76 МИЛИОНИ ЕВРА ПРЕДВИДЕНИ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ АКО ТРЕБА НОВИ МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ, КАКО И ПАРИ ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ПЕНЗИИ

    76 МИЛИОНИ ЕВРА ПРЕДВИДЕНИ СО РЕБАЛАНСОТ НА БУЏЕТОТ АКО ТРЕБА НОВИ МЕРКИ ЗА ПОМОШ НА ГРАЃАНИТЕ, КАКО И ПАРИ ЗА ПОВИСОКИ ПЛАТИ И ПЕНЗИИКапиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година.(Фото: К.Попов)

    Нови, дополнителни 76 милиони евра во случај да се потребни нови мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка за фирмите, се предвидени со ребалансот на буџетот кој вчера го усвои Владата. Како што кажа министерот за финансии Фатмир Бесими обезбедени се дополнителни 52 милиони евра има за земјоделците, покачување на пензиите и платите на наставниците, како и субвенции за покачување на минималната плата.

    „Проектирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Обезбедуваме заштита – бафер, за да имаме простор за брза реакција со нови мерки за заштита на граѓаните и стопанството. Предвидовме дополнителни 3,2 милијарди денари за субвенции за земјоделците, со цел стимулирање на приносите и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехранбени производи. Исто така предвиден е пораст на трансферите до општините за покачување на платите на вработените во градинките, како и за вработените во основните и средните училишта за 15% почнувајќи од септември 2022 година. Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на пензиите. Планирани се средства за програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати“, рече Бесими.

    Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9% повисоки во однос на иницијалните проекции на буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16,1 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП.

    Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Сепак, како што кажа Бесими оваа сума е за 8,8 милијарди денари повисоко во однос на минатата година или за 16,1 милијарди денари односно два пати повисоко во однос на 2020 година.

    .Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2%, во линија со проекцијата на ММФ, додека стапката на инфлација во 2022 година е проектирана на 7,2%. Растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9%, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5%. Просечната нето-плата се очекува забрзано да расте со проекција од 11% за 2022 година.

    А. АНТЕВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира