ИСЧЕЗНА БОРИС САРАФОВ, НИТУ ГРАД СКОПЈЕ НИТУ АВТОРКАТА СТЕФАНОВСКА НЕ ЗНААТ КАДЕ Е СПОМЕНИКОТ

    ИСЧЕЗНА БОРИС САРАФОВ, НИТУ ГРАД СКОПЈЕ НИТУ АВТОРКАТА СТЕФАНОВСКА НЕ ЗНААТ КАДЕ Е СПОМЕНИКОТАвторката Валентина Стефановска за вели дека не знае точно каде е однесен, само знае дека бил тргнат поради градежни работи на тој потег.- Споменикот на Борис Сарафов беше тргнат на 10 декември 2016 година.(архивска фотографија:СДК.МК)

    Исчезна споменикот на Борис Сарафов кој стоеше пред зградата на Министерството за надворешни работи, а е лична донација на скулпторката Валентина Стефановска.

    Ниту од Град Скопје, ниту пак авторката Стефановска не знаат каде е споменикот.  Споменикот на Борис Сарафов кој е висок пет метри и стоеше на триметарски постамент беше тргнат од пред МНР на 10 декември 2016 година. Тогаш од Град Скопје не кажаа зошто се трга споменикот и каде ќе се носи. Работниците кои тогаш ги затекнавме кај споменикот рекоа дека треба да го поместат само десетина метри.

    Од Град Скопје велат дека во документите кои ги наследиле од претходното раководство нема никакви податоци каде е однесен споменикот.

    „Град Скопје не го поставил, ниту го отстранил споменикот на  Борис Сарафов од пред МНР, а немаме конкретни сознанија дали тоа е направено од донаторот или некој друг, па затоа и не се знае каде заврши истиот“, велат од Град Скопје.

    Авторката Валентина Стефановска за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не знае точно каде е однесен, само знае дека бил тргнат поради градежни работи на тој потег.

    „Не знам каде е споменикот. Пред една година забележав дека е отстранет и прашав зошто е тоа направено. Ми реков дека пречи на механизацијата која изведува таму градежни работи и за да не се оштети ќе биде тргнат привремено а потоа пак ќе се постави. Не знам, најверојатно фирмата која ги изведувала градежните го однела во своите простории“, вели Стефановска.

    Стефановска го подари споменикот на Општина Центар во знак на благодарност за успешната соработка како автор на низа споменици. Нејзини дела се спомениците на Александар Македонски познат како Воинот на коњ на Плоштадот Македонија и Филип Втори со Олимпија на плоштадот кај црквата Св. Димитрија.

    Стефановска споменикот на Сарафов го најави во 2012 година, во последните месеци од градоначалникувањето на Владимир Тодоровиќ. Писмено се заблагодари за соработката на Советот на Општина Центар и образложи дека мотив за донацијата и било е разубавувањето на Скопје и развој на туризмот со сите поставени споменици.

    Откако во 2013 година градоначалникот на општина Центар стана Андреј Жерновски, Град Скопје со градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски ги презема во надлежност спомениците од проектот „Скопје 2014“.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира