3.000 ДЕЦА ВО СКОПЈЕ СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАДИНКИ, ОПШТИНИТЕ СЕ ПОЛАКОМИЈА ЗА ЗГРАДИ, А ЗАБОРАВИЈА НА ЈАВНИ ОБЈЕКТИ

    3.000 ДЕЦА ВО СКОПЈЕ СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ ЗА ГРАДИНКИ, ОПШТИНИТЕ СЕ ПОЛАКОМИЈА ЗА ЗГРАДИ, А ЗАБОРАВИЈА НА ЈАВНИ ОБЈЕКТИСите нови градоначалници велат дека во минатото ништо не било направено за јавни градинки и школи. (Фото: СДК.МК)

    Околу 3.000 деца се на листа на чекање за упис во градинкa во Скопје. Речиси во сите скопски општини нема доволно градинки ниту капацитети во постојните за да се запишат сите деца на кои им треба згрижување. Со години не се вложува во изградба на нови објекти за предучилишно згрижување. Децата одат во градинки изградени во времето на Тито и поранешна Југославија, а наспрoти тоа нови  станбени згради се градат не секој чекор.

    Овој проблем трае со години, па родителите мака мачат да ги згрижат децата. Дел од нив немајќи друг излез се приморани да ги запишуваат во приватни градинки. Друг проблем е и тоа што групите со оние деца кои се примени се големи, односно се згрижуваат и по 40 деца.

    Листи се создаваат оти со години не се вложува во изградба на нови објекти за предучилишно згрижување.  За волја на вистината во секој Детален урбанистички план покрај зградите се цртаат и маркички за градинки, но нив никој не ги гради, за разлика од зградите за кои инвеститорите се ‘тепаат‘ за маркички и поголема катност и никнуваат на секоја слободна парцела. Јавни градинки и училишта во некои планови не се ни цртаат како што е случајот за просторот кај „Холидеј ин“, а во некои планови колку да ги има се цртаат на приватни парцели, па потоа сопствениците не даваат согласност да се гради таков објект и на крај градинка нема, а околу никнале десетици нови згради.

    Според податоците од пописот во 2021 бројот на жители во Скопје е 526.502 лица, што претставува раст на населението за 3,9 отсто во однос на пописот од 2002 година.Бројот на домаќинства во главниот град пораснал на 171.171, и во споредба со две децении претходно, е зголемен за 16,8 отсто. Дури 30,6 отсто е зголемен бројот на станови што ги регистрирале попишувачите во главниот град во споредба со 2002 година, односно во Скопје лани имало 213.850 станови,

    САКАМДАКАЖАМ.МК побара одговори од скопските општини колку деца се на листа на чекање и што изминативе 10 години е направено за овој проблем односно колку нови градинки се изградени. Според податоците кои ги добивме во Скопје над 3.000 деца се на листа на чекање, а сите нови градоначалници велат дека во минатото ништо не било направено по ова прашање, а сега тие ветуваат дека ќе изградат неколку нови објекти.

    • Аеродром – 918 деца на листа на чекање

    Во Општина Аеродром има две главни детски градинки „Срничка“ и „Буба Мара“ со вкупно 11 клонови, а на територијата на општината има и 2 приватни градинки. Во моментов во ЈДГА „Буба Мара“ се згрижени 1.120 деца, а на листа на чекање се 275, додека во „Срничка“ се згрижени 1.356 деца и 643 се на листа на чекање.

    „Што се однесува до дечиња, кои веќе одат во нашите градинки од други општини, бројот е незначителен. Вистинскиот предизвик е, всушност, во изградба на нови капацитети, односно нови установи или проширување на постојните. Поради очигледниот недоволен капацитет, во наредниот период се предвидува изградба на нови 3 до 4 градинки на територијата на Општина Аеродром со комплетирање на целокупната проектна документација, од кои се планира барем една да биде пуштена во употреба до крајот на годинава“, велат од Општина Аеродром

    • Центар – 200 деца на листа на чекање

    Во моментов, во градинките во Општина Центар чекаат околу 200 деца кои, како што велат од Општината ќе бидат примени од месец септември.

    „Општина Центар во 2015 го изгради матичниот објект на градинката Кочо Рацин, изминатите неколку години реконструиравме целосно 6 објекти – матични објекти и клонови на градинките, а наскоро е во план и изградба на нова детска градинка во населбата Пролет. Приемот на деца во општинските детски градинки се врши по критериуми, каде предност имаат децата со адреса на живеење во Општина Центар. Законот за Заштита на деца овозможува запишување на деца и од други општини и ние како централна општина имаме и законска и морална обврска да им излеземе на родителите во пресрет, доколку во тој момент има слободни капацитети“, велат од Општина Центар.

    • Ѓорче Петров – 500 деца на листа на чекање

    Во Ѓорче Петров над 500 деца се на листа на чекање во градинките. Приемот во градинка се одвива по пат на електронска пријава и процесот во целост се почитува. Сите 5 објекти на градинката „Росица“ се со капацитет од 730 деца. Во моментов се згрижени 805 деца со одлука на Совет за зголемување на бројот во групите.

    „ Свесни сме за проблемот со недостиг на капацитети во градинките, но интензивно работиме на негово решавање. Во поновата историја отворени се неколку објекти и тоа во 2012 година објект „Пампурче“, во 2014 година објект „Рипчиња“ и во 2016 година објектот „Кокиче“.Планот за намалување на бројот на оние што чекаат е отворањето на новите три занимални во клонот „Детелинка“ која ќе има опфат од околу 100 деца. Просториите можеа да бидат отворени уште пред 5 месеци, но проблем е што Министерството за труд и социјална политика не ни дава согласности за вработувања. Очекуваме до септември да биде отворена и новата градинка во Волково, ако навремено добиеме согласности за вработувања. Таму ќе се запишат дополнително уште 200 дечиња“, велат од Општина Ѓорче Петров.

    • Кисела Вода – 200 деца на листа на чекање

    Во 12 објекти на јавните детски градинки во Општина Кисела Вода се запишани вкупно 2012 дечиња. Листите на чекање, како и во сите скопски општини, така и во овие, се полни и на нив има околу 200 дечиња.

    „Во Општина Кисела Вода во изминатите 10 години се изградени 5 нови градинки. Во 2013 година, во времето на градоначалникот Билјана Беличанец Алексиќ беше пуштена во употреба тукушто изградената градинка во селото Драчево, а потоа, во нејзиниот мандат се изградија три целосно нови – во Припор, во Црниче и во Пинтија. Во времето на градоначалникот Филип Темелковски е изградена една градинка, но истата имаше големи технички недостатоци и не можеше да се отвори. Сега градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, успешно ги надмина овие пречки, со што истата ќе биде отворена и ќе обезбеди место за 100 дечиња. Во периодот што следува ќе се отворат уште две нови, или вкупно три градинки со вкупен капацитет од околу 400 дечиња. Во Усје веќе се одвиваат подготвителните активности за отворање на нова градинка, преку адаптација со пренамена на објектот. Тука ќе се згрижат околу 70 деца, пред се’, од овој дел на градот, односно од населбите Усје, Стаклара и Градинар. Паралелно, во населбата Расадник во моментов се работи на проектот за изградба на сосема нов објект кој ќе биде во рамките на постојната, ЈДГ “8 Март”. Летово таму отпочнуваат градежни активности за изградба на нови 800 квадратни метри во кои ќе се згрижат околу 250 деца. Пред неполн месец, пак, го проширивме и капацитетот на објектот “Синоличка. Сметаме дека кога ќе ги отвориме сите овие објекти, во Општина Кисела Вода ќе има место за згрижување на сите дечиња од овој дел на градот“, велат од Општина Кисела Вода

    • Карпош – 306 деца на листа на чекање

    Во Општина Карпош во моментот има 306 деца кои чекаат за запишување во градинка. Истовремено 200 деца чии родители не се жители на Карпош ги посетуваат градинките во општината.

    „Во моментот од постоечките капацитети за сместување и згрижување на деца во градинките има слободни 11 училници каде што би можеле да се сместат од 150 до 180 деца. Истите не можат да бидат ставени во функција затоа што Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии не даваат согласност за вработување на кадар – воспитувачки и негувателки. Од надлежните министерства се чека и одобрување за пополнување на околу 25 испразнети места на воспитувачки, негувателки и технички персонал кои од различни причини веќе не работат во градинките. Поради тоа ситуацијата во градинките е повеќе од драматична. Во однос на зголемување на капацитетите во последните десет години изградена е една нова градинка во Бардовци, клон на градинката „Распеана младост“ со капацитет од 70 деца. Проширени се капацитетите на градинката „Бумбарче“ клон на градинката „Пролет“ во урбаната заедница Кузман Јосифовски Питу со три училници за 60 деца. Изграден е нов објект на местото на старата градинка  Мајски цвет во Тафталиџе 2 со зголемен капацитет за 20 деца. Во тек е проширување на капацитетите на градинката „Орце Николов“ со што ќе се добијат четири нови училници, односно ќе се добие простор за сместување на 100 деца. Овој објект ќе биде пуштен во употреба во септември годинава. Исто така предвидено е изградба на четири нови градинки на територијата на општина Карпош, како и проширување на други постоечки капацитети“, велат од Општина Карпош.

    • Гази Баба – 460 деца на листа на чекање

    Во Општина Гази Газа на листа на чекање со 460 деца.

    „Во Гази баба се градат две нови градинки и тоа во Трубарево и Керамидница каде капацитетот ќе биде за 250 дечиња. Планирано е изградба на уште две градинки во Инџиково и Сингелиќ со капацитет за околу 250 деца, како и проширување на капацитетот на постојните.

    • Бутел – нема листа на чекање

    Во градинка “11 Октомври” нема листа на чекање. Редовно се примаат сите деца чии родители побарале упис во градинката.

    „Во однос на ова прашње во општина Бутел е поразлична состојбата. Немаше голема градежна експанзија, но потребата за нови капацитети на градинката е проблем уште со самото формирање на општината Во изминатите 10 години на ова поле е направено многу малку. Изградена е само една нова градинка ( доградба ) во населеното место Радишани со сместувачки капацитет од 120 деца Со цел решавање на овој голем децениски проблем Општина Бутел започнува со изградба на нова детска градинка во дворот на ООУ “Св. Климент Охридски”. Целата проектна документација е готова и по добивање на одобрението за градба ќе се започне со реализација на овој проект. Планирано е за околу еден месец да се започне со изградба. Новата грдинка ќе има сместувачки капацитет за 150 деца“, велат од Општина Бутел.

    Од Министерството за труд и социјална политика велат дека во континуитет работат  на зголемување на опфатот на деца од предучилишна возраст преку отворање на нови капацитети за згрижување и воспитување на деца се со цел да се зголеми  бројот на опфатот на  деца  во загрижувачко воспитниот процес .

    „На територијата на Град Скопје постојат 23 Јавни установи за деца – детски градинки  со 90 објекти. До крајот на годината, предвидено е отворање на уште 4 објекти во Општините Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром и Сопиште, а градинките во Чаир и Арачиново, кои се исто така во тек на градба, а ќе бидат отворени 2023 година. Со новите градинки бројот на нови деца ќе се зголеми за околу 1.000 деца во предучилишно воспитание. За Министерството за труд и социјална политика вложувањето во детската заштита е приоритет. За тоа потврдува фактот дека од 2017 година досега отворени се 69 детски градинки, зголемен опфат за околу 4.300 деца на ниво на држава“, велат од Министертсвото за труд и социјална политика.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира