Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска најверојатно без гласање на пратениците, само ќе ја констатира писмената оставка на азилантот – пратеник Никола Груевски. Тој е во бегство и не може да ја образложи поднесената оставка пред пратениците. Џафери се координирал со сите пратенички групи, а денеска треба тоа да го стори и со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Државната изборна комисија за денеска го викнала Ѓоко Камчев од Валандово, кој е следниот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ од парламентарните избори во 2016 година, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Тој ќе биде место Груевски, на листата од четвртата изборна единица. Камчев беше пратеник од 2014 до 2016 година.
Груевски има неколку мерки притвор, покрај затворската казна од две години. Обвинителката Вилма Рускоска го бара и како еден од осомничените организатори и нарачател на насилствата и обидот за убиство во Собранието на 27 април 2017 година.
С. К. ДЕЛЕВСКА