ЕДНА ТРЕТИНА ОД ПОЧИНАТИТЕ ОД КОВИД-19 УМРЕЛЕ ВО РОК ОД ТРИ ДЕНА ПО ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА И ПРИ ПРИЕМ ВО БОЛНИЦА

    ЕДНА ТРЕТИНА ОД ПОЧИНАТИТЕ ОД КОВИД-19 УМРЕЛЕ ВО РОК ОД ТРИ ДЕНА ПО ХОСПИТАЛИЗАЦИЈА И ПРИ ПРИЕМ ВО БОЛНИЦАОд вкупно заболените од КОВИД-19 досега, повеќе се жени (1.437) од мажи (1.353), но кај починатите, мажите се двојно повеќе, 101 наспроти 48. - Лекари од болницата „8 Септември“ каде што се лекуваат најтешките случаи, пред прославата на Денот на Европа 9 Мај - (Фото: К. Попов)

    Една третина (33,61%) од починатите од КОВИД-19 умреле во рок од три дена од хоспитализација, вклучувајќи и 4,1 отсто кои починале при прием во болница, покажуваат податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Според лекарите со кои разговараше САКАМДАКАЖАМ.МК, голем број од заболените одат во болница дури откако ќе дојде до сериозно влошување на состојбата, поради што на докторите не им остануваат многу опции за нивно третирање.

    До вчера (5 јуни) во земјава беа регистрирани 149 починати од регистрираните позитивни на КОВИД-19. Во таа бројка влегуваат и лицата кај кои беше правен тест по смртта. Некои од овие случаи се регистрирани и кај починати во несреќи или самоубиства за кои постмортем тестирање побарал јавен обвинител.

    Статистиката на Институтот покажува дека 42,62 отсто починале 6 до 14 дена по приемот во болница, а 16,39 отсто умреле по повеќе од две недели во болница. Според податоците на ИЈЗ, 7,38 отсто починале дома.

    Од вкупно заболените од КОВИД-19 досега, повеќе се жени (1.437) од мажи (1.353), но кај починатите, мажите се двојно повеќе, 101 наспроти 48. До вчера, активни случаи беа 1.009 лица, што е 36,2 отсто од досега заболените. Оздравени беа 1.632 лица или 57,5 отсто.

    Најголем дел од смртните случаи се на возраст над 60 години (62%). Од починатите, кај 113 (75,8%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (54%), дијабет (20%) и белодробна болест (19%).

    Според процентот на заболени од вкупниот број жители, најмногу регистрирани случаи на КОВИД 19 има во Куманово, по што следат Прилеп, Велес, Дебар, Скопје, Струга и Тетово.

    Најмногу активни случаи до 5 јуни има во Скопје – 549, по што следат Куманово со 110, Штип со 106, Тетово со 100 и Прилеп со 31.

    Во Скопје, општина со најмногу заболени (податоци од 5 јуни) е Чаир со 134 активни случаи. Следуваат Бутел со 56, Гази Баба со 55 и Аеродром со 50.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира