ДО 11 ЈАНУАРИ ВО ЗЕМЈАВА НЕ Е ПОТВРДЕН НОВИОТ СОЈ НА КОВИД-19 ОД БРИТАНИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ДО 11 ЈАНУАРИ ВО ЗЕМЈАВА НЕ Е ПОТВРДЕН НОВИОТ СОЈ НА КОВИД-19 ОД БРИТАНИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВООд почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми при што е утврдено присуство на 20-ина соеви на вирусот. (Фото: Ѓ. Личовски )

    До 11 јануари во земјава не е утврдено присуство на новиот сој на ковид-19 од Велика Британија, вели Министерството за здравство. Новиот сој на коронавирусот кој прво се забележа во Велика Британија се покажа дека побрзо се шири, но здравствените власти уверуваат дека вакцините против ковид-19 се ефикасни и против мутациите. Новиот сој беше откриен и во Шведска, Франција, Германија и Шпанија, како и во Хрватска и Словенија, а од вчера и во Србија.

    Овие наоди се базирани на податоците од лабораторијата на Истражувачкиот центар во МАНУ добиени при анализа на геномите на близу 180 ковид пациенти од Македонија дијагностицирани во периодот јуни 2020 – 11 јануари 2021 година.

    „Во лабораторијата во МАНУ се врши секвенционирање на целиот геном на вируси детектирани кај пациенти со ковид-19 од нашата држава со цел да се утврдат соевите на вирусот кои циркулираат во нашата популација, начинот на нивното ширење и можната корелација со различната клиничка презентација на болеста. Последните податоци се однесуваат на анализа на 50-тина геноми во периодот декември 2020 – 11 јануари 2021 година“, велат од Министерството.

    Од почетокот на пандемијата досега се анализирани близу 180 вирусни геноми при што е утврдено присуство на 20-ина соеви на вирусот.

    Соевите се изолирани од пациенти од различни градови од државата. Од присутните соеви на вирусот, два (B.1.1 и B.1.1.70) се доминантни во нашата популација, присутни кај >75% од пациентите. И двата соја се присутни од почетокот на пандемијата, од кои B.1.1 сојот (присутен во цела Европа, а со највисока застапеност во Грција, Италија, Австрија, Шведска, Турција, Русија итн) има стабилна фреквенција, додека фреквенцијата на B.1.1.70 сојот (присутен со повисока фреквенција во Србија, Хрватска, Косово) се зголемува во последните месеци и во моментот е доминантен кај анализираните пациенти.

    Ова зголемување кај B.1.1.70 сојот корелира со присуство на дополнителна мутација (Q677H) во -S-генот (spike протеинот) на вирусот која е за првпат детектирана во јуни 2020 кај пациент со COVID-19 од Охрид и овој варијантен сој е доминантен од месец ноември наваму во нашата земја. Истиот во меѓувреме е детектиран со ниска фреквенција и во неколку други земји, меѓу кои Швајцарија и Данска.

    „И покрај тоа што не се направени функционални испитувања на оваа варијанта, согласно епидемиолошките податоци за стивнување на епидемијата во нашата земја во последниот период, се претпоставува дека варијантниот сој не е поврзан со зголемена трансмисивност ниту пак со тежината на клиничката слика на заболените“, додаваат од МЗ.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира