Одѕивот на гласачите во вториот круг од локалните избори до 9 часот изнесува 2,88 отсто, при што своето право на глас го оствариле 22.379 граѓани, соопшти претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко. Во Град Скопје, одѕивот за избор на градоначалник е 2,46 отсто. Во првиот кург, излезноста беше 3 отсто.
„Гласачките места се отворени навремено и уредно, а гласањето се одвива во најдобар ред. Постапката тече непречено и досега немаме евидентирано никакви проблеми со изборниот материјал или со работата на избирачките одбори“, изјави Кондарко на прес-конференција.
Тој кажа дека единствено на избирачкото место 0385 во Дојран имало краток застој поради технички проблем со смарт картичка на уредот за биометриска идентификација, но проблемот е надминат и гласањето продолжило без прекин.
Кондарко најави дека во текот на денот, тимови на ДИК ќе вршат ненајавени посети на одредени избирачки места и општински изборни комисии со цел да го надгледуваат текот на изборниот процес. По 19 часот, тимовите ќе го следат и процесот на броење на гласовите за да се обезбеди поголема транспарентност. ДИК останува на препораката целиот состав на избирачкиот одбор да биде присутен за време на броењето.
Од Комисијата информираат дека се во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес при Јавното обвинителство, со цел превентивно да се реагира доколку се појави потреба.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Право на глас на 1.771 избирачко место имаат 1.013.375 граѓани, од кои 474.304 се во Скопје.



