АКО ОСЛЕПЕТЕ ИЛИ ОСТАНЕТЕ ИНВАЛИД НА 65 ГОДИНИ ИЛИ ПОДОЦНА, НЕ МОЖЕТЕ ДА БАРАТЕ НАДОМЕСТ ЗА ПОПРЕЧЕНОСТ, ОМБУДСМАНОТ РЕАГИРА НА ДИСКРИМИНАЦИЈА

АКО ОСЛЕПЕТЕ ИЛИ ОСТАНЕТЕ ИНВАЛИД НА 65 ГОДИНИ ИЛИ ПОДОЦНА, НЕ МОЖЕТЕ ДА БАРАТЕ НАДОМЕСТ ЗА ПОПРЕЧЕНОСТ, ОМБУДСМАНОТ РЕАГИРА НА ДИСКРИМИНАЦИЈА„Каков сака нека има наод од лекарски конзилиум за тешка телесна попреченост, лице кое наполнило 65 години, има забрана да бара надомест од државата“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител. (Фото: СДК.МК)

Граѓаните кои се повредиле, ослепеле, стекнале телесна или интелектуална попреченост или на каков било начин се инвалидизирале со наполнети 65 години, немаат право на додаток од државата. Ништо не им следува, бидејќи не ослепеле или не останале инвалиди пред да наполнат 65 години.

Овие ограничувања во членот 44 ги дава новиот Закон за социјална заштита, донесен во 2019 година. Претходната верзија на овој закон предвидуваше баратели на надомест за телесна попреченост може да бидат лица со наполнети 26 години и немаше ограничување за старост. Актуелниот закон вели од 26 до 65 години. После тоа, не е дозволено да се поднесува барање за ваков надомест.

Овие случаи остануваат да висат, без никаков надомест. За да користат социјална пензија во износ од 6.000 денари, плус по 1.000 денари за дрва или други енергенси од октомври до март, согласно Законот за социјална сигурност на стари лица, има услови: да не се корисници на пензија, да немаат имот на нивно име од кој можат да се издржуваат, сопругот или сопругата да не примаат плата, пензија. Во спротивно, тие се оставени на немилост, без примања. Или, да го живеат остатокот на животот на плеќите на брачниот другар.

Заменичката на Народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа од Уставниот суд добила упатство да се обрати за примената на член 44 од Законот за социјална заштита за ограничувањето до 65 години до Собранието на Република Северна Македонија. (Фото: СДК.МК)

„Каков сака нека има наод од лекарски конзилиум за тешка телесна попреченост, лице кое наполнило 65 години, има забрана да бара надомест од државата. Џабе му е. Министерството за труд и социјална политика го упатува на Законот за социјална сигурност на стари лица по 65 години. Народниот правобранител смета дека тоа е нелогично. Тоа е тешка дискриминација врз овие граѓани“, вели Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик на Народниот правобранител Насер Зибери.

Во март, пред Народниот правобранител претставка поднел И.К. од Градско зашто со лекарски наод дека е лице со телесна попреченост, од подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика бил одбиен за надомест од државата.

Одбиен е зашто има веќе 65 години.

Пред да поднесе претставка кај Омбудсманот, иницијатива за поништување на дискриминаторскиот член 44 од Законот за социјална заштита тој поднел и пред Уставниот суд, во јануари лани.

Заменичката-народен правобранител Бајрамовска-Мустафа отворила предмет по претставката на И.К.. Му пишала на Уставниот суд до каде е тој предмет и што прави Уставниот суд со оваа иницијатива.

Таа го потсетила највисокиот суд дека иницијатива против дискриминаторскиот член 44 претходно поднело и лицето А.Д. од Прилеп, а од Уставниот суд добила упатство Народниот правобранител да се обрати за примената на член 44 за ограничувањето до 65 години до Собранието на Република Северна Македонија.

И.К. е во инвалидска количка, има 72 години. Има решение од лекарски конзилиум на 11.11.2019 година дека може да го оствари правото на мобилност. Него и градоначалникот на Градско Роберт Бешовски го носел со автомобил на лекарски прегледи, бидејќи не може да се движи сам.

Патувал и сам откако ќе најде, како што вели во претставката до омбудсманот, силни момци да го симнат од вториот кат од куќата, да оди по прегледи за дијагноза за да може да побара надомест за попреченост. Плаќал и по 1.650 денари за такси превоз. И на крајот, бил одбиен за надоместокот, зашто не е под 65 годишна возраст.

„Сатани, ѓаволи, вампири, страшила…, што сме ние над 65 години?, го прашува И.К. и Уставниот суд, чекајќи ја правдата.

За споредба, 1.300 рамковни вработени над десет години не одат на работа и ја чинат државата 9,5 милиони евра годишно.

С. К. ДЕЛЕВСКА


ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира