БАДЕНТЕР ВО ЗАКОНОТ ЗА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ЌЕ ИМ ДАДЕ ШАНСА НА ЛОКАЛНИТЕ МОЌНИЦИ ДА ГИ ДОУНИШТАТ ОХРИД И СТРУГА

    БАДЕНТЕР ВО ЗАКОНОТ ЗА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ЌЕ ИМ ДАДЕ ШАНСА НА ЛОКАЛНИТЕ МОЌНИЦИ ДА ГИ ДОУНИШТАТ ОХРИД И СТРУГАГрупа граѓански организации предупредуваат дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор. - Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко на отворање на пицерија со дива тераса кај Чинарот во Охрид, чиј сопственик е советникот на ДУИ во Општина Охрид Нефи Усеини (Фото: Фејсбук)

    Примената на Бадентеровиот принцип во предложениот Закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат на сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи Советот за Охридскиот Регион и тоа ќе значи понатамошно уништување на Охридскиот регион и со сигурност ќе биде причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година, реагираат група граѓански организации.

    Тие алармираат дека текстот на предложениот закон, кој е влезен во собраниска процедура, не е ист со оној кој беше дискутиран на јавната расправа на крајот на 2018 година и презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку.

    „Предлагачите во него додале член со кој уредува примена на т.н. Бадентеровото мнозинство (односно двојно мнозинство) при носење на препораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион“, велат граѓанските организации.

    Тие сметаат дека ваквиот начин на носење одлуки на Советот за Охридскиот регион не е во согласност со Охридскиот рамковен договор, бидејќи Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа, каде избрани претставници носат одлуки во името на граѓаните.

    „Во конкретниот случај се работи за стручно тело со советодавна улога, чиј мандат е точно определен во членот 9 од Предлог-законот, односно тело кое дава мислења, препораки и предлози заради зачувување на природата и културното наследство на Охридскиот Регион, но не донесува одлуки“, велат граѓанските организации и бараат од Министерството за култура да го достави оригиналниот закон и Собранието да расправа по тој текст.

    Од Владата бараат да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување незаконските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи со Уставот, а кои посебно влијаат на природното и културното наследство.
    Еко-свест Скопје, ДОМ Битола, ЕкоГерила Тетово, Еко Живот Кавадарци, Извиднички Поречански Одред Крсте Јон Струга, Фронт 21/42 Скопје, Центар за климатски промени Гевгелија, Охрид СОС, Еко ЛОГИК Скопје и Анима Мунди Скопје се граѓанските организации кои реагираат на предложениот закон.

    Претходно, од невладината Фронт 21/42 предупредија дека Министерството за политички систем не треба да има член во Советот за Охридскиот Регион.

    „Целта на новиот закон беше да се деполитизира управувачкото тело а неговата структура да стане стручна. Токму затоа баравме и беа вметнати критериуми за стручност и за експертиза за членовите. Ваков предлог за член од министерството за политички систем никогаш не бил разгледуван од страна на работата група која работеше на законот, ниту пак доставен како коментар во периодот на консултациите. Членот од министерството за политички систем е додаден без знаење на „Фронт 21/42“ и без дискусија ниту со работната група ниту со јавноста. Министерството за политички систем нема никаква улога ниту надлежност во управување и заштитата на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, велат од Фронт 21/42.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира