КОГА РЕКОВ СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ, ЗГРЕШИВ, АМА КАКО ДА УБИВ НЕКОГО И ЕВЕ ЈАВНО СЕ ИЗВИНУВАМ ЗА ТОА, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР БОРИСОВ ВО СКОПЈЕ

    КОГА РЕКОВ СЕВЕРНОМАКЕДОНЦИ, ЗГРЕШИВ, АМА КАКО ДА УБИВ НЕКОГО И ЕВЕ ЈАВНО СЕ ИЗВИНУВАМ ЗА ТОА, РЕЧЕ БУГАРСКИОТ ПРЕМИЕР БОРИСОВ ВО СКОПЈЕ„Кога реков Северномакедонци, како да убив некого. Ненамерно згрешив и еве јавно се извинувам за тоа“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со премиерот Зоран Заев (Фото: К. Попов)

    Бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со премиерот Зоран Заев денеска во Скопје се извини, како што рече, за ненамерната изјава со која граѓаните на Република Северна Македонија ги нарече „Северномакедонци“, иако никој не го побара тоа од него.

    „Кога реков Северномакедонци, како да убив некого. Ненамерно згрешив и еве јавно се извинувам за тоа“, рече Борисов во Владата, на сосема друго прашање од новинарка од Бугарија, која го праша дали евроинтеграцијата на Република Северна Македонија е доведена во прашање и дали Бугарија ќе ја блокира нашата држава на тој пат.

    А за тоа прашање на новинарката ѝ одговори дека таа ги ставила него и Заев во понижувачка позиција.

    „Недопустиво е јас да кренам рака против Македонија. Но, комисиите за историските спорови треба секој ден да работат. Зоран е сведок како сум се борел со Франција и Германија за Договорот за пријателство и да ни дадат да работиме. Ни како мисла не сакам да ја имам, да ја блокирам Македонија“, рече Борисов.

    На конкретнто прашање кое беше поставено и од македонска и од бугрска новинарка: „Дали ако комисиите до октомври не успеат да се договорат чиј е Гоце Делчев, Бугарија ќе ги блокира преговорите на Македонија за влез во ЕУ?“, премиерот Борисов кажа:

    „Не, мора да постигне компромис. Мора комисиите да се договорат“.

    Прес-конференцијата заврши со уште едно длабоко „извини“ на Борисов што неодамна и Стево Пендаровски го нарече северномакедонски претседател.

    „Згрешив, згрешив“, рече тој и го прегрна Заев.

    Премиерот Заев рече дека двете земји веќе решиле четири историски личности кои заедно ги чествуваме.

    „Исто мислам дека ќе најдеме решение и за Гоце Делчев. Ние му оддаваме почит на Делчев преку заедничкото разбирање. Убеден сум дека делата на Делчев можат само да не поврзуваат. Ќе градиме пријателство и добрососедство, бидејќи тоа им го должиме на сите идни генерации“, рече Заев и додаде: „Поттикнати од минатото и иднината, ние покажавме дека нашите спорови може да ги решаваме без посредници. Заедно ќе положиме цвеќе на гробот на Гоце Делчев и ќе откриеме возобновениот споменик на полковник Каварналиев“.

    Премиерите Заев и Борисов потоа положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

    Борисов во Скопје ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски. Предвидено е Борисов и Заев потоа да заминат за Дојран каде што ќе го откријат споменикот на полковник Константин Каварналиев, кого Бугарите го слават поради саможртвата и спасувањето на илјадници цивили кои бегале од Грците за Втората Балканска војна во 1913. Во Првата балканска војна здружено против отоманска Турција војувале Бугарија, Грција и Србија. Во Втората балканска војна Бугарија војувала против Србија и Грција и меѓу другите изгубила дел од териториите во Македонија.

    М. ИЛИОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира