Над 5.800 артефакти кои биле пронајдени за време на капиталните истражувања на Калето во Скопје ќе бидат дел од поставката во Музејот на праисторијата и Музејот на отоманското наследство. Во 2011 почнаа да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но на нив не се работеше до пред 2 години.
Калето во моментов е уредено и чисто, но не нуди никаква содржина за бројните домашни и странски посетители.
Директорките на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова и на Управата за заштита на културното наследство Весела Честова нѐпрошетаа низ двата музеја каде е при крај уредувањето на објектите и се очекува за месец-два да бидат отворени за јавноста. Автор на концептот на поставката е проф. д-р Драги Митревски, кој беше раководител за капиталните истражувања.

Директорките на Археолошкиот музеј Магдалена Манаскова и на Управата за заштита на културното наследство Весела Честова. (Фото: К. Попов)
Манаскова вели дека Музејот на праисторијата не е трајна градба, намерно е замислена како градба од привремен карактер и, всушност, заштитува дел од локалитетот.
„Ние сме, всушност, во локалитетот. Музејот на праисторијата презентира дел од локалитетот од најстарите слоеви на живот на Скопско Кале, почнувајќи од енеолит. Замислено е преку стаклениот под да се види дека долу има остатоци од куќи. Имаме остатоци од раниот неолит и се движиме понатаму кон бронзено време. Сѐ тоа ќе биде, придружено со соодветни наоди коишто ќе бидат во куќите, за посетителите да имаат претстава за каков вид на живеалишта станува збор. Профилот е оставен за да го прикаже животот на Калето од петтиот милениум пред нашата ера, па сѐ горниот слој, тој е слојот на газење, всушност, од модерно време“, вели Манаскова.

Музејот на праисторијата не е трајна градба, намерно е замислена како градба од привремен карактер и, всушност, заштитува дел од локалитетот.(Фото: К. Попов)
Честоева вели дека Управата, преку Владата, е инвеститор на овие два објекта и дека работите, што се однесува до Управата, се 100 отсто завршени. Паралелно со процесите за санација на музеите, тече и процесот со подготвување на археолошкиот материјал.

Автор на концептот на поставката е проф. д-р Драги Митревски, кој беше раководител за капиталните истражувања. (Фото: К. Попов)
„Станува збор за поправка, тековно одржување, санација и адаптација на овие два објекти коишто, за жал, изминатите седум години беа оставени на милост и немилост. Управата за заштита на културно наследство, преку Владата, обезбеди финансиски средства во висина од 8 милиони денари и врз основа на тоа, влезе во тој процес да ги заврши овие два музеја и да ги стави на располагање посетителите коишто, како што можеме да забележиме, сѐ навистина во голем број. Во моментот работиме на Музејот за отомански период. Таму течат работите на санација на кровот, бидејќи кровот е во многу лоша состојба за да може да се среди машинството и електриката. Паралелно со овие два процеси тече и постапката за впишување преку Агенцијата за катастар, бидејќи Управата мора да биде корисник за да може да ги отстапи на на Археолошкиот музеј, којшто ќе се погрижи, за ентериерното уредување. После ние со одлука ќе го отстапиме, бидејќи ние како Управа не можеме да ја водиме музејската дејност. Тука веќе е извршено тестирање на машинството, на електриката, на противпожарната дојава, на видеонадзорот и во секој момент треба да влезе тука Археолошки музеј со неговиот дел“, кажа Честоева.

Музејот на праисторијата презентира дел од локалитетот од најстарите слоеви на живот на Скопското Кале, почнувајќи од енеолит. Замислено е преку стаклениот под да се види дека долу има остатоци од куќи. (Фото: К. Попов)
Формирана е работна група од Управата, каде што се вклучени лица и од Музејот на Град Скопје и од Археолошкиот музеј, кои работат на инвентарирање на материјалот. Тој материјал треба да биде внесен во овие два музеја за да можат да бидат отворени.
Манаскова вели дека над 5.800 предмети со одлука на Владата, Управата за заштита го предаде на Археолошкиот музеј, материјалот којшто е пронајден при капиталните истражувања на Калето.
„Стручни лица од страна на Управата за заштита, Археолошкиот музеј и од Музејот на Град Скопје извршија ревизија на материјалот и согласно ревизијата, потребно е одреден дел од материјалот пред да биде изложен да подлежи на процес на реконзервација. Кога музеите биле во завршна фаза, паралелно и во тоа време е работен процес на конзервација на материјалот, меѓутоа, за жал, материјалот е оставен на милост и немилост и никој во долг временски период му нема посветено соодветно внимание како што треба. Првпат се отвори материјалот од страна на комисиите коишто ние како институции ги формиравме. Согласно извршената ревизија, заклучивме дека дел од материјалот пред да биде изложен мора да подлежи на процес на реконзервација, да се заштити повторно пред да биде ставен во витрините“, рече Манаскова, додавајќи дека додека не завршат со работа на материјалот, нема да ги внесат, без разлика што музеите се завршени.
Манаскова додава дека работат паралелно на концептот, односно на сите придружни елементи коишто ќе бидат како дополнување на изложбата. Се работи на банери, на еден дел којшто ќе биде интерактивен за посетителите. Наместо класични печатени материјали, во поставката дел од објаснувањето ќе биде на таблети.
Честова рече дека од Конзерваторскиот центар Скопје изготвен е елаборат и е доставен на Националниот совет. Со елаборатот е предвидено Градот Скопје да управува со целата споменична целина, со тоа што Конзерваторскиот центар ќе биде надлеежен за недвижното, а Археолошкиот музеј за движното културно наследство.
„Чекаме да помине предлог-одлуката на Националниот совет и да заврши и овој процес, со што Градот Скопје би го преземал целиот локалитет со негово управување. Тоа значи и во делот на одржување на самиот објект, тука ќе се вклучи хигиена, паркови и зеленило и дополнителни содржини, што до сега тоа претставуваше голем проблем во делот на функционирањето на Кале. Се предвидува и кафуле, сувенирница, игралишта за деца“, додава Честоева.

Кулата 4 од Калето е адаптирана во Музеј на отоманскиот период. Просторот е на 3 спрата. (Фото: К. Попов)
На нашето прашање што ќе се случува со третиот музеј, посветен на средновековенниот период, Честоеви вели: „Во моментов, за третиот немаме обезбедено средства. Има некоја иницијатива и од страна на Градот Скопје дека и третиот музеј треба да се стави во функција, но во овој момент јас не би можела да зборувам за третиот музеј“.
Во октомври 2024, говорејќи на прес-конференцијата за 100 дена Влада, министерот за култура и туризам Зоран Љутков кажа дека локалитетот изгледа ужасно но, целта е Калето да биде отворено за јавноста и дека се обезбедени средства преку Управата за заштита на културното наследство.
„Тргнати сме во постапка за отворање на музеите. Има Музеј од праисторија, од османлиски и од средновековен период, треба да се довршат. Таму има преголема вегетација, ќе се расчисти целиот простор и ќе почнеме официјално да го отвориме просторот за посетители. Бидејќи сега се посетува на диво, нема никаква заштита, претпоставувам дека е опасен за движење. Јас бев пред 2 недели таму и изгледа ужасно. Имаме работна група која ја обезбедува целата документација што е потребно за да се отвори. Не треба многу, со многу мали решенија ќе можеме да го отвориме Калето и а понатаму ќе продолжиме со отворање на музеите“, рече министерот.
Тогаш, на новинарско прашање дали очекува тензии, бидејќи во 2011 македонски и албански демонстранти се тепаа со камења поради најавите дека ќе се гради музеј-црква, едните во име на одбрана на објектот, а другите, противници на неговата изградба, Љутков рече: „Таму нема да има црква. Тоа се музеи. Треба да разграничиме што се музеи и не знам што е проблематично. Музејот на средновековниот период е останат во таква форма како што е. Тоа беше политичка одлука не беше рационална. Не можам да разберам зошто би се создавале тензии. Тоа било недоразбирање“.
- МУЗЕИТЕ НА СКОПСКОТО КАЛЕ ЌЕ БИДАТ ЗАВРШЕНИ ДО МАРТ, РЕЧЕ ЉУТКОВ
- ПОЧНА ДА СЕ ЧИСТИ СКОПСКОТО КАЛЕ, СО 130.000 ЕВРА ЌЕ СЕ РЕКОНСТУРИРААТ ДВАТА ВЕЌЕ ИЗГРАДЕНИ МУЗЕЈА КОИ ПРОПАЃААТ ОТИ НЕ СЕ ОТВОРИЈА
- СКОПСКОТО КАЛЕ ИЗГЛЕДА УЖАСНО, ПРВО ЌЕ ГО ИСЧИСТИМЕ, ПА ЌЕ ГИ ОТВОРИМЕ ТРИТЕ МУЗЕИ, ВЕЛИ ЉУТКОВ
Б. НЕСТОРОСКА





