувања, главно инфлуенца. Одделот за изолација на пациенти ссо морбили ни е во функција и подготвени сме да прифатиме пациенти“, вели Андоновски.

    Забраната за посета во јавните здравствени установи останува на сила, како и забраната градинките и училиштата да примаат невакцинирани деца.

    Во првиот квартал од оваа година до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) стигнале 20 пријави од вакциналните пунктови за родители кои одбиваат да ги вакцинираат децата.

    „Пријавите се однесуваа и за другите вакцини, не само за морбили, иако е во тек епидемијата. Родителите се викнати на порамнување, односно да платат глоба. Девет од нив платиле глоба, која по закон е од 300 до 600 евра во денарска противредност, а се намалува на пола ако ја платат во рок од една недела. За останатите поведена е прекршочна постапка пред надлежниот суд. Но, и ако ја платат глобата обврската да го вакцинираат детето останува“, вели директорката на ДСЗИ д-р Ирина Сотирова-Бухова.

    Епидемијата на морбили во Скопје беше прогласена на почетокот на оваа година, откако мини епидемија лани во декември беше прогласена во скопската населба Радишани. Здравствените власти и епидемиолозите ги повикаа родителите да ги вакцинираат своите деца, предупредувајќи дека ова високозаразно заболување може многу брзо да се рашири, бидејќи опфатот на вакцинирани деца со МРП вакцината под дејство на антивакциналните кампањи е драстично намален.

    „Комисијата утре ќе заседава и ќе одлучиме дали ќе се прогласи епидемија на мали сипаници, со оглед на тоа дека веќе во 6 региони имаме прогласено епидемија. Прогласување на епидемија во цела држава не менува ништо, тоа значи воведување поригорозни мерки, односно уште еднаш да се проверат вакциналните картони и да се види дали се почитуваат мерките за забрана за прием на деца во училишта и градинки“, вели д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје, од почетокот на епидемијата досега вакцинирани се над 19.000 деца на возраст до 14 години.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира