ГАЗДАТА ДЕЈАН ЈОВАНОВ-ДЕКО БИЛ СТАВЕН ВО ЗАБЛУДА ОД НАДЛЕЖНИТЕ И ТОЈ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА САМО ЗА НЕБРЕЖНОСТ, РЕЧЕ НЕГОВАТА АДВОКАТКА И ЈА ПРЕФРЛИ ВИНАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС“ ВРЗ „ДНК“ И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИ

    ГАЗДАТА ДЕЈАН ЈОВАНОВ-ДЕКО БИЛ СТАВЕН ВО ЗАБЛУДА ОД НАДЛЕЖНИТЕ И ТОЈ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА САМО ЗА НЕБРЕЖНОСТ, РЕЧЕ НЕГОВАТА АДВОКАТКА И ЈА ПРЕФРЛИ ВИНАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО „ПУЛС“ ВРЗ „ДНК“ И ОСТАНАТИТЕ ОБВИНЕТИИстата бранителка рече дека и синот Михаил Јованов е невин исто како таткото Дејан, но е таму само зашто му е син. (Фото: СДК.МК)

    Адвокатката на првообвинетиот за катастрофалниот пожар во Кочани Дејан Јованов-Деко, газда на импровизираната дискотека „Пулс“ во која на 16 март загинаа 63, а над 200 лица се повредени, ја почна серијата воведни говори ослободувајќи го од буквално секаква вина за трагедијата. Прво кажа дека не е монструм, туку е човек, го анализираше обвинението од технички аспект наведувајќи аномалии во него, а потоа почна да ја насочува вината кон инспектори, општински и државни органи.

    Рече дека нејзиниот клиент немал никаква умисла како што се товари во обвинението и оти може да одговара само за небрежност. Додаде дека бил во заблуда, како од сопственикот на објектот дека е граден по стандарди, така и од надлежните органи кои требало убаво да проверат.

    Таа ги закачи скоро сите обвинети – од членовите на групата „ДНК“ за користење на пиротехниката, за која рече дека без пријава кај Јованов тие сами си ја внеле, до обезбедувањето и вистинскиот сопственик на објектот и тие што му велеле дека безбедносно тој е во ред и му давале лиценци.

    Со тоа што во воведниот говор ги обвини практично речиси сите останати 34 обвинети, таа му оддаде признание на Обвинителството што ги стави во едно обвинение сите на куп. Во јавноста, меѓу другото, се дискутираше дали сите овие 35 луѓе требаше да бидат во едно обвинение или не.

    Сите 35 обвинети се изјаснија за невини на денешното судско рочиште.

    Дејан Јованов-Деко е оснивач и сопственик на „Класик ДМ кафе“ на чие име се добивала лиценца за дивото диско „Пулс”.

    Адвокатот на второобвинетиот Митко Стојанов, директор на фирмата „Класик ДМ кафе” на чие име била една од лиценците за „Пулс“, рече дека единствената вина на неговиот клиент е што е жив, бидејќи сторил се да им помогне на жртвите. Индиректно ги обвини надлежните органи дека работите во Македонија се прават отприлика добри, но не целосно во ред и законски и оти се додека е така, ќе има несреќи и трагедии.

    Истата адвокатка на таткото Јованов даде воведен збор и за синот, Михаил Јованов. Таа рече дека и Михаил е невин и оти има нелогичности во обвинението за него. Кажа дека Обвинителството нема докази против него, а тука е меѓу обвинетите, само дека е син на Дејан Јованов.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира